1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неколку сценарија во игра по оставката на Заев

ДТЗ
1 ноември 2021

Додека опозицијата слави победа откако ја освои власта во повеќе општини и во Градот Скопје, во јавноста веќе се вртат комбинаторики за понатамошниот развој на настаните.

Nordmazedoniens Ministerpräsident Zoran Zaev kündigt Rücktritt an
Фотографија: Ognen Teofilovski/REUTERS

Оставката на премиерот Зоран Заев, кој по синоќешниот пораз на локалните избори најави повлекување и од премиерската и од лидерската позиција во СДСМ,  предизвика турбуленции на политичката сцена во Северна Македонија. Додека опозицијата слави победа, откако ја освои власта во 39 општини и во Градот Скопје, во јавноста веќе се вртат комбинаторики за понатамошниот развој на настаните. Во едни кругови потегот на Заев се толкува како вовед во криза, не само за државата, туку и за меѓуетничките односи, додека во други кругови се доживува како шанса за формирање на ново парламентарни мнозинство, но и како увертира за предвремени парламентарни избори. Во игра се неколку сценарија по оставката на Заев од премиерската функција. 

Кои опции се во игра? 

„Ја преземам одговорноста за лошите резултати од овие избори“, истакна синоќа Заев, соооштувајќи ја одлуката за неговото повлекување, која што ја најави пред вториот круг, кога им порача на гласачите дека битката за Скопје е битка за „се или ништо“. Тој од партиското седиште не ги најави понатамошните чекори, ниту пак навести кој би можел да го замени на лидерската и на премиерската функција. 

Додека ВМРО-ДПМНЕ ја слави победата на локалните избори, во игра се неколку сценарија по оставката на Заев од премиерската функција.Фотографија: Arbnora Memeti/DW

Но, веќе денеска, премиерот во оставка, Зоран Заев ги повика во Владата лидерите на партиите од досегашната владејачка коалиција, на кои се очекува да се разговара за резултатите од изборите и понатамошните чекоир коишто ќе бидат преземени. Владејачката партија на вчерашниот решавачки изборен круг ги изгуби повеќето општини во земјата во кои досега имаше свои градоначалници и мнозинство во советите. СДСМ ја изгуби и битката за Град Скопје и речиси сите скопски општини.  

Оставката на Заев досега не е пристигната во парламентот. Од тоа кога зависи кога ќе почнат да течат закоснките рокови - претседателот има 10 дена да одреди друг мандатар и предвидени се 20 дена за составување нова влада.

Според членот 93 од Уставот, оставката на претседателот на Владата, неговата смрт или трајната спреченост да ја врши функцијата, повлекуваат оставка на Владата. На Владата ѝ престанува мандатот ако премиерот поднесе оставка, ако ѝ биде изгласана недоверба во парламентот или ако Собранието се распушти, на таа останува на должност до изборот на нова Влада. Во Членот 219 од Деловникот на Собранието е наведено дека Владата, претседателот на Владата или член на Владата можат да поднесат оставка.

Оставката на Владата или на претседателот на Владата, се поднесува до претседателот на Собранието во писмена форма и може да се образложи. Оставката на Владата или на претседателот на Владата, претседателот на Собранието веднаш ја доставува до пратениците и до претседателот на државата. Собранието на првата наредна седница, без претрес, констатира дека на претседателот на Владата, на Владата или на член на Владата, мандатот им престанува на денот на одржувањето на седницата.

„Мислам дека претседателот треба да ги повика лидерите на партиите за формирање на голема влада, за доброто на реформските процеси. Треба да има Влада со полн капацитет, партиите конечно да се свестат и да работат за интересите на граѓаните. На следните парламентарни избори прашање е дали и 40% од гласачите ќе излезат. Без разлика што неизлагањето е 50%, тоа е големо предупредување. Граѓаните знаат да казнуваат“, вели универзитетскиот професор Борче Давитковски за ТВ24.

Професорката Мирјана Најчевска предвидува четири можни сценарија, откако премиерот Зоран Заев најави дека ќе ја депонира оставката.

„Оставката се поднесува до Собранието кое ја усвојува. И тука се можни повеќе излезни решенија:

- Досегашната владејачка коалиција има мнозинство во Собранието и претседателот на државата и доделува нов мандат за формирање Влада. Во овој случај СДСМ како најголема партија во коалицијата може да понуди свој кандидат или да се договори со коалиционите партнери за кандидат од нивните редови или независен експерт како кандидат. 

- Се формира нова мнозинска коалиција на која претседателот и доделува мандат за формирање Влада. 

- Која било од мнозинските коалиции во Собранието поведува постапка за распуштање на Собранието и распишување предвремени избори. 

- Сите партии во Собранието се договараат за формирање на експертска Влада која ќе го доврши мандатот на претходната до наредните редовни избори“, вели таа. 

За и против предвремени избори 

Заев синоќа беше дециден дека не треба да има предвремени парламентарни избори, бидејќи престојат две и пол години за државата од кои корист ќе има целиот народ и држава. „Ќе останам периодов додека треба, за да помогнам, да се реорганизира нова влада со прогресивно мнозинство кое го има и постои, а може да биде и уште зголемено“, рече Заев. 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак смета дека е време за ново парламентарно мнозинство и за предвремени избори. „Овие избори ги делегитимираа сите политики на власта. Во однос на ново парламентарно мнозинство, најдобро е времето да покаже. Што понатаму? Мислам дека најдобро би било да се распишат предвремени парламентарни избори. За да има предвремени избори, треба да има мнозинство и во парламентот. Оставете времето да покаже и да ги реши дилемите. Една од тие дилеми е и кога ќе бидат предвремените избори. А, ќе бидат многу скоро“, рече синоќа Мицкоски. 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак смета дека е време за ново парламентарно мнозинство и за предвремени избориФотографија: Petr Stojanovski/DW

По победата на локалните избори, тој на прес-конференција ја најави можноста за идна владина коалиција со Левица, Алијанса за Албанците, Алтернатива на предвремени парламентарни избори. Индиректна покана беше испратена и до ДОМ и ЛДП. 

Избрзана одлука? 

Заев е претседател на СДСМ од 2013 година, а на премиерската функција е од 31 мај 2017 година. Вториот премиерски мандат го освои на изборите на 15 јули 2020 година. Пратеникот Арбер Адеми од ДУИ смета дека оставката на премиерот Зоран Заев е избрзана, бидејќи изборите беа за локални теми, а не за националните политики што се водат. 

-повеќе на темата: По вториот круг - неизвесно трето полувреме

„Мое лично мислење е дека е избрзана одлука од страна на премиерот, бидејќи не се тестираше легитимитетот на партиите или на Владата за националните политики. Ако дискутираме за националните политики тогаш ајде да дискутираме за најважните прашања со кои се соочува државата. Што со Договорот од Преспа, што со Договорот со Бугарија, што со Законот за употреба на јазиците, што со преговарачката рамка што треба да се усвои, што со одржување на првата меѓувладина конференција со која ќе отпочнат преговорите со ЕУ апропо дијалогот со Бугарија? За овие прашања не се дискутираше. На пример, и во рамки на опозициската коалиција од страна на Алијанса за Албанците и Алтернатива воопшто немаше одговор за ваквите најкрупни прашања со кои се соочува државата. Затоа велам дека некои теми и прашања се помешаа во овие избори бидејќи целосниот фокус беше на локални прашања“, изјави синоќа Адеми во телевизиско гостување.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми