1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема компромис за почеток на преговорите со ЕУ

БГ
15 октомври 2019

Министрите на земјите-членки на ЕУ не успеаја да постигнат договор за давање зелено светло за почеток на пристапните преговори со С. Македонија и Албанија. Туск најави дека точката ќе ја стави на агендата на самитот

EU Außenministertreffen in Luxemburg
Фотографија: Imago Images/photothek/F. Gärtner

Македонија ќе мора уште да чека на отворање на преговорите со ЕУ. Франција попладнево истраја во својата блокада на одлуката, а поддршка за својот став во однос на Албанија најде и во Холандија и Данска. Последна шанса за позитивна одлука останува самитот на лидерите на ЕУ кој почнува в четврток. На него дефинитивно повторно ќе се расправа на оваа тема, откако претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск најави дека ќе ја стави точката за преговорите на агендата на самитот. 

Официјален Париз и денеска опстана на барањето, најпрво да се изврши реформа на преговарачкиот процес.

„За жал денеска не беше можно да постигнеме едногласно решение“, изјави финската министерка Тути Тупураинен.
Германија и многу други членки на ЕУ реагираа со неразбирање за односот на Франција.
„Германската влада е многу разочарана што не успеавме да го реализираме тоа што повеќе пати го ветивме“, изјави државниот министер во германското МНР, Михаел Рот.

Голема разочараност од одлуката изрази и комесарот за проширување Јоханес Хан кој им се извини на Скопје и Тирана поради блокадата.

„Ова не беше момент на слава на ЕУ“, рече Хан. Тој се надева дека Франција, Холандија и Данска ќе го сменат ставот до почетокот на самитот на ЕУ в четврток.

Останува надежта дека Макрон ќе го смени ставот во следните денови откако стигнаа најави од официјален Берлин дека нема да се откаже од намерата да го исполни ветеното кон Скопје и Тирана.

Според извори во германската влада, канцеларката Ангела Меркел планира одново да ја отвори темата со Макрон за време на германско-француската меѓувладина средба во Тулуз утре (16.10). Доколку и тој обид не успее, вели владиниот извор, Меркел ќе ја стави темата на маса и на самитот на лидерите на ЕУ в четврток во Брисел.

„Тоа не е тема која ќе дозволиме да биде запоставена“, вели германскиот функционер.
 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми