1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

(Не)разумност на аргументите во судирот околу Катар

Керстен Книп
19 јули 2017

Во судирот околу Катар, Саудиска Арабија досега нема понудено рационални аргументи. На коцка е политичката култура во целиот регион, оценува Керстен Книп.

Katar Skyline von Doha
Фотографија: Getty Images/ANOC/M. Runnacles

Патот од Саудиска Арабија до Европа е долг, па понекогаш се поставува прашањето: дали информациите кои ќе тргнат на тој пат навистина и стигнуваат таму каде што треба. Ваквото прашање особено се поставува по повод грубиот однос на Саудиска Арабија и нејзините партнери кон Катар. Можно ли е информациите за рационалните причини за ваквата политика да исчезнале на долгиот пат до Европа?

Би било убаво да е така, но за жал не е. Каде и да се провери - во весници, вклучително и арапските, на телевизија или во разговори со колегите од регионот - никој не може да наведе разумни, сфатливи причини за блокадата на земјата и обвинувањата на нејзина сметка поврзани во врска со блокадата.

Обвинението за поддршка на тероризам е смешно кога доаѓа од претставници на земја која важи за еден од најголемите, ако не и најголем спонзор на фундаменталистички движења. Можеби не самата држава, но некои во земјата активни фондации ги бие глас дека ширум светот го поттикнуваат и поддржуваат вахабизмот, државна религија во кралството, која важи за конзервативна, па и реакционерна. Индонезија и Балканот се региони кои последни ги имаат почувствувано ефектите од оваа идеологија.

Сѐ додека течат пари, додека се шири верски фундаментализам кој ја труе душата и умот, Саудиска Арабија би требало да се воздржува од обвинувања.

Керстен Книп

Можеби уште посрамно е барањето за затворање на Ал Џазира и други медиуми финансирани од Катар. Ал Џазира не мора да се сака. Во нејзината програма на арапски, на пример, му се нуди медиумски простор на Јусуф ал-Карадави, човек чија идеолошка определба, воздржано кажано, не е надвор од секаков сомнеж.

Но, Ал Џазира во својата програма има и други луѓе, презентира и поинакви ставови, кои се далеку од проблематичните изјави на брадестите божји луѓе. Програмата е плуралистичка и пред сѐ - далеку од вахабистичките гласови, намуртените господари на фатвата и строго религиозните начела од Саудиска Арабија.

Точно е дека Катар не е рај за човековите права. Доволен доказ за тоа е дури и само срамниот однос кон гастарбајтерите во Катар од други делови од Заливот, главно Азијци. Сепак, некои медиуми финансирани од Катар, како релативно младиот весник Ал араби ал-џадид, се благодет за арапскиот медиумски пазар. Во него може да се прочитаат изјави кои се јасни и аргументирани, кои презентираат работи и развиваат ставови. Тоа не мора да се прифати, но содржините се сфатливи.

Тие се приказ на она што треба да е само по себе разбирливо за секој медиум: почит кон публиката, кон интелекуталната способност на граѓаните. Вакви просветителски гласови во Ал араби ал-џадид има многу. И, мора да се претпостави дека токму затоа не наидуваат на добар прием во Ријад. Таму повеќе се настојува на тоа со следбениците да се менаџира со конфесионални средства. Кој во своите весници зборува пред сѐ за верски благослови, за на тој начин да ги одврати читателите од глупавата идеја да си изградат сопствен став, не може да се радува на весници кои се потпираат врз силата на аргументите.

Затоа судирот меѓу Саудиска Арабија и Катар е многу повеќе од само меѓусоседски судир на Арапскиот Полуостров. Станува збор за фундаменталните принципи на политичка култура и со тоа, на крајот на краиштата, за политичката култура во целиот регион.

Натамошна доминација на цинични автократи, или подобро поттик на силата на - некогаш во иднина - плуралистички, отворен Арапски Полуостров? За тоа се работи во судирот во Заливот. На европските држави мора да им биде јасно на која страна треба да застанат, меѓу другото и поради миграциските движења кои може да се предвидат.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми