1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неколкумина одбиле да се попишат - не им се изречени казни

ДТЗ
7 септември 2021

Апостол Симовски за ДВ вели дека повторно ќе се разговара со нив и ќе им се даде можност да се попишат. Досега во пописот учествувале над 150 илјади граѓани.

Nord-Mazedonien Volkszählung Apostol Simovski
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Над 150 илјади граѓани се попишале изминативе денови и покрај техничките проблеми коишто го забавија процесот. Досега неколкумина одбиле да се попишат, но на ниту еден од нив не му е изречена казна, иако тоа го предвидува законот. Надлежните се одлучија да им дадат втора шанса. 

„Ќе се разговара со нив, ќе им дадеме можност повторно да се попишат. Станува збор за многу мала бројка на лица коишто одбиле да го сторат тоа. Помалку се од десетина. Станува збор за случаи коишто биле пријавени изминатите денови, додека денеска нема таква појава“, вели директорот на Државниот завод за статистика за ДВ, Апостол Симовски.

По вчерашниот технички проблем со којшто се соочија попишувачите, системот е рестартиран за да се отстранат сите багови. „Денешниот рестарт е за да нема веќе вакви случаи. За техничкиот проблем од вчера најдено е решение и процесот продолжи“, вели Симовски. 

Во кратки периоди и на одредени локации апликацијата за попишување не функционираше и одреден број на попишувачи не можеа да попишуваат. „Техничките тимови интензивно работеа на отстранување на проблемот и за кратко процесот продолжи непречено. Би сакале да потенцираме дека проблемот што се појави не се должи на интернет-конекцијата со која се овозможува попишување, туку ова се можни и нормални проблеми кои се резултат на поголем број паралелни сесии“, соопшти претходно Заводот за статистика, објаснувајќи ги причините за застојот во попишувањето. Во тие два-три часа додека траеле техничките проблеми, биле попишани речиси 10 илјади лица на целата територија на државата. 

Вчера Европската Комисија ги охрабри сите во Северна Македонија да учествуваат во процесот на попишување на населението и додаде дека пописот е дел од процесот за пристапување во ЕУ. Портпаролката на Европската Комисија, Ана Писонеро, рече дека во Брисел постои задоволство што пописот е во тек во Северна Македонија. Таа истакна дека Европската Унија очекува од властите во Северна Македонија пописот да се одвива согласно стандардите и регулативите на ЕУ, како дел од пристапниот процес за ЕУ. 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера во 24 анализа порача граѓаните масовно да излезат на пописот и да не ги слушаат „антимакедонските елементи на македонската политичка сцена кои сакаат да внесат раздор“.

„Мојата порака е масовно да излезат граѓаните и да се попишат и мојата порака до македонскиот народ е да не ги слушаат и да не потклекнуваат на националните и антимакедонските елементи на македонската политичка сцена, коишто во овој момент се обидуваат повторно да внесат раздор во македонското ткиво“, порача Мицкоски.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми