1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Несаканите корени на Трамп

Питер Гогеган/сн 7 јуни 2016

Една од главните причини за политичкиот успех на Доналд Трамп лежи во неговите антимигрантски тиради. Притоа не само што две сопруги му се доселенички, туку и неговата мајка како мигрантка има дојдено во САД од Шкотска.

Фотографија: Reuters/L. Nicholson

Пред нешто помалку од 3 години, во јуни 2008. година, Боинг 727 со златен натпис „Трамп“ слета на аеродромот Сторновеј на шкотскиот остров Луис, еден од поголемите во архипелагот Надворешни Хебриди. Вторпат во животот, Доналд Трамп ја посети татковината на својата мајка, Мери Ен Меклауд. Тогаш, покрај скромната родна куќа на својата мајка, Трамп изјави дека тука се чувствува многу добро. „Мислам оти се чувствувам шкотски.“

Иселување поради харинги

Неколку години подоцна, за време на својата кампања за номинацијата за претседателски кандидат на републиканците, Трамп веќе не зборува за своето директно доселеничко потекло- за потомците од Германија и за мајката која на 18 години од шкотското село заминала преку Атлантикот, ниту за својата поранешна сопруга од Чешка, ни за сегашната Словенка. Наместо тоа тој зборува за ѕидови кои би ги дигнал на границата со Мексико за се одбрани од доселениците и да го забрани влезот во САД за муслиманите.

Германска банка го финансира Трамп

02:06

This browser does not support the video element.

Но, „The Donald“ не може да побегне од своето доселеничко минато. Неговото име, а некои велат и впечатлива црвена коса, се шкотско наследство. Шкотска е тесно поврзана со поимот миграција, објаснува за ДВ генеалогот Бил Лосон. „Мајката на Доналд, Мери Ен, е родена во 1912. година во семејство со 10 деца. Животот бил, тежок, сите деца помагале“, објаснува Лосон. Но во 20-тите години историските случувања како Октомвриската револуција (Русите биле големи љубители на харинги), како и прохибицијата во САД (солените харинги од Хебридските острови биле омилено јадење во американските барови) ја разнишале и онака нестабилната економска ситуација на островот Луис. Некако морало да се преживее, а одговорот за многумина бил ислелување во некогашната колонија. Мери Ен во 1930. година е евидентирана во прифатниот центар за мигранти на островот Елис во њујоршкото пристаниште.

Срам поради „Црвенокосиот“

Доналд Трамп, претпоставува Лосон, своето име веројатно го добил по дедо му кој во 19. век загинал кога ветер го превртил неговиот чамец пред островот Луис. „Доналд е тука многу често име. Затоа на улица во Строновеј никој Доналд не го викаме по име, бидејќи сигурно ќе се свртат барем 40 минувачи“, се шегува генеалогот. Вториот заштитен знак на Доналд, бујната црвена коса, веројатно наследство од еден друг предок, Алсдер Меклауд кого го викале „Црвен“. Црвенокосите не се реткост на овој архипелаг, вели Лосон, а тоа е веројатно наследство од викиншките гени.

Фотографија: Reuters/J. Ernst

Но и покрај тоа што евентуалниот иден претседател на најголемата светска сила своите знаци на препознавање ги влече од тој остров, малку кој на Луис е воодушевен од тој факт. Поголемиот број луѓе за целата приказната околу „The Donald“ гледаат со мешавина на забава и чувство на срам. Во тоа делумно игра улога, на островот се’ уште многу силната, презвитеријанска црква во чии традиционални и трезвени погледи не се вклопува лице кое зад себе има 3 брака, поседува коцкарница и не пропушта можност да се фали во јавноста.

Животот на богатите и познатите не е за нас

„Начинот на живот на Доналд Трамп не е во согласност со навиките на островот од кој потекнува“, вели свештеникот Џејмс Мекивер, долгогодишен сосед на семејството Меклауд. Притоа, додава, луѓето не ги иритира богатството на Трамп, туку начинот на кој тој стигнал до него. „Нему не му е важно што се случува со луѓето додека тој го добива тоа што го сака. Тоа не одговара на менталитетот на луѓето од островот“, вели Мекивер. Тоа би можело да се каже и за роднините на Трамп кои живеат на Луис. Можеби затоа ни роднините Вилијам и Алсдер Мари, кои сѐ уште живеат на семејниот имот во Тонг, не се многу расположени за разговор кога некој ќе ги праша за нивниот американски роднина. „Тоа се добри луѓе, но здодевно им е постојано да ги прашуваат за Трамп“, вели еден сосед.

Фотографија: Peter Geoghegan

Еден од ретките кој е воодушевен од Трамп и фактот дека тој потекнува од Луис е Дерик Мекензи. Тој дури отвори и Фејсбук-страница „Островот Луис ја поддржува претседателската кандидатура на Трамп“ (во мометов има 94 „лајка/ми се допаѓа“). Мекензи своето воодушевување го објаснува со фактот дека „Трамп ја сака Библијата“. „Причина за моралната и економска катастрофа на денешницата е фактот дека Запад ја отфли Библијата. Тоа е фатално“, вели Мекензи.

Доналд Трамп летово се подготвува повторно да ја посети Шкотска, за да го отвори неговиот обвновен терен за голф на шкотското копно кај Абердин. Но малку кој верува дека ќе наврати и до Луис. И за време на неговата последна посета пред осум години Трамп во родната куќа на својата мајка се задржа цели- 97 секунди.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми