За разлика од земјите во регионот кои напредуваат кон ЕУ, ние и годинава одиме во спротивна насока: нивните услови се смалуваат, нашите се зголемуваат, оценуваат од Институтот за европска политика- Скопје.
„Нема напредок“ или „констатирано назадување“ се двете најчести квалификации содржани во Извештајот на ЕК за напредокот на Македонија.Се однесуваат на владеењето на правото, состојбите во судството, реформата на јавната администрација, нефункционалните институции, застојот во борбата против корупцијата, перењето пари, слабите економски показатели...
Граѓаните многу малку или воопшто не знаат што предвидуваат Итните реформски приоритети, покажа мини-анкетата на ДВ спроведена меѓу 30 -тина соговорници. Повеќето од нив, според називот претпоставуваат дека се работи за „нешто важно што треба итно да се спроведе“, на други терминот им наликува на „бирократска фраза“, а најголемиот дел немаат никаква информација за нив, ниту како тие ќе се одразат врз нивниот секојдневен живот во крајниот ефект. Само неколку од соговорниците имаа делумни информаци за значењето на ИРП.
Празните ветувања на Димитриев
Острите квалификации во Извештајот на ЕК кои воопшто не беа ставени „во ракавици“, не беа доживеани како „фрлена ракавица“ за преземање конкретни активности наместо само вербални декларации. Премиерот Емил Димитриев по средбата со евроамбасадорот Самуел Жбогар, кој вчера му го предаде Извештајот, рече дека Владата останува фокусирана во исполнувањето на посочените приоритети.
„Се надеваме дека со одржувањето на изборите со формирањето на политичката Влада, ЕУ агендата повторно ќе дојде на дневен ред, со многу посилен фокус од она што го имавме во изминатава година, бидејќи ова беше година во која се соочувавме со големи политички предизвици - мигрантската криза, а Владата функционираше како техничка влада за спроведување на изборите“, истакна Димитриев.
„Кога премиерот ја зборуваше вистината, вчера или пред неколку месеци?“, коментираат аналитичари, потсетувајќи дека откако беа одложени изборите за 5-ти јуни, Димитриев најави дека Владата ќе зголеми фокусот на реализација на ИПР, согласно со Акцискиот план донесен во 2015 година, во кој точно се утврдени рокови за сите мерки.
„Убеден сум дека со силен ангажман од Владата и на сите задолжени за реализација на реформите ќе го завршиме процесот онака како што се бара. Еден дел од мерките можат институциите сами да ги донесат со интерни акти и прописи, еден дел ќе бидат разгледани на владино ниво, дел ќе одат и во Собрание каде ќе бидат преточени во законски решенија, а еден дел е оставен за дополнителен дијалог помеѓу партиите“, рече Димитриев во мај годинава.
Пет месеци подоцна, графите под наслов „степен на реализација“ и натаму се празни или со незначителни активности - координации, обуки и слично. Дипломат со кој разговараше ДВ, вели дека изборите се само почеток за излез од кризата, но не и нејзин крај, доколку не се почне со спроведување на реформите.
„Партиите во овој момент рефлектираат некаков впечаток дека изборите ќе решат се, што имплицира дека или ги игнорираат, или не ги гледаат клучните причини кои доведоа до кризата. Ако нема суштинско соочување со проблемите и наоѓање решенија со кои тие ефикасно ќе се надминат, изборите сами по себе не ќе може да помогнат во излезот од сегашната состојба. Колку побрзо политичарите го сфатат и прифатат ова, толку побрзо ќе се движат кон решенија“, дециден е соговорникот.
Поназад од соседите
Од Институтот за европска политика - Скопје, кој ја следи имплементацијата на препораките, велат дека во споредба со минатата година, извештајот илустрира „лет во место“, со оценка за уназадување во клучната област - судството, и тоа втора година по ред, а во преден план е постоењето на „заробена држава“ и недостигот од политичка волја.
Каде сме во споредба со регионот?
„Ако споредиме со регионот за разлика од останатите земји кои секоја на свој начин напредуваат на патот кон ЕУ, ние и оваа година, како и лани одиме во спротивната насока. Додека нивните услови се смалуваат, нашите се зголемуваат. На пример, Албанија во моментот исто така има условена препорака за отпочнување преговори, но со многу помалку и попрезицни услови. Во нашиот случај, процесот е спротивен: од 'чиста препорака' условите за неа се прошируваат“, констатираат од Институтот.
Специјалното јавно обвинителство е единственото тело кое во Извештајот се оценува како проактивно во истрагите на случаи од висок профил, но се соочува со недостиг од соработка од институциите, и е мета на критики од Советот на јавни обвинители и од владејчката партија. Во контекст на неопходноста од непречено функционирање на СЈО, ЕК посочува дека се потребни „надградби“ на системот за распределба на предмети во судовите, за да се спречат злоупотреби.
„Системот треба да осигура дека случаи нема да можат да бидат распределни кај одреден судија од политички или лични причини и тоа треба да биде систематски надгледувано. Исто така, постојат наводи за директно мешање во назначувањето судии заспецифичните случаи иницирани од СЈО“, стои во Извештајот, каде е нотирано и неусвојувањето на предлог-измените на Законот за заштита на сведоци, кои ги бараше СЈО.
„Во годината што следува, земјата треба да овозможи целосна поддршка и ресурси за СЈО“, се вели во препораките на ЕК.
Според дипломатите, „токму таквата поддршка кон оваа институција во голема мера ќе покаже дали има волја за промени, и кај кои политички субјекти“.
Сите истраги на македонското СЈО
Таргет, Титаник, Тортура, ТНТ, Транспортер, Тврдина, Трезор, Топлик, Тендери, Тарифа и Тенк се 11-те случаи кои досега ги отвори СЈО. Осомничени или обвинети се многу актуелни и поранешни државни и локални функционери.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Катица Јанева
Катица Јанева беше избрана за Специјален Јавен обвинител на 15 септември 2015 година од страна на Советот на јавните обвинители, а нејзиниот тим се комплетираше со уште 12 обвинители на 4 ноември лани. Нејзиниот избор беше дел од Договорот од Пржино за што согласност дадоа сите лидери на политички партии и големо мнозинство пратеници во Собранието.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Од шионажа до злосторничко здружување
Заклучно со март годинава, во првиот шестмесечен период од работењето, СЈО отворило вкупно 30 предмети против 80 лица. Кривичните дела кои им се ставаат на товар на осомничените и обвинетите се движат од Повреда на избирачко право, Злоупотреба на службена положба до Насилство, Шпионажа и Злосторничко здружување.
Фотографија: MIA
Обработка на прислушуваните материјали
Во септември годинава, СЈО го претстави и вториот шестмесечен извештај за својата работа. Во меѓувреме, ова обвинителство брои 74 вработени. Во тој период, обвинителите преслушале и обработиле 55.240 аудио фајлови, односно 12 проценти од вкупно добиените прислушкувани материјали.
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Charisius
Насилство и фалсификат
Паралелно со поднесениот втор Извештај за својата работа, СЈО ги обелодени и првите две обвиненија. Во првиот предмет, обвинети се седум лица - службеници на УБК кои го уништиле доказниот материјал за неовластеното прислушување. Во вториот, обвинети се 14 лица кои го поттикнувале или извршиле насилство при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година. Меѓу нив е и експремиерот Груевски.
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski
Меѓународна поддршка
СЈО во меѓувреме добива отворена поддршка од претставниците на меѓународната заедница. Шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер на 1 септември годинава порача дека е важно „СЈО да може непречено да продолжи со својата работа за разјаснување на обвинувањата за злоупотреба на моќта, за повторно да се засили довербата на македонското население во демократските институции на земјата“.
Фотографија: Reuters/I. Kalnins
Титаник- број 1.
Во февруари 2016, СЈО го обзнани својот прв случај, за изборни измами за кои постои сомнеж дека ги извршувала група која ја предводеле ексминистерката Јанкулоска, ексминистерот за транспорт Јанакиески и секретарот на Владата, Божиновски. Осомничени се за криминализација на изборниот процес со незаконско издавање лични карти и вметнување во избирачкиот список на лица, како и насилство, поткуп...
Фотографија: Petr Stojanovski
ТНТ- Како се уриваше Космос
Во април 2016 година беше отворен случајот за незаконското уривање на комлексот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски. Иако првично не беа опфатени во истражната постапка, поради аболицијата од претседателот Ѓорге Иванов, осомничени во случајот „ТНТ“ се и експремиерот Груевски, ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и актуелниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски.
Фотографија: Petr Stojanovski
Транспортер- Битола како Токио
Случајот во април 2016, обвинителката Фатиме Фетаи го најави како „веројатно најскапиот превоз за ученици во светот“, кој го плаќал градот Битола. Градоначалникот на Битола Владимир Талески и претседателот на комисијата за јавни набавки на општината, според СЈО, нанеле штета на буџетот од околу 360.000 евра. На Талески му беше одреден и домашен притвор, но во меѓувреме е пуштен на слобода.
Фотографија: DW/Z.Purkovic
Тврдина- уништување на доказите
Во предметот Тврдина кој на јавноста и беше претставен во март 2016 година, осомничени се двајца началници на УБК и ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Тие во 2015 година противзаконски уништиле системи за следење на комуникации, при што е нанесена штета на државата во висина од околу 10 милиони евра. Истите системи претходно биле користени за незаконско следење и прислушкување
Фотографија: MIA
Тортура- изживувањето врз Љубе Бошкоски
На 28 март 2016, СЈО објави дека започнува нова истрага под името „Тортура“, која се однесува на апсењето на лидерот на партијата Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошковски. Поднесени се кривични пријави против седум лица, меѓу нив шестмина припадници на полициската единица Алфи, а како првоосомничен е тогашниот директор на УБК Сашо Мијалков.
Фотографија: DW/P. Stojanov
Трезор- Финзи и УБК
„Трезор“ е кодното име на последниот предмет на СЈО, и прв што се однесува на економски криминал, а произлегува од незаконското следење на комуникациите. Како што рече обвинителката Фатиме Фетаи, предметот се однесува на груба злоупотреба на средствата од буџетот на Република Македонија од страна на три раководни лица во УБК и едно раководно лице во Министерството за внатрешни работи.
Фотографија: picture-alliance/dpa
„Топлик“ и „Тендери“
Во предметот „Топлик“ се осомничени шест лица, кои преку злоупотреба на службената должност и кршење Законот за јавни набавки сториле кривични дела со кои го оштетиле буџетот во висина од 1 милион и 44.000 евра. Во „Тендери“ првоосомничено е раководно лице од Министерството за култура, поради фаворизирање на компанијата „Бетон - Штип“ при изградбата на Музејот на македонската борба.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
„Таргет“- масовно прислушување
СЈО соопшти дека илјадници луѓе биле незаконски следени во периодот од 2008 до 2015 година од страна на Управата за безбедност и контраразузнавање. Вкупно десет лица, дел од кои поранешни високи функционери се осомничени дека го организирале и го координарале незаконското прислушување. Незаконски била следена комуникација на најмалку 4.286 телефонски броеви без судски наредби
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Pape
„Тенк“ и „Тарифа“
СЈО сомничи седум лица дека ја злоупотребиле службената положба во случајот „Тарифа“ кој се однесува на постапка за јавна набавка на софтвер за потребите на АД ЕЛЕМ. Истрага е отворена и против две лица кои учествувале во набавката на службениот „Мерцедес“ на екс-премиерот Никола Груевски кој државниот буџет го чинеше 572 илјади евра.