1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Будни и на десното око

31 декември 2019

Десничарските екстремисти засилено сеат омраза, улица, на интернет... Нивниот број расте, а сѐ повеќе убиства ја потресуваат Германија. Службите за безбедност од сето тоа конечно извлекуваат поуки, смета Марсел Фирстенау

Demonstration von Rechtsextremisten  in Karlsruhe-Durlach
Фотографија: picture-alliance/dpa/U. Deck

Листата на ужаси е сѐ подолга и подолга. Во Хесен наводен неонацист го уби политичарот Ватер Либке, во Саксонија Анхалт во обид на упад во преполната синагога во градот Хале две лица го загубија животот. Секојдневно во Германија се напаѓаат луѓе поради нивната боја на кожа, вера или сексуална орјентација. Според податоците на Службата за заштита на уставниот поредок, во Германија во моментов има 12.700 десничарски екстремисти подготвени на насилство. За споредба, во 2011 година, кога во јавност излегоа убиствата кои ги сторија припадниците на Националсоцијалистичкото подземје (НСУ), имаше 9.800. А кога веќе станува збор за НСУ, заклучокот на Истражниот одбор во германскиот Бундестаг гласеше вака: „Државата во целост не успеа“. Во центар на критиките се најдоа и полицијата и Службата за заштита на уставниот поредок. Тие, покрај јасните индиции, долго не сакаа во серијата убиства и бомбашки напади да препознаат расистички мотиви. Шефовите на овие служби ветија подобрување, но и покрај промените во врвот и организациските промени, сѐ и натаму беше во голема мерка неефикасно.

Фатално фиксирање на исламистичкиот терор

Што доведе до тоа? Мислењата околу тоа се разликуваат. Но, едно објаснување би можело да биде сигурно точно: долго се фиксира на исламистичкиот терор. По нападите на берлинскиот божиќен пазар во декември 2016 година, безбедносните служби сметаа дека нивните проценки на суров начин се потврдени. Но, сепак истовремено мораа да дозволат и критики на своја сметка - оти ја занемарија десничарската сцена. Кога станува збор за Службата за заштита на уставниот поредок, критичарите тука укажуваат на врска со сменувањето на нејзиниот шеф во 2018 година, Ханс-Георг Масен.

Повеќе на темата:

-Смртна опасност за Евреите во Германија

-Смртни закани од неонацисти за политичари во Германија?!

-Неонацисти во германската полиција

Некои за него рекоа дека ги симпатизира Алтернатива за Германија (АфД), партија која сѐ повеќе лизга во десничарското и нацистичкото милје. Оваа партија, основана во 2013 година, наследникот на Масен, Томас Халденванг, во 2019 година ја означи како „сомнителен случај“. Тоа всушност е увод во надгледувањето од страна на тајните служби.

Стоп за теоријата „сторител поединец“

Најдоцна по оваа разумна одлука, веќе немаше причина за сомнеж во одлучноста на Службата за заштита на уставниот поредок во борба против десничарските екстремисти. Конечно помина времето во кое опасноста оддесно беше лесно толкувана како да се работи за сторители поединци. „Сметам оти тука во меѓувреме има премногу одделни случаи“, јасно изјави шефот на Службата за заштита на уставниот поредок, Халденванг.

Марсел Фирстенау, автор на коментаротФотографија: DW

Секако, да се зборува отворено сепак не е исто и да се делува на соодветен начин. Но, веќе и ова заслужува пофалба. Од летово, имено, еден новоформиран тим од неговата служба е задолжен за десничарските екстремисти. Така, меѓу останото, во иднина и оделението за научна експертиза ќе биде засилено со дополнителни 300 работни места.

Пријатен самокритички тон

Исто така, минато е и очигледно погрешно сфатениот обѕир кон десничарските екстремисти во своите редови. Тоа важи и за Сојузната криминалистичка служба. На нејзино чело е Холгер Минх, а тој е на ист курс како и неговиот колега од Службата за заштита на уставниот поредок. Набрзо би требало да биде изработена „Слика за состојбата на десничарскиот екстремизам“ во сите државни служби - во кои, инаку, се вработени 4,7 милиони луѓе. Во нив спаѓа и Бундесверот, кој во 2017 година се најде на насловните страници поради наводна десничарско екстремистичка мрежа на војникот Франк А. Добар знак е тоа што од германските служби за безбедност се слушаат самокритични тонови. Кога полицијата и Службата за заштита на уставниот поредок ќе исчистат пред својот праг, тогаш нивниот ангажман против сите непријатели на демократијата ќе биде многу поверодостоен. А, тоа долго и многу недостасуваше. Десничарските екстремисти можеа дури и да се почувствуваат охрабрени, бидејќи во најлош случај не чувствуваа дека некој ги прогонува.

Никој веќе не го трга погледот од десничарските екстремисти

Сојузниот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер, во чија надлежност се полицијата и Службата за заштита на уставниот поредок, го кажа она што е суштината: „Тоа требаше порано сериозно да се сфати!“. Под тоа мислеше на 2000 година и почетокот на „крвавата трага“ на терористичката група НСУ. А таа „трага“, ни по нападот на синагогата во Хале во 2019 година, за жал не е завршена. Но, секаде каде што е надлежен министерот за внатрешни работи, сега никој не гледа настрана. Службите подредени на Зехофер конечно се будни и на десното око.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми