Прашањето е дали „реформаторот“ Петар Богојевски го употребил точниот термин кога спомна „заштитени сведоци“ од раководството на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи Законот познава и други категории на сведоци
Реклама
„Не е точно дека осум лица од најблиското опкружување на Груевски или од раководството на ВМРО-ДПМНЕ се заштитени сведоци на СЈО“, тврдат за ДВ релевантни извори упатени во работата на ова обвинителство. Ваквото тврдење доаѓа по изјавата на Петар Богојевски, еден од иницијаторите за реформи во ВМРО-ДПМНЕ, кој во вечерашното гостување на ТВ „Телма“, рече дека осум функционери на ВМРО-ДПМНЕ, луѓе од највисокото партиско раководство, односно од најблиското опкружување на партискиот лидер Никола Груевски, се заштитени сведоци на СЈО. Тој нагласи дека нема информации дали лидерот Груевски и поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков го знаат тоа, но порача дека тие повеќе треба да се плашат од потезите на луѓето од нивното опкружување, отколку од „реформаторите“.
Нема сомнеж
Освен ставот дека не постои „партиска осумка на заштитени сведоци“, изворите на ДВ не сакаат да коментираат дали има други категории сведоци од раководството на ВМРО-ДПМНЕ во истрагите што ги води СЈО.
Каква е атмосферата во ВМРО-ДПМНЕ по ова прашање? Генерално, најголемиот дел од функционерите од органите на партијата одбиваат да коментираат и за ова, и за други актуелни прашања. Мал дел кои се отворени за разговор, веруваат дека никој од врвот на партијата не прифатил и не би прифатил да биде заштитен сведок на СЈО. Сепак, не исклучуваат дека „во крајна линија можно е и да има некое негативно изненадување“, но тоа го сведуваат само на „евентуален исклучок, некој што од разни причини би бил психички скршен“.
На прашањето дали веќе постои извесен сомнеж за тоа, одговорот е дециден: „Засега не постои никаков сомнеж. Факт е дека ова е тежок период за партијата, факт е дека се појавуваат разни шпекулации со цел да поттикнат нервоза, да ја разнишаат довербата меѓу нас и да внесат 'црв на сомнеж', со цел да не изместат од рамнотежа и да не дефокусираат од задачите. Но за среќа тие шпекулации многу брзо се демантирани. Всушност, таквите шпекулации повеќе ги збиваат партиските редови“, вели нашиот соговорник.
Заштитен сведок или соработник на правдата?
Клучното прашање е - дали Богојевски во изјавата го употребил точниот термин кога спомна „заштитени сведоци“, бидејќи законот познава и други категории. „Соработник на правдата“ е лице за кое се води кривична постапка или е дел од криминална активност, но за да ги презентира информациите треба да се заштити, и за тоа ќе му се намали казната или ќе се ослободи од кривична одговорност. Како сведоци може да се јават и жртви на некое кривично дело, но бидејќи сведочењето може да ги загрози, и ним им се прикрива идентитетот и на тој начин се штитат. Но, доколку во моментов има лица кои припаѓаат на категоријата „заштитен сведок“, за тоа сигурно би знаел поголем круг на луѓе, бидејќи постојното законско решение предвидува предлогот за вклучување на одредено лице во Програмата за заштита на сведоци да го поднесе Јавниот обвинител на Република Македонија, врз основа на писмено барање добиено од надлежен јавен обвинител, од судијата кој постапува по предметот или од МВР (член 15). Потоа одлучува Советот, а за евентуално продолжување на вклученоста во Програмата повторно одлучува Советот на предлог на Јавниот обвинител на Република Македонија или на раководителот на одделението.
Неопходни законски измени
Токму поради фактот дека во сегашната ситуација премногу луѓе се инволвирани во процесот за давање својство на заштитен сведок, СЈО уште лани побара измени и дополнување на Законот за заштита на сведоци (донесен во 2005 година), а за кои минатата недела беше најавено дека конечно ќе влезат во собраниска процедура. Преку дополнување на членот 15 од Законот, СЈО бара и ова обвинителство да може рамноправно и самостојно да предлага вклучување лица во Програмата за заштита на сведоци. Според предложените измени, СЈО бара писмена согласност од лицето за кое се решава дали ќе влезе во Програмата; СЈО бара автономија да одлучува дали е потребно да се продолжат мерките од Програмата, дури по исклучок и кога таа ќе заврши, ако се констатираат опасности по сведокот; СЈО бара овие измени, но и мерките за заштита - тајност на идентитет, физичка заштита и промена на живеалиште, да се применуваат како итни.
Во изминатиот период од СЈО неколку пати апелираа да се усвојат измените на Законот, бидејќи сегашните решенија не даваат доволни гаранции за оние лица што би дале придонес кон истрагата, а некои случаи како „Нешковски“ „Монструм“ или „Сопот“ не може да се водат ако не се заштитат сведоците.
Сите истраги на македонското СЈО
Таргет, Титаник, Тортура, ТНТ, Транспортер, Тврдина, Трезор, Топлик, Тендери, Тарифа и Тенк се 11-те случаи кои досега ги отвори СЈО. Осомничени или обвинети се многу актуелни и поранешни државни и локални функционери.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Катица Јанева
Катица Јанева беше избрана за Специјален Јавен обвинител на 15 септември 2015 година од страна на Советот на јавните обвинители, а нејзиниот тим се комплетираше со уште 12 обвинители на 4 ноември лани. Нејзиниот избор беше дел од Договорот од Пржино за што согласност дадоа сите лидери на политички партии и големо мнозинство пратеници во Собранието.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Од шионажа до злосторничко здружување
Заклучно со март годинава, во првиот шестмесечен период од работењето, СЈО отворило вкупно 30 предмети против 80 лица. Кривичните дела кои им се ставаат на товар на осомничените и обвинетите се движат од Повреда на избирачко право, Злоупотреба на службена положба до Насилство, Шпионажа и Злосторничко здружување.
