Нема поделба на Косово
10 декември 2008
Политичкиот аналитичар Азем Власи истакнува дека најважно е тоа што ЕУЛЕКС ќе функционира на целата територија и што ќе работи според важечките прописи на Косово.„Се’ што ќе се работи на теренот ќе биде во соработка со институциите на Косово и сметам дека мисијата ќе биде за добробит на сите граѓани на Косово, пред се' за северниот дел, каде што веќе некое време постои правен вакуум“, вели Власи. Тој оценува дека УНМИК и ЕУЛЕКС ги разјасниле меѓусебните односи и затоа нема место за приказните за поделба на Косово.
Истовремено, аналитичарот Шкљзен Малиќи истакнува дека ЕУЛЕКС нема да има административна власт на Косово, како што до сега беше случајот со УНМИК, туку само ќе ги надгледува процесите. „Ќе има некој вид дуализам во пристапот на северот на Косово и веројатно во српските енклави. ЕУЛЕКС таму постепено ќе ги преземе функциите на УНМИК и потоа ќе стреми кон тоа да се одржат избори и Косово постепено да се интегрира како целина“, вели Малиќи, кој нагласува дека уште некое време, особено во северниот дел на Косово, ќе биде потребно силно меѓународно присуство.
ЕУЛЕКС да се ангажира во реформата на судството
За разлика од косовските аналитичари, западните набљудувачи очекуваат ЕУЛЕКС да се ангажира и во реформата пред се' на правосудниот систем на Косово.„Со оглед дека ЕУЛЕКС е задолжен за судството, наше главно барање е мисијата да посвети големо внимание на овој сектор и да ги разјасни нерасчистените воени злосторства. Притоа треба да бидат поставени независни судии кои ќе придонесат да се разјасни и судбината на 3.000 изчезнати лица“, изјави Барбара Лохбилер, генерален секретар на германската секција на Амнести Интернешнал.