1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Непознатата болест на Јулија Тимошенко

25 август 2011

Украинската опозициска лидерка, Јулија Тимошенко, е во притвор од почетокот на август. Неодамна, нејзиниот адвокат изјави дека таа страда од мистериозна болест.

Ukraine Julia Timoschenko vor Gericht in Kiew
Тимошенко се сомнева дека е труенаФотографија: dapd

Нејзините поддржувачи се сомневаат во гнасна игра на власта, а ЕУ е загрижена. Но, украинската влада вели дека таа глуми.

Кога Јулија Тимошенко влезе во судницата овој понеделник, сите се интересираа само за една работа - нејзиниот изглед. На себе имаше облека во беж-боја, а нејзиниот заштитен знак – плетенката, беше заменета со кок-фризура. Генерално, изгледаше поздраво од минатонеделното сослушување, кога почнаа да циркулираат гласини дека здравјето на Тимошенко се влошило откако е во притвор.

Нејзиниот адвокат, Јури Сухов, зборуваше за алармантните симптоми на непознатата болест. Александар Турчинов, заменик претседателот на партијата на Тимошенко, објасни подетално.

„Таа има по целото тело модрици и испукани крвни садови. Јулија побара од нас да не ги информираме медиумите за тоа. Досега, никогаш немала такви проблеми. Нејзината состојба е толку лоша, што не може ниту да направи кратка прошетка, која што и‘ е дозволена’, вели Турчинов.

Опасен отров на ѕидот од ќелијата

Судијата одбиваше да и’ дозволи на Тимошенко да ја посети нејзиниот доктор. Поранешната премиерка одбиваше да биде прегледана од затворскиот доктор или специјалист од министерството за здравство. На двете страни им е страв од манипулација. Сепак, во вторникот (23.08), украинската влада објави дека Тимошенко е во задоволителна здравствена состојба, откако ја прегледале петмина доктори специјалисти, меѓу кои бил и нејзиниот лекар.

Приврзаниците на лидерката на опозицијата тврдат дека таа имала модринки по целото телоФотографија: dapd

Приврзаниците на Тимошенко се сомневаат во гнасна игра на власта. Има гласини дека се работи за откажување на работата на срцето, како и за скриено труење. Еден од пратениците рече дека можеби станува збор за отров за глувци размачкан на ѕидовите во нејзината ќелија. Тимошенко самата кажа дека ѕидовите биле премачкани со специјална течност против лебарки и останати инсекти.

За многумина оваа ситуација е потсетување на нерасчистеното труење на поранешниот претседател Јушченко, чие лице и денес е избраздено.

Тимошенко правела театар

Критичарите на Тимошенко ја обвинија за правење театар и измислување лажна болест за да се заштити од обвинувањата. Тимошенко нема ништо друго, освен една модринка на раката, рече државниот обвинител Лилија Фролова.

Украинската влада тврди дека Тимошенко прави театар за време на судскиот процесФотографија: picture alliance/dpa

„Обвинетата изгледа како и на почетокот од правниот процес. Таа е многу убава жена. И, јас не забележав никакви промени на нејзиното лице. Таа изгледа одлично, многу живо“, додава Фролова и дополнува дека судијата е свесен оти Тимошенко се обидува да побуди симпатии за да биде ослободена од обвинувањата.

Но, адвокатот на Тимошенко, Јури Сухов, вели дека не станува збор за тоа.

„Бараме ослободување, не поради нејзиното здравје, туку затоа што нема причина за нејзино притворање. Се надеваме дека нашите предлози ќе бидат прифатени и процесот ќе биде запрен. И, поради изјавите на сведоците. Ниеден од нив не кажа дека Јулија извршила криминал“, вели адвокатот Сухов.

Тимошенко е обвинета за злоупотреба на позицијата, кога во 2009-та потпиша договор за купување гас од Русија. Јавниот обвинител смета дека договорот довел до штета за Украина, што се изразува во милиони евра. Ако биде прогласена за виновна, може да остане во затвор до 10 години.

Автор: Сара Херман/ Александар Методијев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми