„Непредвидлиот марксист“ во битка против „кусогледата“ ЕУ
10 февруари 2016 Настанот кој во вторникот се одржа во Берлин, во познатата Фолксбине која има долга традиција на левичарски настапи, беше долго претходно распродаден. Јанис Варуфакис, самопрогласениот „непредвидлив марксист“ кој вети дека ќе ја промени ЕУ, беше причината за турканиците.
„Негова должност е да го стори тоа“, и порача тој на преполната сала. Во спротивно, ЕУ ќе се распадне.
Иако ја напушти грчката политичка сцена пред седум месеци, одметнатиот политичар се врати во политичката арена преку Берлин каде го лансираше своето пан-европско движење. Варуфакис го нарекува движењето „широка коалиција на радикални демократи“, кои планираат да ја демократизираат ЕУ.
Во основачкиот манифест, движењето кое се нарекува ДиЕМ 25- скратено од Демократија во Европа Движење 2025, се залага за демократизирање на Европа. Притоа ја напаѓа ЕУ како „анти-демократска“ и „поделена“, раководена од авторитарни технократи. Варуфакис пред публиката рече дека „естаблишментот на ЕУ владее со страв“.
Со ЕУ, се наведува во манифестот, владее „конфедерација на кратковиди политичари, економски наивни функционери и финансиски некомпетентни 'експерти' кои ропски им се покоруваат на едиктите на финансиските и на индустриските конгломерати, отуѓувајќи ги Европејците и предизвикувајќи опасни антиевропски реакции“.
Движењето повикува на целосна транспарентност на процесот на донесување одлуки во ЕУ, преку пренесување во живо на важните состаноци, и ограничување на моќта на Брисел во делот на јавниот долг, банкарството и миграцијата.
Критики против движењето
Манифестот предвидува одржување на уставно собрание и усвојување на Европски Устав до 2025. Доколку пропадне големиот план, вели Варуфакис, Европа- соочена со бегалската криза, ќе ја доживее „пост-модерната верзија на 1939-те“ и притоа предупредува дека „ќе се вратат тврдините насекаде низ Европа“.
На подиумот му се придружија лидерот на Партијата на Левицата, Катја Кипинг, британската пратеничка Каролин Лукас и ирската пратеничка Неса Чилдерс, меѓу другите.
Но движењето има и критичари. Во отворено писмо упатено до Варуфакис, членот на Европскиот парламент од партијата на Зелените, Свен Гиголд, ги нарече коментарите на грчкиот економист „навредливи и популистички“. Тој го критикуваше и манифестот поради недостаток на транспарентност, укажувајќи дека е нејасно кој одлучил за конечната верзија на документот.
Но, како и да е, бројот на луѓето кои ја потпишуваат петицијата постојано расте. До вторникот ноќта, повеќе од 3,200 луѓе се потпишаа.