Неонацизам: „Женска работа“?
19 јуни 2011
Во круговите на екстремистичката десница доминираат мажите. Во 80 проценти од случаите, тие се наоѓаат во првите редови. Но, работите се менуваат.
„Во последните години се забележува дека жените се се` поприсутни на таа сцена. Не сакаат веќе политичките одлуки да им ги препуштаат само на мажите“, вели Андреас Шпајт, автор на книгата „Женска работа“, која се занимава токму со тој феномен.
Нова шанса за НПД
Тој факт може да се сфати и како темна страна на еманципацијата на жената. Во таа смисла би било дури и чудно, доколу жените не се поприсутни во нацистичките кругови. Андреас Шпајт смета дека раководството на Националдемократската партија, која во Германија не е забранета, во тоа гледа нова шанса:
„Во последните години многу целно се обидуваа да ги постават жените во прв план. Забележаа дека ако жените делат летоци на улица во предизборната кампања; ѕвонат на врата и држат говори на демонстрации, луѓето мислат - па добро, ако се жените тука, тогаш работата сигурно не е толку лоша. НПД без никаков срам го користи тој факт. Истовремено, жените се подготвени да ја преземат понудената улога“, нагласува Шпајт.
Женската харизма во функција на освојувањето поголеми права за десно-радикалната сцена. Нејзините припадници инсистираат на користење исклучиво германски зборови. Така, на пример, италијанскиот збор „пица“ го заменуваат со „торта од зеленчук.“ Во женските екстремистички групи владее дисциплина, се смета дека жената треба да раѓа деца, а самите себеси се нарекуваат „германски жени“ и „жени-мајки.“
Иако тоа звучи можеби смешно и застарено, сепак не е за потценување. Популарноста на неонацистите постојано се зголемува.
Автор: Золтау Хајде/Трајче Тосев
Редактор: Жана Ацеска