Нема датум за приклучување на Хрватска кон ЕУ
10 октомври 2007“Комисијата ќе го претстави нејзиниот нареден извештај за состојбата во преговорите за приклучување, на седми ноември. Изјавите на Кристијан Даниелсон, задолжен во ЕК за Хрватска, дадени на еден собир во истражувачкиот центар во Брисел, “Јуропиан полиси сентер“, овозможуваат да се насети како ЕУ ги цени моменталните разговори со Хрватска. ...Даниелсон наведе долга листа реформи кои земјата треба да ги спроведе – мора да се реконструктуира целата јавна управа за таа да може да соработува со институциите на ЕУ, правосудството треба да се доведе во состојба да одговори на европските барања, а во делот на политиката мора да се регулираат прашања како враќање на воените бегалци, права на малцинствата и борба против корупцијата. Во делот на заштита на животната средина, во земјоделството, ветеринарството, јавните тендери, државните субвенции и обезбедувањето на надворешните граници има исто така многу да се направи.
На собирот зборуваше и главниот хрватски преговарач, Владимир Дробњак, кој годината 2009-та од страна на хрватската влада означена како година на приклучување, ја опиша како интерна цел со која земјата сака самата да се стави под притисок. Тој истакна дека заедничките правила кои сега треба да ги преземе една земја кандидат се многу поопширни од порано. Но, Хрватска не може да рече дека е незадоволна од преговорите. Мора да се има предвид дека одушевеноста во ЕУ за проширување опадна, дека унијата се концентрира силно на внатрешните реформи и поради Турција е неединствена околу нејзините граници. Последното, е меѓутоа една “академска дискусија“, поради што Хрватска го поддржува влезот на Турција во ЕУ.
Хрватска ги почна преговорите за приклучување кон унијата заедно со Турција, но се очекува земјата, особено поради големиот економски напредок, да биде примена во унијата многу порано од Турција. ЕУ ја гледа Хрватска како пример за приклучувањето на другите земји од Западен Балкан„, пишува денеска весникот Франкфуртер Алгемајне Цајтунг.