1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема меѓународна потерница, Груевски го бараат во Македонија

13 ноември 2018

Во моментов не постојат официјални информации дали полицијата има сознанија дека Груевски е во земјата, штом потрагата ја започна пред неговиот дом. Единствено потврдуваат - не е распишана меѓународна потерница.

Mazedonien Ministerpräsident Nikola Gruevski
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Тешки зборови упати опозициската ВМРО-ДПМНЕ до полицијата и власта, за време на вчерашната неуспешна потрага по осудениот поранешен премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. „Хајка“, „хунта“ „режим“, „политички прогон“, „партиски силеџии со полициски значки“, беа само дел од кавалификациите што опозиција ги упати на адреса на власта и на полицајците што учествуваа во потрагата.

Раководството на МВР е недостапно за коментар за синоќешната акција и ваквите обвинувања. Во моментов, практично не постојат официјални информации дали полицијата и натаму има оперативни сознанија дека Груевски е во земјата, штом потрагата ја започна пред неговиот дом и паркингот, односно подземната гаража на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Од МВР единствено потврдуваат дека против Груевски не е распишана меѓународна потерница, како што објавија некои медиуми.

Повеќе: Се бара Никола Груевски 

Судски извори, имајќи ги предвид искуствата од практиката, велат дека бегството од издржување казна е помачен процес за осуденото лице, отколку ако самото се пријави во казнената установа.

„Имало случаи на 'успешно' криење од органите на прогонот и повеќе од една година. Но, таквата определба е многу повеќе од затвор. Доаѓа момент кога лицето ја сфаќа апсурдноста на бегството. Формално е на слобода, но практично не е, бидејќи се крие, се маскира, нема слобода на движење или сосема малку - најчесто во мрак и на мали дистанци, со логистика или без логистика. На крајот решаваат да се пријават, со тоа што загубата е двојна: ем изгубиле време, ем дополнително си ја отежнале ситуацијата“, објаснуваат нашите соговорници.

Последен таков пример е случајот со Александар Василевски - Нинџа, обинет за настаните од 27-ми април. Тој по 7 месеци бегство сам се пријави кај судија во скопскиот Кривичен суд, каде изјавил дека се криел во неговиот дом во Гази Баба. Претходно истото го стори уште еден обинет за „крвавиот четврток“ - Никола Митревски - Кољо. Тој се предаде четири месеци по бегството, а пред обвинителот тврдел дека се криел во Охрид.

Од МВР единствено потврдуваат дека против Груевски не е распишана меѓународна потерницаФотографија: P. Stojanovski

Игла во сено

Груевски, кој до лани се нудеше „доброволно да оди во затвор, ако тоа помогне Македонија да се спаси од тиранската платформа“, сега, кога е осуден со правосилна пресуда, реши да се крие. Каде би можел да се сокрие од правдата?

„И доколку постојат оперативни сознанија дека е во Македонија, тоа не ја олеснува работата на полицијата. Бегалецот може да биде секаде - во викенд куќа на некоја периферија, во изнајмен стан, во дом на помалку познат партиски колега, во т.н. мал семеен хотел во кој гостите не се многу чести, во административни простори на производни погони, фирми и складишта, па сѐ до некоја манастирска ќелија. Тоа е како да барате игла во сено, особено ако постои добра логистика што му помога лицето да биде што поневидливо и помалку изложено на ризик од откривање“, објаснува пензиониран полициски функционер.

Во јавноста растат и сомнежи од типот „го бараат за да не го најдат“, односно сомневања дека можеби политички е договорено тој да „исчезне“. 

Распишаната потерница по Груевски и акцијата на полицијата вчера ги вжештија пораките од опозицијата со власта. Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, на прес-конференција пред Белата палата обвини дека „тоа што се случува е дно!“

„ВМРО ДПМНЕ е под полициска опсада (...) Овој притисок е удар врз опозицијата и тој нема да помине туку така. ВМРО ДПМНЕ ќе ги преземе сите правни, демократски и непоходни средства за да застане на патот на злоупотребата на институциите и обидот за замолкнување на опозицијата (...) Сакаме да веруваме дека полицијата по наредба на Заев и Оливер Спасовски нема да се дрзне да влезе во штабот на партијата. Меѓутоа, доколку поседуваат налог можат слободно да дојдат, ќе ги прошетаме во наше присуство да се уверат дека Никола Груевски не е во штабот“, рече Јанушев.

Повеќе: Само уште Иванов може да го спаси Груевски од затвор

Одговарајќи на новинарско прашање, рече дека не знае пред колку време Груевски последен пат бил во партиското седиште: „Немам информација, претпоставувам 6, 7, 8, 9 месеци“.

Но, беше сигурен кој ги пуштил медиумите да ја следат полициската интервенција. „Во ваквиот прогон Заев ги злоупотребува и медиумите. Она што вечерва го прават неговите орди не е помирување туку дополнително зовривање на политичката криза“, обвини Јанушев. На прашањето дали ќе им се извини на новинарите, Јанушев вака одговори за зборовите што самиот ги искажа: „Ако партијата кого било лично навредила, и ако некој се почувствувал навреден, тогаш еве во име на партијата сега се извинувам“.

Христијан Мицкоски на Фејсбук напиша дека власта прави евтин театар Фотографија: Petr Stojanovski

Мицкоски: Приберете си ги силеџиите

Но, тие обвинувања кон медиумите, очигледно не биле случајни. Претходно и партискиот претседател Христијан Мицкоски во интервју за „Курир“ упати слични критики.

„Погледнете каква хајка се случува во последниве неколку дена, колку нарачки оркестирирани од власта излегуваат во дел од медиумите, невистини, шпекулации, нечовечко ликување кое треба да го потхрани егото на неколкумина од власта. Па ќе нарачаат текстови за тоа како го виделе автомобилот на Груевски пред Шутка, па тргнал или не тргнал, па започнаа да вмешуваат делови од приватниот живот, едноставно тоа се претвори во тема со која се изживува власта за да се покрие нивната неспособност на сите други теми и области. Јас сум човек кој верува во Бога и знам дека сега се чуствуваат силни, можеби туѓото страдање ги чини задоволни, но треба да знаат дека тоа што оставаат зад себе, ќе дојде ден кога ќе го најдат пред себе “, обвини Мицкоски.

Доцна синоќа тој на Фејсбук напиша дека власта прави евтин театар и наместо да  ги гони сторителите на убиства кои се во бегство, таа се занимава со политичка хајка против ВМРО-ДПМНЕ.

„Зарем лицето по кого со години водите политичка хајка, фрлате со дрва и камења и кого го третирате за државен непријател, сакате да кажете дека не знаете каде се наоѓа? Како, кога до вчера, исто како него, сите нас нѐ следите, се заканувате (...) Приберете ги вашите партиски силеџии од СДСМ со полициска значка, нивниот срам е и ваш срам. Сакате да нѐ понижите, да нѐ прикажете за злосторничка дружина, за криминалци, ние кои ја кажуваме вистината (...) Ќе ве победиме, затоа што љубовта кон нашата земја е посилна од вашата злоба, затоа што нема да ја покриете сиромаштијата која ја правите на народот, а грабежот на нацијата нема да биде заборавен. Ќе паднете! Македонија ќе победи!“ порача Мицкоски.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми