1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неполитична генерација? Левицата агитира кај младите

Нина Нибергал / Е.М. Фиданоска26 мај 2016

Грегор Гизи доаѓа и никој не оди да го слуша? Напротив! Стотици студенти на универзитетот во Бон дојдоа на студ да слушаат што има да каже левичарот, иако одамна се тврди дека нивната генерација нема интерес за политика.

Фотографија: Minerva Studio/Fotolia.com

„Сакав само да слушнам поинакви ставови“, вели 20-годишниот Лукас. „Студиите по економија ми се најчесто премногу пазарано радикални.“ Освен тоа, додава тој, политичарот на Левицата, Грегор Гизи, му е едноставно симпатичен. Студентот од Келн е еден од стотиците студенти кои во дворот на универзитетот во Бон беа собрани неколку часа пред да почне предавањето на Гизи. На Фејсбук интерес за настанот покажаа 9000 лица. Сите сакаа да слушнат што има да реферира Грегор Гизи околу „социјалните прашања во светското лудило по пораст“.

Студено е, врне и јасно е дека во слушалната нема да има место за сите заинтересирани. На крајот на редицата е 22-годишната Соња. Таа не се ангажира политички, но времињата се политички - таканаречената Алтернатива за Германија (АфД) и Пегида стануваат сѐ попопуларни. „Треба да се покаже став“, вели Соња.

Потрошувачки наместо политички ориентирани?

Речиси сите што чекаат се на возраст меѓу 18 и 30 години. Тие припаѓаат на „генерацијата неполитични“. Така барем тврдат некои истражувања. Пред две години, истражувањето направено по налог на Сојузната служба за печат, а реализирано од ТМС Инфратест, го даде следниот резултат: само 45% од младите се заинтересирани силно или многу силно за политика. Многу поважни им се „професионалното напредување, како и материјалните вредности“, се вели во студијата. Исто така, постојано опаѓа и ангажманот во партиите или политичките студентски групи.

Редицата за влез е долга, сите сакаат да слушнат што има да каже левичарот ГизиФотографија: DW/N. Niebergall

„Не можам да замислам да се зачленам во партија. Во таков случај, што се однесува до моите ставови и уверувања, би морал да направам премногу отстапки“, објаснува студентот по економија Мориц. Тој додава: „Не сум задоволен со политичкиот систем онаков каков што е денес.“

Социологот од Фрајбург Алберт Шер не е изненаден од ваквите размислувања. Довербата во политичките институции е во опаѓање и кај младите и кај возрасните. Многумина се заинтересирани, но не се подготвени да се ангажираат во партии. „Специфичните проблеми на младите се долу на партиските листи на приоритети. Одамна не постои офанзивна политика за млади, каде младите би препознале дека партиите зборуваат со нивниот јазик за нивните проблеми“, објаснува Шер.

Јазикот на масите

Грегор Гизи верува дека зборува со јазикот на масите. „Се обидувам политиката да ја преведам на јазик кој го зборуваат многумина“, рече тој за ДВ пред почетокот на своето предавање. „Младите од мене очекуваат да го застапувам своето мислење и да немам обѕири кон она што го бараат медиумите или што го бара мојата партија. Мислам дека тие ја почитуваат ваквата самостојност.“

Грегор Гизи е уверен дека зборува со јазикот на маситеФотографија: DW/N. Niebergall

Потоа поранешниот лидер на Партијата на Левицата се качува на бината. И, навистина: тој зборува со јазикот на пленумот. Со неспоредлива мешавина од елоквенција, виц, искреност и порција самокритичност, тој делува уверливо кај својата млада публика. Насмевките се сѐ погласни, аплаузот сѐ поинтензивен. Бегалска политика, АфД, ТТИП, банкарска криза - Гизи како да зборува од душата на многумина од присутните. Бечелор-мастер-систем? „Сето тоа е глупост.“ Тоа не придонесува за меѓународна споредба, а наместо тоа на студентите им ја одзема можноста да си ги развијат интересите.

Гизи изразува разбирање на проблемите на своите слушатели, но сепак и опоменува. „Едно мора да ви се каже критички: не е во ред сите вие заедно да сте помалку бунтовни од мене!“ Смеењето е големо, никој не му се лути за неговата директност.

Давид, 23-годишен студент по физика, е сигурен дека многу студенти доаѓаат поради личноста на Гизи. „Тој е многу присутен на новите медиуми. Активен е на Твитер и делува како да е е еден од малкуте политичари кои го разбрале Фејсбук.“ Освен тоа, Гизи е отворен и за други формати. „Неодамна беше интервјуиран, на пример, од магазин за хип-хоп музика. Луѓето на кои им се обрати на таков начин се малку на број, но тие дефинитивно се дел од неполитичната генерација“, вели Давид. И социологот Шер се согласува дека социјалните медиуми се соодветна форма на комуникација. Фејсбук и Твитер се пристапни за секого.

Фотографија: DW/N. Niebergall

Други времиња, други форми на протест

Пред само неколку месеци едно предавање на универзитетот во Келн на шефицата на пратеничката група на Левицата, Сара Вагенкнехт, предизвика слична динамика како и настанот со Гизи во Бон. Илјадници луѓе се пријавија на Фејсбук како заинтересирани за предавањето, на крајот присуствуваа стотици. Салата беше преполна.

Студентот Лукас не смета дека неговата генерација е неполитична. Мориц додава: „Според мене, политичкиот ангажман почнува веќе со разгвоор со некого кој има поинакво мислење. И кога нешто се споделува на Фејсбук или се потпишува некаква петиција, сето тоа придонесува за нешто да се случува политички.“

Алберт Шер нагласува дека има „зголемување на неформалниот цивилно-општествен ангажман“, како нап ример во делот на помош за бегалците. Политичката свест е променета. Многу студенти му раскажуваат дека се хранат вегетаријански за да ја докажат својата одговорност за екологијата и природата. Тие се концентрираат на „секојдневни теми и дејства кои допираат политички релевантни прашања, но кои не можат да се преведат во соработка во партиите или граѓанските иницијативи“.

Три матурантки велат дека одат почесто на демонстрации и дека слушаат вакви предавања. Тие сакаат да сменат нешто. Во Германија многу работи одат во погрешна насока, оценува 18-годишната Аманда. Таа прашува: „Ако тоа не го сториме ние, тогаш кој?“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми