1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Некои исти клинци

27 септември 2018

Во земја во која никогаш немало дисиденство и во која „старите мудреци” се само пензионери чии систем-комунистички кариери започнале слично како и на денешните млади демократи, тешко е да се изроди некој Корбин, Сандерс.

Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Велат, во Европа нема левица. Била загушена и обвиена во прегратката на десниот популизам и бесната антифа. Велат дека нема ни големи леви лидери. Дека социјалдемократијата е издишена, обесмислена и џебџиски искорумпирана, како што е кај нас. Велат дека во Америка социјализмот е невозможен. Дека на американска земја не вирее идејата на левиот прогресивизам, на работничката социјалдемократија. Нонсенс. Во Европа има социјалдемократија. Проблемот е што живее во Лондон. И се вика Џереми Корбин. Кој не е дел од бриселската квази-левица. И во Америка има левица, има социјалдемократија и има голем лев лидер. Неговото име е Берни Сандерс, неговата идеологија втемелена врз работничката – не кафуледебатната – социјална идеја на рамноправност. 

Чудно е нели, колку сите ги знаеме овие две имиња а колку малку мислиме и зборуваме за нив. Но она што е почудно од сѐ е што станува збор за луѓе во зрела старост (Корбин има 69 години, Сандерс- 77) чија популарност е најголема токму кај младите луѓе, посебно академската студентарија. Популарност која напати наликува небаре станува збор за рок-звезди, а не за политичари со седи коси, потпросечен изглед, скромен социјален бекграунд, недостаток на скандал-екцеси, досаден стајлинг и воопшто кажано – нападна обичност во секој поглед. Тогаш што е тоа што овие два лика ги прави толку омилени, толку посебни и толку популарни кај младата популација?

Џереми Корбин, лидер на британските ЛабуристиФотографија: Getty Images/AFP/O. Scarff

Биографии на бунтовници и идеалисти

Не се обидувајте да одговорот го најдете во идеолошки теории и тинк-тенк-зелени. Одговорот е во нивните биографии на активизам, кои започнуваат во младоста, раните дваесети години на нивниот живот. Корбин, како синдикален активист, факултетски бунтовник, советник за здравство, новинар, борец против апартхејдот (уапсен), за правата на ЛГБТ заедницата, за правата на рударите, за мир во Северна Ирска (уапсен), за правата на Палестинците итн. Сандерс, член на социјалистичката младина на Универзитетот во Чикаго, активист во движењето за граѓански права и расна еднаквост (уапсен), против полицијската бруталност, противник на војната во Виетнам, учител, помошник во психијатријска клиника, столар, новинар, режисер, синдикален активист. Две биографии исполнети со крв и пот на два лика од самото дно на општествениот ангажман искачени до самиот врв на бивање глобални симболи на некомформизам, хуманизам, чесност, храброст, искреност и верба во идеалот на борбата за еднаквост и отчетност. Нивната животна борба од рана младост до длабока старост е белиот контраст на старата аристократија олицетворена во ликовите на Трамп или пак во лабораториски режирани лидерства на континентална Европа.  

Земете ги биографиите на сите денешни и скорешни политички, партиски, министерски, новинарски, интелектуални првенци на Македонија и на крај ќе увидите дека сите тие заедно не содржат ниту четвртина од животното искуство на барем еден од двата седокоси лидери од Лондон или Вермонт. Уште помалку ќе најдете барем осмина од нивната карактерна скромност, човечност, приемчивост, отвореност, интелект или хумор. И пред да почнете да потврдно климате со глава и ја колнете нашата клета судбина или лош вкус за избирање лидери, утешете се со сознанието дека ниту појавата на Корбин / Сандерс е случајна, ниту пак изборот на нашите пери-носи лидери е производ на нашата глупавост. Всушност, станува збор за две страни на иста паричка за кусурење.

Берни Сандерс, идолот на американската младинаФотографија: Reuters/S. Audette

Капиталистички црвено-кмерски култ на „младост

Имено причината за одбивноста на западниот естаблишмент кон Берни и Џереми е истата која ја диктира нивната наклонетост кон нашите лидери – преголемото искуство на првите и отсуството на искуство кај вторите. Богатата и со широка лепеза на познавања и искуства биографија на Берни и Џереми не се совпаѓа со доктрината на компартментализација на политиката. Според која, недопустиво е да било кој лидер има искуство и познавања со кои би се минимизирале можностите за манипулирање базирани врз недоволни познавања на одредена област – во внатрешната или надворешната политика, економијата или образованието. Лидери со мулти-децениско животно искуство и директен политички опит се едноставно неприфатливи за суб-политичките сили на медиумите и банкарството и нивната индиректна интервенција во полза на естаблишментот а на сметка на општеството. Институционалната меморија и инсајдерското познавање на коридорите и подрумите на моќта се најсилната алатка во рацете на таквите лидери, колку што се и превисока пречка за нивните опоненти од светот на естаблишментскиот статус кво.

Иако веќе наслутувате, не одмага доколку и црно на бело се каже дека токму овој пристап – во обратна насока – е константата на делување на домашната политика и меѓународна  дипломатија во Македонија и регионот. Систематско, темелно, сеопфатно и агресивно насилно чистење на секој лик или групација која со сопственото животно, политичко и институционално искуство може да ја искривоколчи доктрината на „дајте нови деца” во редовни циклусни интервали од 7-10 години. Доктрина која веќе превзема контури на современ капиталистички црвено-кмерски култ на „младост” во име на полетноста, иднината, жарот, ентузијазмот. Но во реалноста сведен на манекенско позерство, екстериерна слаткост, трендовско помодарство, репетитивна флоскулност и карактерна предвидливост диктирана од хедонизмот на младоста и селективноста на полит-дипломатијата. Во таа сценографија не постои критериум на искуство, на премрежија, на доживеано, труд и пораз. Сето тоа е одвишно, непожелно дури во политичкиот бекграунд сведен на лепење плакати или величење на лидерот. Безискуството е современата идеополитичката подобност на пост-демократските режими вперена кон младите. Конфекциска јувенилија на стереотип-пионери зададени во „спонтани” разговори со полит-дипломатските ловци на таленти. Пред кои рецитираат напаметени pret-a-porter ставови, декларираат определби, цитираат клаузули, несигурни во извежбаната copy-paste изведба на ББЦ џентлменство со лева рака во џеб и чаша виски во десна. Над нив, додуша, не светат црвени фенери, но длабоко во себе сенешто мислат дека сцената е многу позната, веќе видена, како да е во гените...

Фотографија: DW/A. Essif

Бајата свежина

Дистанцираноста на меѓународната кон автохтоната институционална меморија, иксуство и интерпретација не е емотивна, туку рационална определба за минимизирање на континуитетот како спона на минатото, сегашноста и иднината. Во вокабуларот нивен, таа рационалност ќе ја детектирате низ изрази за „оставете ја историјата” или „емоциите не помагаат” или „свртете се кон иднината”. Но поглед наназад кон нашето минато, ги разоткрива позадинските мотиви за таквата сугестивност во цементирање на нашата временска дводимензионалност сведена на денес и утре. Која неминовно резултира со репетитивно периодично колективно доживување на Денови на Мрмот, дипломатски сублимирани во квази-оптимистичката мантра за „свеж старт”. Кој вистина и навистина е старт, но ниту приближно свеж, уште помалку старт кон напред. Освен за новата класа политички младенчиња кои со однапред искалкулираната глад и жед за пари, секс, моќ и насловни страни ветуваат ново децениско вртење во круг, по стапките на нивните предоцна освестени претходници. За сите останати, таа свежина е бајата.

Претходни колумни од авторот: 

Анатомија на пост-медиумска Македонија

Мојата обврска да апстинирам

Недржавни актери и државни статисти

Оттаму, колку и да е драматичен овој час на сезонската „историска одлука”, по својата природа таа не е ништо повеќе од уште една претстава во која попалените еректабилни млади се попарени за свадба, додека постарите вртат со глава во неверица за бракот. Секоја наша „историска одлука” завршува во прозаично јавление на нова генерација младо-надежни коруптократи и нивната самоглорификација сумирана во омилениот им израз „држава правиме”, растеретени од одговорноса пред биолошките родители и оптеретени со одговорност пред политичките татковци. И така, секоја деценија се соочуваме со драмолетки кои на крај завршуваат во сапуници. Од независноста на 1991 и првата акумулација на капитал на сдсмовските младенчиња на Бранко. Од анти-комунизмот на 1998 и првата акумулација на капитал на вмровските младенчиња на Љубчо. Од патриотштината на 2001 и првата акумулација на капитал на интегристичките младенчиња на Али. Од интегративноста на 2002 и втората акумулација на капитал на сдсмовските  младенчиња на Хари, Бучко, Рада. Од антиквизацијата на 2006 и втората акумулација на капитал на вмровските младенчиња на Никола. Од граѓанштината на 2017 и третата акумулација на капитал на сдуистичките младенчиња на Зоран и Али кои повторно, по кој веќе пат, благонадежно нѐ влечкаат кон уште еден „свеж старт” чија реа на трулеж веќе се има одомаќено како фолклорен амбиент и (де)мотивирачка декларација дека на младите светот останува. Не спорам дека не е така. Бидејќи така навистина е. Проблемот е што бунтовната младост од преградијата и работничките семејни драми на „технолошки вишоци” сѐуште се влечка по судови и сатанизира од 40-50-годишните „вечни суб-партиски младенчиња ” на медиско-невладината харанга-дивизија хранета со буџетски пари и семејни искуства од полициските мината.   

Во земја во која никогаш немало дисиденство и во која „старите мудреци” се само пензионери чии систем-комунистички кариери започнале слично како и на денешните млади демократи, тешко е да се изроди некој Корбин, некој Сандерс. Но затоа ќе продолжат да цутат домашните ни прозападни лидери, моделирани според теркот на путинистичкиот Рамзан Кадиров. Млади. Послушни. Гладни. И однапред орочени.            

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми