1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неосвестени Бугари и одродени Македонци

13 јули 2021

Секој што за резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ ќе се осмели да изусти дека таа нема да ги подобри позициите на Македонија за почеток на преговори со ЕУ, треба да се прогласи за изрод, непријател и предавник. Пишува Ерол Ризаов

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Втората тура парламентарни избори во Бугарија заврши како и првата. Многу веројатно ќе се оди на трета мајка. Има реални шанси Бугарите да дознаат дека државата подобро им функционира кога немаат политички одговорна влада. Или уште подобро кога воопшто немаат влада. Тогаш бугарските политичари им бакнуваат рака и ги гушкаат сите свои сограѓани и се многу милозливи и слаткоречиви. Институциите на системот работат целосно независно. Милина една. Сѐ функционира како швајцарски часовник, освен односите со Македонија.

Во Северна Македонија пак, по мало задоцнување по третите, или евентуално најдоцна по четвртите парламентарни избори во Бугарија, во низа едно по друго, на секои три месеци, конечно ќе се разбере дека само по едно прашање кај нашите браќа има цврст консензус меѓу сите политички партии и кај огромно мнозинство граѓани: дека Македонците се неосвестени Бугари, читај србомани, жртви на српскиот режим, и додека не се освестат ќе бидат блокирани да ги почнат преговорите за членство во ЕУ. Така и им треба на неблагодарните браќа и сестри.

Возвишеното чувство на секој Бугарин

Тоа мора да е многу возвишено чувство кај секој Бугарин кога партиите меѓу себе не можат да се договорат за ништо, освен за тоа како да ги освестат милион ипол заблудени Бугари во Македонија. Велат многу лесно и едноставно, удри им вето и ултиматум на неосвестените да ги вратат присвоените бугарски дејци кои загинале за слобода на Македонија, да им се врати бугарското потекло на вештачкиот македонски јазик и сите бугарски дијалекти онака топтан назад во Бугарија од каде што и стасале. Или уште подобро да се направи аншлус како што направи Германија со Австрија кога ја „ослободи". 

Значи, нема ниту една причина да бидеме загрижени што и како ќе одлучат во Бугарија, сеедно та имало, та немало влада, ќе има вето, или поточно ќе има еден куп вета.

-претходни колумни од авторот: Јуначење под јорган- планина

Големата загриженост на нашите бранители на идентитетските посебности и на историјата е што се појавија кај нас одродени Македонци, разни изроди и странски платеници, сконцентрирани во владата предводени од премиерот Зоран Заев кои подготвуваат големо предавство на сѐ што е македонско. За голема среќа во несреќа е што патриотската опозиција навреме ги откри тајните планови на власта и предложи спасоносна резолуција да не се распродаваат националните интереси. Ете така сами се открија изродите и одродените Македонци. Секој што се сомнева во резолуцијата која ја подготвиле анонимни научници од МАНУ, од УКИМ, од МПЦ и од ВМРО ДПМНЕ и ќе се осмели да изусти дека таа нема да ги подобри позициите на Македонија за почеток на преговорите со ЕУ, веднаш треба да се прогласи за непријател и предавник.

Уште посреќна околност е тоа што и да се потпише предавството нема на кого да се предаде и нема кој да го прифати во Бугарија.

И сега што правиме. Ништо. Заклучокот од научниот консензус по историската платформа на МАНУ, УКИМ и Црквата доставена до револуционерната партија е многу јасен. Додека не си замине Зоран Заев од функцијата ќе нема преговори со ЕУ. Штом дојде до промена на власта работите ќе дојдат на свое место и експресно ќе почнат преговорите со Брисел, а и Бугарија ќе попушти бидејќи резолуцијата не е насочена кон соседот, туку кон домашните предавници.

-претходни колумни од авторот: Кога ќе завршат приказните за предавства?

Во тој случај воопшто не се ни потребни парламентарни избори во Македонија. Само треба Зоран Заев под итно да си даде неотповиклива оставка со комплетниот владин кабинет. Веднаш да се формира влада за национален спас која во наредните десетина години ќе ја преводи лидерот на ВМРО- ДПМНЕ Христијан Мицкоски во тесна соработка со Никола Груевски и работата е завршена. Македонија за неполни пет години ќе стане редовна членка на ЕУ, без свиткана кичма со зачувани национални и идентитетски посебности, со својата славна историја и со сите дејци, револуционери, цареви и кралеви на број до еден.

Што ни фали да бидеме како Швајцарија

Ќе бидат потпишани достоинствено и гордо неопходните  измени на предавничките договори со Грција и со Бугарија. Ете тоа ќе биде резултатот од чудесната научно партиска резолуција која ќе ја спаси Македонија од понижувања и предавства. Работите биле многу лесни и едноставни само треба вистинските луѓе да дојдат на вистински места.

Ако евентуално Бугарите, Грците, ЕУ и Америка нешто мрчат и не се согласуваат со нашиот научно, црковно- партиски консензус има, исто така, одлични алтернативи. Прво под итно можеме да прогласиме неутралност како Швајцарија и да си продолжиме непречено како неутрална и самостојна држава. Што и фали на Швајцарија? Ама баш ништо. Луѓето таму си живеат спокојно во изобилие. И онака тоа е добропозната стара идеја на знаменитиот Ванчо Михајлов, Македонија да биде како Швајцарија на Балканите. Тоа што сме во сојуз со НАТО- најголемата светска воена и политичка велесила- ништо не значи. Тој сојуз со НАТО беше голема грешка кога таму не пикнаа со сила како многу значајна стратегиска точка бидејќи сме папокот на светот.

-претходни колумни од авторот: Три дена и три ноќи без голем скандал

Ако не прифаќаат да бидеме неутрални, тогаш, има уште подобри решенија кои се лицитираат секој ден. Тука е Русија, нашиот бачушка кој ќе не заштити како и секогаш кога ни било најтешко од сите надворешни и домашни непријатели. Ако не оди работата со Русија, Кинезите сигурно нема да не одбијат. Ние и Кина милијарда ипол. Никој не ни може ништо. Комшиите Бугарија и Албанија имаа едно такво извонредно добро искуство на сојузништво за време на Советскиот Сојуз и Тодор  Живков, а Албанија со Кина за време на Енвер Хоџа.

Карикатурална претстава на нашата реалност

Почитувани, веќе препознавте дека се работи за карикатурална и пародична претстава на нашата реалност. Чинам дека тоа поеднаставување, за жал, е најадекватниот начин да се укаже дека приказните за предавства на националните интереси и нивната заштита со резолуции и декларации е во суштина празна слама зад која се кријат битките за власт. Сериозните анализи и непобитни факти ја губат битката пред оркестрираните теории на завери дека во Македонија само што не се случило предавство на националните интереси и идентитетски посебности, особено кога тие се гарнирани со злоупотреба од поединци од значајни институции како што се МАНУ, МПЦ и УКИМ кои, без да поминат низ надлежните тела, се пласираат во јавноста и се доставуваат до Собранието преку политичка партија чиј главен промотор на заштита на идентитетот и толкувач на резолуцијата е Антонијо Милошоски, кој пак, најзначајната национална фигура призната во светот Блаже Конески, го нарече во своја колумна насловена како „џуџето од Небрегово.“ За тоа ВМРО- ДПМНЕ никогаш не се извини на македонскиот народ, ниту пак се огради од Милошоски. Необјасниво е како може да им се верува на вакви луѓе дека тие се загрижени за националните интереси. Нека се обиде било кој политичар во било која земја со таква навреда и исмевање да се појави во јавноста за личноста која ги има заслугите за својата држава, како што ги има Блаже Конески за Македонија и за славистичката и лигвистичката наука во светот. Во истиот миг неговата политичка кариера ќе остане запечатена. Но ете кај нас сѐ проаѓа, дури можете да бидете унапредени кога се подгрева јавноста со предавства и завери и кога грубо се навредува таткото на литературниот македонски јазик.

Не ни требаат повеќе резолуции и декларации ги имаме и од повеќе. Досега не ни помогнаа многу. Ни требаат мудрост, знаење и консензус како преку дијалог да ги реализираме веќе склучените договори со соседите без загроза на националните интереси и идентитетски посебности. Тоа е можно само ако тешкотиите на тој пат не се за политичко партиска пресметка, туку да се застане на праведната страна на историјата.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми