1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Непожелните“

Обработка: З. Јордановски3 август 2015

Бегалците се трајна тема во германскиот печат. Оние од Балканот се се’ почесто во фокусот. Обидите со кревање огради на границите да се запрат бегалците, раѓаат дилеми и прашања.

Фотографија: picture-alliance/dpa/Daniel Reinhardt

„Кога веќе не би доаѓале бегалци од земјите на Балканот, би можеле повторно да бидат ослободени спортските сали и да бидат демонтирани шаторските населби. Тоа е надежта на многумина градоначалници и обласни челници - а веројатно и на министерот за внатрешни работи“, се вели на почетокот од текстот со наслов „Непожелните“, објавен во „Франкфуртер алгемајне зонтагсцајтунг“.

Во прилогот е наведен податокот дека во јули во Германија дошле рекордни 79 илјади баратели на азил, од кои 46 проценти се таканаречените економски бегалци од Србија, Босна и Херцеговина, Македонија, Косово, Албанија и Црна Гора. „Толкумина тргнуват на пат, што владата на Косово е загрижена дека ќе и’ избегаат луѓето. Секој десетти од 1,8 милиони жители на Косово веќе живее во Германија“, се вели во прилогот. „Парите се силен мотив“, сметаат во Сојузната агенција за миграција и бегалци: едно четиричлено семејство добива „околу 1.100 евра месечно и не мора од тие пари да плаќа кирија“. Тоа е законски регулирано и „правно не е можно да се скрати таа помош за само една група баратели на азил“.

Во прилогот се констатира и дека „кај населението е минимално расположението за нивно прифаќање: ’Кога еден Албанец се симнува од автобусот со ајфон во раката, тогаш за тоа нема разбирање“. Две третини од германските граѓани посакуваат побрза постапка спрема барателите на азил кои немаат шанси да бидат прифатени, се вели понатаму. Тоа е можно ако „барањата на луѓе од Балкан приоритетно се третираат. Пролетта еднаш тоа беше правено неколку недели. Одеднаш наместо 1.500, доаѓаа само по 50 луѓе од Косово дневно, оти благодарение на смартфоните гласот за секоја промена во однесувањето на властите истовремено се шири во матичните земји. (...) Политички се поставува прашањето дали класификувањето на Албанија, Косово и Црна Гора како ’сигурни земји на потеклото‘ би ги одвратило луѓетоод доаѓање во Германија. Од ноември 2014 тоа важи за Србија, Македонија и Босна и Херцеговина. Досега не се покажува уверливо дека тоа помогнало“, се констатира во написот на „Франкфуртер алгемајне зонтагсцајтунг“.

„Само да се побегне“

„Во 1999 Косово беше ’ослободено‘. Но, жителите бегаат. Зошто?“, се прашува весникот „Ди Велт“. Во прилогот се нуди ваков краток опис на состојбата: „Речиси секој втор е невработан, кај младите луѓе дури 70 проценти се без работа. Рудниците за кафеав јаглен и за цинк, кој во Титово време беа ’рбет на косовската економија, се распаѓаат сами од себе.

Во 1999 уште имаше надеж. Кога Западот, со учество и на Бундесверот, ја протера српската армија од Косово, малиот појас со два милиона жители требаше да биде претворен во успешен модел. Оттогаш таму се слеаја околу две милијарди евра помош од ЕУ за обнова, а до 2020 година треба да уследат натамошни 650 милиони. Хуманитарни организации градеа училишта, улици и куќи. Но, билансот на успехот по 16 години работа на обнова е депримирачки. Инвеститорите ги застрашува првенствено корупцијата. Косово тешко може да преживее без дознаките од иселениците или помошта од меѓународната заедница. Владата во Приштина не презема многу активности за да промени нешто во тоа. Изостануваат итно неопходните реформи“. Рестриктивното доделување визи од страна на германските власти, поради стравот дека луѓето веќе нема да се вратат во Косово, во изминатите месеци натера „десетици илјади бегалци илегално да бидат пренесени преку граница од шверцери. Само во текот на годинава азил во Германија побараа 31.400 луѓе од Косово“. Парите од Европа сами по себе не придонесуваат за реформи, голем дел од нив оди за плати на претставници на ЕУ, цитиран е Ерол Билибани, раководител на филмски фестивал од Призрен. А и нивната веродостојност е „разнишана откако на Еулекс во октомври 2014 му беше префрлено за корупција. ’Кога Косово успеа дури да ги корумпира оние, кои токму тоа требаше да гфо сузбиваат, тогаш не е за чудење дека луѓето овде ја загубија поелседната надеж‘, вели Билибани. (...) На Балканот Косово требаше да биде излог на Западот. Сега може да се види само политичка и економска руина“, констатира на крајот „Ди Велт“.

„Ограда е повеќе отколку само парче метал“

Магазинот „Неон“, издание на медиумската група „Штерн“, објавува долга репортажа од бугарско-турската граница на која веќе подолго време е подигнат ѕид за да се запре реката бегалци. Ѕидот кај авторот на прилогот Матас Лауерер раѓа дилеми и прашања:

„Во Студената војна Истокот се бореше против Западот и на обете страни луѓето беа сигурни дека се залагат за вистинското добро. Со големи вложувања беше обезбедена сигурноста на границите, за да се држи подалеку класниот непријател, а во случајот со комунистичките држави и за да се задржат во земјата сопствените граѓани. Ситуацијата беше јасна. Но, за каква цел и за какви идеали ние денес во Европа градиме повторно огради? Дали се бегалците наши непријатели? И од што точно стравуваме ние? Од нови идеи и нови односи? Кој оди на оградата на бугарско-турската граница не само што многу ќе научи за технологијата за надгледување, туку и ќе се праша што кажува тоа за Европа и за нашето сфаќање на демократијата, ако ЕУ порадо со милионски трошоци поставува бодликав тел, отколку да им помогне на луѓето. (...) Европската нова политика на високи огради е соодговорна за тоа, дека бегалците преку море ги ризикуваат животите. Ограда, се учи на патувањето, е многу повеќе отколку парче метал. Ограда блокира патишта, им става крај на соништата и на долгите патувања. И, понекогаш, води во смрт недолжни луѓе“, се вели, покрај другото, во прилогот на магазинот „Неон“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми