1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Непроценлива услуга на Камерон за Европа

Зоран Јордановски26 јуни 2016

Наместо критики, ЕУ треба да му е благодарна на Камерон. Тој ја принуди да се преиспита. Опстанокот не ѝ е загрозен толку од брегзит, колку од демонстрираната неспособност да се реформира, смета Зоран Јордановски.

Фотографија: Getty Images/AFP/J. Thys

Не помогнаа ни најстрашните сценарија за заплашување на Британците за тоа какви се` катастрофи ги очекуваат без ЕУ. Поаѓајќи од тоа дека граѓаните на островот не се мазохисти, тие, мнозински определувајќи се за брегзит, покажаа дека во ЕУ гледаат уште поголемо страшило од оние што им беа опишувани од приврзаниците за останување во Унијата. Оти, иако во преден план беше прашањето за бегалците, кое можеби и решавачки повлијае врз исходот на референдумот, во заднината стои се` поголемото незадоволство на граѓаните од нивната ЕУ.
Островјаните не се некој голем исклучок – многумина од граѓаните на Европа се скептични во однос на ЕУ, но британскиот премиер Дејвид Камерон е тој што го пушти “духот од шишето” и сега се соочува со последиците од непромислената политичка игра. Сакајќи да собере поени пред сопствените избирачи и да ја добие внатрепартиската битка со силните конкуренти кои му го оспоруваа лидерството, тој прво грмеше против ЕУ, се закануваше со излегување од неа за да изнуди натамошни отстапки за Велика Британија од ЕУ (а таа и пред тоа имаше посебен статус – на пример, не го воведе еврото). Кога ги доби, тие потоа му беа аргумент за да се залага за останување.
Граѓаните му покажаа на Камерон дека не се со толку кратко памтење. На крајот не само што премиерот и шеф на ториевците (конзервативците) си ја упропасти сопствената кариера (веќе ја објави својата оставка со тримесечно одложно дејство), туку ја доведе под прашање и судбината на Обединетото кралство. Шкотските сепаратисти добија дополнителен поттик за отцепување (таму мнозинството граѓани гласаа за останување во ЕУ), а и северноирските католици го кренаа гласот за обединување со Република Ирска.

Зоран Јордановски

Зошто се граѓаните незадоволни? Во тоа е клучот!

Потресот за ЕУ, за која брегзитот е „деветка по Рихтеровата скала“, можеби ќе донесе и натамошни тектонски поместувања. Сметам дека клучно за опстанокот на ЕУ, за кој многумина сега вистински стравуваат и веќе се лицитира кои земји би можеле да бидат наредните што ќе ѝ го завртат грбот, е европската политичка елита да се потруди за искрен одговор во однос на вистинските причини за растечкото незадоволство кај граѓаните од Унијата, оти, како што веќе спомнав, Британците не се исклучок. И, потоа консеквентно да дејствува.
Европското обединување им донесе очигледни предности на граѓаните. Општата политичка придобивка е повеќедеценискиот мир на Стариот континент, оти ЕУ е и мировен проект. ЕУ донесе и економски просперитет. Она, пак, што граѓаните непосредно го чувствуваат, е можноста да се населат и да се вработат во која било од земјите членки и насекаде да ги уживаат правата гарантирани со европските договори. Граѓаните можат слободно да патуваат низ земјите на Унијата, без да бидат изложени на гранични прегледи и контроли. Тие можат насекаде да плаќаат со исти пари и директно да ги споредуваат цените на производите и услугите без мачното пресметување на менувачкиот курс на валутите. Зошто, тогаш, и покрај сите погодности, луѓето се незадоволни? Во одговорот на ова прашање лежи клучот за иднината на ЕУ.



Гласот на граѓаните не се слуша во ЕУ

Лично сметам оти скепсата дека актуелните европски лидери ќе соберат сила да се соочат со сопствениот придонес кон ваквиот развој не е излишна. Веќе подолго време на сцена во Европа се политичари без визии и квалитети за реализација на големи планови. Каде е заедничката европска надворешна политика? Што стана со заедничката европска одбранбена политика? Зошто им се дава предност на трансатлантските односи пред чисто европските интереси? Помпезно декларирајќи ја ЕУ како заедница на вредности, овие политичари дозволуваат нејзини земји-членки да ги газат тие вредности, посебно во однос на трети земји (што жестоко го чувствува и Македонија на своја кожа!). Тие воспоставуваат правила на играта – и потоа самите ги кршат (првенствено Германија и Франција, големите земји во ЕУ: на пример, неказнетото кршење на пактот за стабилност на еврото од нивна страна). Во екот на финансиската криза тие креваа џева против банкарите и некои нивни криминални практики, но малку сторија потоа за да ги спречат. Менаџирањето на грчката криза со стотици и стотици милијарди на европските даночни обврзници исто така не е бисер на осмислена политика. Тие се затскриваат зад поимот на таканаречента реал-политика, која всушност се сведува на гол опортунизам. Тие реагираат наместо да агираат. Со водење политика на либерален турбо капитализам тие се ставија во одбрана на интересите на крупниот капитал и на банкарските махери, а не на оние кои им го доверија мандатот – граѓаните. Последица е забрзаното социјално раслојување, осиромашување на довчерашниот среден слој, создавање на еден слој на трутови, кои години – ако не и целиот работоспособен дел од животот ќе го минат на државни јасли како приматели на разни видови социјална помош. Политичката каста “се одлепи од земја”, таа се отуѓи од граѓаните. Доброплатената мамутска бирократија од институциите на ЕУ се` повеќе им е трн во окото на граѓаните, а некои нејзини бесмислени решенија само ја засилуваат нетрпеливоста на жителите. Гласот на граѓаните не се слуша ни во ЕУ, ниту во домашната политика. Така институциите на ЕУ станаа површина за рефлектирање на разочарувањето од политиката воопшто. Гласањето од протест, кое носи повремен, најчесто краткотраен успех на маргинални партии од десниот спектар, не ја вразуми политичката елита.

Фотографија: Reuters/Y. Herman



Визии сведени на илузии

ЕУ дејствува како рогови во вреќа, секоја од земјите-членки влече на своја страна. Се` помалку живее некаква европска идеја, се` повеќе самитите на Унијата се тезга за ценкање и сцена за демонстрација на националните егоизми. Примамливоста на членство во ЕУ се` повеќе се сведува на можноста да се “цица” од европските фондови - а и да им се наштети на соседите, ако тие уште се пред вратата на Унијата. ЕУ се врати назад – помалку е политичка Унија, а повеќе Европска економска заедница. Генерацијата на европски политичари од последната еднаипол деценија се потруди големите визии на татковците на ЕУ да ги сведе на илузии, оти не се погрижи за решенија за системските слабости, кои беа одамна воочени. ЕУ е трома, неспособна и неволна за реформи. Лисабонскиот договор е само многу разводнета верзија на реформските предлози на работната група предводена од поранешниот француски претседател Валери Жискар д`Естен.
Ништо од набројаново не е од вчера, сето одамна е согледано во јавноста. А, работите сепак си одеа некако по инерција – кучињата лаеја, караванот си врвеше. Но, стомната оди на бунар дури не пукне. Во ЕУ ја пукна брегзитот. Сега веќе не смее да продолжи се` исто како и досега, оти тоа би било најголема закана за социјалниот и политички мир. Нека се расчисти теренот, нека си одат и други земји ако сакаат. А тие што ќе останат, мора ги редефинираат правилата на играта за да се избегнат досегашните слабости. Нужен е нов почеток на некоја во секој поглед поздрава ЕУ. И, колку и да ѝ е непријатно, европската политичка елита мора да се погледа себе си во огледало. Зошто само Дејвид Камерон да го плати политичкиот цех? Не е ли брегзитот неуспех и за челниците на Европската комисија и европарламентот? Зошто таму не помислуваат на оставки? Ете токму оттука доаѓа и мојата скепса.

Фотографија: picture alliance/ZUMA Press/T. Akmen
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми