1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаГлобално

Ненадејниот крај на летачките џинови

Андреас Шпет
1 август 2020

Многу авиокомпании веќе забележаа дека нивните комотни авиони стануваат доста скапи. Потоа, се случи пандемијата, која за големите летала, како Боинг 747 или Ербас А380, значи предвремен крај на кариерата.

Ausgemusterte Boeing 747 in Teruel / Spanien
Фотографија: ATC Pilot/Sebastian Thoma

Информацијата од Чикаго од средата привлече внимание. Шефот на Боинг, Дејв Калхун, на соработниците им соопшти: „Со оглед на актуелната динамика на пазарот и проекциите, ќе прекинеме со производство на легендарниот Боинг 747 во 2022 година”.

Тоа беше кулминација на брзиот пад на двата најголеми авиони на светот, моделот Боинг 747 од 1970 иЕрбасот А380од 2007. Корона-кризата дефинитивно ја запечати судбината на двата и претходно неекономични гиганти.

Крај на 747 над Тихиот океан во голем стил

За некои тоа е болно збогување. Многу Австралијци со солзи во очите неодамна го проследија на аеродромот во Сиднеј, или на телевизискиот пренос во живо, последното полетување на Боинг 747 на компанијата Квантас. „Низ цела Австралија се разбрануваа емоциите кога Австралијците се збогуваа од дамата, од пријателката која ја засакаа и која некои од нас можеби нѐ одвела во нов живот во Австралија или од таму во големиот свет”, коментира австралискиот експерт за цивилно воздухопловство Џефри Томас.

Боинг 747 во Австралија имаше емотивно збогувањеФотографија: picture-alliance/AAP/J. Carrett

„До почетокот на ерата на 747 повеќето Австралијци само со брод можеа да дојдат до надворешниот свет. Ќе ни недостига авионот”, вели Томас.

Ерата за Квантас почна во 1971. - и заврши подоцна од планираното во јули 2020., по 5 децении и вкупно 77 џамбо-џети со симболот на кенгурот на опашот. Заврши со стил, со летови за збогување и почесни кругови, на пример преку Операта во Сиднеј. И конечно, со лет во форма на кенгур над Тихиот океан, кој можеше да се забележи на апликациите и онлајн страниците за следење на летовите. Достоинствено последно поклонување на авионот кој многумина и натаму го нарекуваат “Кралица на воздухот”, Боингот 747. Потоа слета во калифорниската пустина Моџаве за да биде расклопен во делови.

Ковид-19: Најголемиот паркинг за авиони во Европа

01:12

This browser does not support the video element.

Крај на џамбо-џет и во Лондон

Речиси истовремено, во поранешната колонијална сила Велика Британија пред две недели сосема неочекувано, преку ноќ, и во споредба со Квантас - без стил, компанијата Бритиш Ервејс соопшти дека веднаш ги повлекува Боинг 747, иако крајот беше планиран за 2024 година. Со тоа беше јасно: „Приземјувањето без одлагање го обележува крајот на 50-годишното владеење на џамбо-џетот”, констатира Фајненшл тајмс. Британците цело време беа најголемите поддржувачи на 747 и имаа најголема флота на светот со вкупно 110 летала од 1970. до денес. 

„Ова не е збогување какво што сакавме или очекувавме за неверојатната флота на 747, срце ни се кине што моравме да донесеме ваква одлука”, вели шефот на Бритиш Ервејс, Алекс Круз. „Приземјувањето на џамбо-џетот ќе го почувствуваат многу луѓе во Велика Британија”, додаде Круз.

Бритиш Ервејс соопшти дека веднаш ги повлекува Боинг 747, иако крајот беше планиран за 2024 годинаФотографија: ATC Pilot/Sebastian Thoma

Немаше време за збогување, повеќето од преостанатите 31 Боинг 747 веќе се на плацеви во Шпанија, каде ќе бидат демонтирани. Пред Бритиш Ервејс џамбоџетот во пензија го испратија и конкурентите Вирџин Атлантик и КЛМ.

Со тоа Луфтханза актуелно со 30 летала има најголема флота на 747. Најновите се просечно стари шест години, при што нема информации колку од 11-те приземјени 747-400 на компанијата воопшто ќе бидат вратени во погон.

Повеќе:

Промени на летањето со авион поради короната

До кога ќе има евтини авионски летови?

Последните џамбо-џети - за американскиот претседател

Боингот 747, кој пилотот и автор Марк Ванхонекер, го опиша како „легенда на воздухопловството од 370 тони” за првпат леташе во 1969., неколку месеци пред првото слетување на месечината. Во најновата едиција 747-8 сѐ уште се произведува, како транспортен авион. И по крајот на производството за две години, американската влада ќе добие уште две нови Ер Форс Уан машини кон крајот на 2024 година.

Фотографија: picture-alliance/dpa/B.v. Jutrczenka

Ситуацијата е непрегледна. Поради корона-кризата воздухопловната индустрија западна во најтешката криза во својата преку стогодишна историја. Aвионскиот сообраќај, според проценките на Здружението на браншата ИАТА, ќе се нормализира најрано во 2024. Дури и тогаш веројатно ќе летаат помалку луѓе, а многумина не сакаат како порано да летаат со 400 или повеќе други патници во ист авион.

Ербас: Надеж од Арабија

Големите авиони со четири мотори како 747, но и европскиот Ербас А380, кој се појави пред една деценија како замена за 747, уште пред кризата станаа прескапи за работа и беше тешко да се наполнат и да бидат профитабилни и без вирусот.

Иднината на патувањето со авион

01:47

This browser does not support the video element.

Сега се популарни помалите и далеку поевтините авиони од најновата генерација, како Ербас А350 и Боинг 787 Дримлајнер. „Свесни сме дека заврши времето на А380 и 747, но А350 и 787 секогаш ќе го имаат своето место“, рече уште во мај Сер Тим Кларк, шеф на авиокомпанијата Емирати во Дубаи. И предизвика сензација, бидејќи Емиратите се најголемиот купувач на А380 - веќе имаат 115 гиганти, а Ербас треба од Хамбуг да достави уште осум.

Два месеца подоцна, во јули, Кларк повторно настапи со позитивни изјави: „Ако се врати побарувачката и нема пречки во авиосообраќајот на главните аеродроми, тогаш повторно ќе има простор и за А380. Се надевам дека до април 2022 сите нашите А380 авиони повторно ќе летаат.“ Со оглед дека бизнис моделот на Емиратите се базира на патници на долги, прекуокеански летови – сегмент кој последен ќе се врати во нормала, сомнежи се дозволени.

Отпадите се полнат

Во секој случај, некогаш надежно стартуваниот А380, чија програма преку Ербас за 2021 беше заклучена уште пред почетокот на короната, сега мора да смета на огромни негативни последици. Вкупно 242 двокатни авиони се лиферувани на 15 компании. Во моментов само Емиратите нудат редовни летови со 11 активни А380 и Чајна Садрн со пет.

Паркиралиште за авиони во Теруел, ШпанијаФотографија: ATC Pilot/Sebastian Thoma

Сите останати, вклучително и авионите на Луфтханза, во моментов се паркирани под сонцето во Шпанија, Калифорнија или Австралија. Со години се чекаше замена или расходување на старите авиони, како на пример целата флота од десетте А380 на Ер Франс, од која „најновиот“ е шест години стар. Исто така е неверојатно дека Луфтханза повторно ќе лета со своите четиринаесет А380 авиони. Дури и Сингапур Ерлајнс најави дека е неизвесна судбината на нивните 19 авиони од типот А380. Во моментов во светот од 1500 конструирани авиони, има нешто над 60 Боинг 747 пријавени за превоз на патници, и 244 карго авиони. Очигледно е: ерата на летечките гиганти заврши.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми