Нема разговори СПЦ – МПЦ додека не се ослободи Вранишковски
10 ноември 2012Српскиот патријарх, кој вчера присуствуваше на погребот на бугарскиот патријарх Максим, во интервју за Бугарската телевизија истакнува дека СПЦ е подготвена за продолжување на разговорите за регулирање на „македонското црковно прашање“, но оти тоа не е можно додека, како што рече, архиепископот Вранишковски е во затвор. Патријархот Иринеј вели дека добил ветување од поглаварот на МПЦ г.г. Стефан дека тоа прашање ќе се реши, но оти досега тоа не се случило.
„Ние, така да кажам, до вчера бевме еден народ. Зошто да не направиме нешто што би влијаело позитивно на нашите народи? Ако се држиме до инаетот нема со ништо да продонесеме“, изјави Иринеј, посочувајќи оти обвиненијата против Вранишковски се „измислени“.
Српскиот патријарх оцени дека пред православието на Балканот претстои позитивен период, дека луѓето се враќаат во црквата и „на исконските вредности и традиции“, како и дека православните народи треба да си помагаат едни на други.
На новинарско прашање дали Бугарите во Србија имаат богослужби на мајчин јазик, патријархот одговори дека во верските објекти се служи на црковнословенски јазик, како и дека нема проблеми, бидејќи Бугарите во Србија знаат српски, а Србите разбираат бугарски јазик.