Немирен сон во даночната оаза
7 јуни 2013Идилично, мало, мирно - тоа е Јунгхолц. Селото со 300 жители припаѓа кон Австрија, но пристапно е само преку Германија. Постојат и други куриозитети. Таму нема пекарница, нема супермаркет, но има три банки. А тие не се многу скромни, како што истакнува Јирген Хубер од Универзитетот Инсбрук:
„Во трите банки денес има околу 4 милијарди евра. Тоа е многу. Над 99 проценти од парите се од Германија, најголем дел веројатно се недекларирани“.
Зашто, во Јунгхолц нема гранични контроли. Така, имашливите Германци можат без проблеми да ги заобиколат финансиските служби и да ги стават своите пари на сигурно. Сега се закануваат тешкотии. Ако Австрија ја прифати автоматската размена на податоци, тоа е крај за оазата. Банките одбиваат интервјуа, градоначалникот молчи. Не без причина:
„Банките се најголемите даночни плаќачи во заедницата, тие се и најголемиот работодавач“.
Но, до кога тоа ќе биде така? Во општината стравуваат дека во местото нема да останат сите банки. И самите жители на Јунгхолц се сомневаат во тоа, како Штефен Лохбилер, земјоделец:
„Ќе видиме што ќе биде, зашто кога било ќе отпадне банкарската тајна, а што ќе стане потоа, можеби не‘ чека изненадување“.
А изненадувањето може да биде непријатно. Јунгхолц има планинарски патеки во лето и снежни писти во зима. Но, ваква понуда има и на други места, дури и подобра. Туристичките претпријатија го пропуштија приклучокот, не инвестираа. Двата големи хотели се затворени, едниот е и урнат. Затоа, за Јунгхолц банките се пресудни.
Германското соседно село Вертах има повеќе крави и помалку банки. Овде има црква, нема хотел, само викендички и мешавина од туризам, земјоделство и стопанство. Градоначалникот Еберхард Јеле се присетува на времињата кога постоела завист кон Јунгхолц:
„Ние немавме толку средства на располагање колку Јунгхолц. Тоа делумно и денес се забележува. Зашто, ние сме зависни од нашите приходи, данокот на претпријатија и на приход и неколку други даноци кои можеме да ги собереме, а тоа не донесува толку многу колку што имаа порано во Јунгхолц“.
Додека сега во Јунгхолц владее страв дека Германците ќе ги повлечат своите пари, Вертах многу пооптимистички гледа на иднината.