Фотографија: MIA
Обработка на прислушуваните материјали
Во септември годинава, СЈО го претстави и вториот шестмесечен извештај за својата работа. Во меѓувреме, ова обвинителство брои 74 вработени. Во тој период, обвинителите преслушале и обработиле 55.240 аудио фајлови, односно 12 проценти од вкупно добиените прислушкувани материјали.
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Charisius
Насилство и фалсификат
Паралелно со поднесениот втор Извештај за својата работа, СЈО ги обелодени и првите две обвиненија. Во првиот предмет, обвинети се седум лица - службеници на УБК кои го уништиле доказниот материјал за неовластеното прислушување. Во вториот, обвинети се 14 лица кои го поттикнувале или извршиле насилство при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година. Меѓу нив е и експремиерот Груевски.
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski
Меѓународна поддршка
СЈО во меѓувреме добива отворена поддршка од претставниците на меѓународната заедница. Шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер на 1 септември годинава порача дека е важно „СЈО да може непречено да продолжи со својата работа за разјаснување на обвинувањата за злоупотреба на моќта, за повторно да се засили довербата на македонското население во демократските институции на земјата“.
Фотографија: Reuters/I. Kalnins
Титаник- број 1.
Во февруари 2016, СЈО го обзнани својот прв случај, за изборни измами за кои постои сомнеж дека ги извршувала група која ја предводеле ексминистерката Јанкулоска, ексминистерот за транспорт Јанакиески и секретарот на Владата, Божиновски. Осомничени се за криминализација на изборниот процес со незаконско издавање лични карти и вметнување во избирачкиот список на лица, како и насилство, поткуп...
Фотографија: Petr Stojanovski
ТНТ- Како се уриваше Космос
Во април 2016 година беше отворен случајот за незаконското уривање на комлексот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски. Иако првично не беа опфатени во истражната постапка, поради аболицијата од претседателот Ѓорге Иванов, осомничени во случајот „ТНТ“ се и експремиерот Груевски, ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и актуелниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски.
Фотографија: Petr Stojanovski
Транспортер- Битола како Токио
Случајот во април 2016, обвинителката Фатиме Фетаи го најави како „веројатно најскапиот превоз за ученици во светот“, кој го плаќал градот Битола. Градоначалникот на Битола Владимир Талески и претседателот на комисијата за јавни набавки на општината, според СЈО, нанеле штета на буџетот од околу 360.000 евра. На Талески му беше одреден и домашен притвор, но во меѓувреме е пуштен на слобода.
Фотографија: DW/Z.Purkovic
Тврдина- уништување на доказите
Во предметот Тврдина кој на јавноста и беше претставен во март 2016 година, осомничени се двајца началници на УБК и ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Тие во 2015 година противзаконски уништиле системи за следење на комуникации, при што е нанесена штета на државата во висина од околу 10 милиони евра. Истите системи претходно биле користени за незаконско следење и прислушкување
Фотографија: MIA
Тортура- изживувањето врз Љубе Бошкоски
На 28 март 2016, СЈО објави дека започнува нова истрага под името „Тортура“, која се однесува на апсењето на лидерот на партијата Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошковски. Поднесени се кривични пријави против седум лица, меѓу нив шестмина припадници на полициската единица Алфи, а како првоосомничен е тогашниот директор на УБК Сашо Мијалков.
Фотографија: DW/P. Stojanov
Трезор- Финзи и УБК
„Трезор“ е кодното име на последниот предмет на СЈО, и прв што се однесува на економски криминал, а произлегува од незаконското следење на комуникациите. Како што рече обвинителката Фатиме Фетаи, предметот се однесува на груба злоупотреба на средствата од буџетот на Република Македонија од страна на три раководни лица во УБК и едно раководно лице во Министерството за внатрешни работи.
Фотографија: picture-alliance/dpa
„Топлик“ и „Тендери“
Во предметот „Топлик“ се осомничени шест лица, кои преку злоупотреба на службената должност и кршење Законот за јавни набавки сториле кривични дела со кои го оштетиле буџетот во висина од 1 милион и 44.000 евра. Во „Тендери“ првоосомничено е раководно лице од Министерството за култура, поради фаворизирање на компанијата „Бетон - Штип“ при изградбата на Музејот на македонската борба.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
„Таргет“- масовно прислушување
СЈО соопшти дека илјадници луѓе биле незаконски следени во периодот од 2008 до 2015 година од страна на Управата за безбедност и контраразузнавање. Вкупно десет лица, дел од кои поранешни високи функционери се осомничени дека го организирале и го координарале незаконското прислушување. Незаконски била следена комуникација на најмалку 4.286 телефонски броеви без судски наредби
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Pape
„Тенк“ и „Тарифа“
СЈО сомничи седум лица дека ја злоупотребиле службената положба во случајот „Тарифа“ кој се однесува на постапка за јавна набавка на софтвер за потребите на АД ЕЛЕМ. Истрага е отворена и против две лица кои учествувале во набавката на службениот „Мерцедес“ на екс-премиерот Никола Груевски кој државниот буџет го чинеше 572 илјади евра.