Непожелни во Германија
8 јуни 2009
Во виетнамската заедница во берлинскиот кварт Марцан последниве години се создаде еден вид двокласно општество. На првата категорија Виетнамци и` припаѓаат сопствениците на мали цвеќари, продавници за брза храна и штандови со текстил. Најчесто станува збор за луѓе кои имале договори за работа во поранешната Германска Демократска Република и кои со тек на време си обезбедиле легален и колку-толку сигурен престој во Германија. За нив минувањето или запирањето на полициски автомобили значи нови или добро познати муштерии. Но, за Виетнамците кои продаваат цигари на јавните простори за паркирање автомобили, истите полицајци се вистинско хорор - сценарио: тие панично бегаат од нив, дури и по цена да настрадаат, прескокнувајќи ги шините и сообраќајниците. Овие вторите, имено, продаваат цигари и други производи на црно, немаат дозвола за престој и за работа и со тоа и` припаѓаат на генерацијата без перспектива во Германија, објаснува Тамара Хенчел од здружението за помош на виетнамските бегалци: „По отворањето на Виетнам, како и по паѓањето на ’железната завеса’ голем број Виетнамци, кои никогаш порано не биле во странство, дојдоа во Европа. Принципиелно за нас би било подобро кога овие луѓе би останале дома, кога воопшто не би тргнувале на пат исполнет со опасности, при што се задолжуваат, па дури и страдаат.“
Матни ветувања
Поголемиот дел од Виетнамците кои тргнале кон Европа им подлегнува на лажните ветувања на бандите шверцери со луѓе, кои своите услуги скапо ги наплатуваат. Во Германија бегалците поднесуваат барања за азил, најчесто без никакви изгледи да бидат прифатени и така постепено влегуваат во кругот на сиромаштија, нелегален престој, криминал и конечно затвор, од каде како протерани лица заминуваат во татковината. Наспроти ваквата судбина, бројот виетнамски граѓани кои се обидуваат да се доселат во Германија и во соседните земји, како Полска и Чешка, е во постојан пораст. Денешната акција со транспортот на сто Ветинамци од берлинскиот аеродром „Шенефелд“ е токму завршницата на веќе опишаниот пат.
Бран протести
Против неа се крена протест на невладините организации, кои се повикуваат на извештајот на организацијата „Амнести интернешенл“ дека во Виетнам постои „измачување на затвореници, затворање од политички причини, па дури и смртна казна“.
„Состојбата со човековите права во Виетнам е сигурно незадоволувачка, што се однесува до правата на учество во политичкиот процес и до политичките слободи. Уверен сум дека лицата на кои им се заканува прогон или затворање во Виетнам не треба да се протеруваат од Германија“ - нагласува ополномоштеникот на германската влада за прашања на човековите права, Гинтер Ноке.
Но, меѓу виетнамските бегалци кои последниве години пристигнуваат во Германија има многу малку такви, кои оправдано стравуваат од политички репресалии - таква е барем проценката на германските власти и судови. Тоа го потврдува и пратеникот за прашања на интеграцијата при покраинската влада за Берлин, Фолкер Пининг, кој вели дека Виетнамците се трети по ред, по Ирачаните и Турците, по бројот поднесени барања за азил: „Бројот прифатени барања за азил меѓутоа се движи околу нулата, што значи дека се создава многу голема група луѓе, кои немаат повеќе дозвола за престој. Затоа уделот на Виетнамци во протерувањата од Германија последниве месеци е споредбено голем“ - нагласува Фолкер Пининг.
Автор: Бернд Греслер/ Горан Чутаноски
Редактор: Жана Ацеска