1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Несигурните Германци

Александер Кудашеф / превод: ЕМФ31 јануари 2016

Бегалците се топ-тема во Германија. Општеството е ставено на тест како никогаш порано. Коментар на Александер Кудашеф.

Deutschland Proteste von Russlanddeutschen für mehr Sicherheit
Фотографија: picture alliance/dpa/M. Eich

Германците се - веројатно - романтичари. Во секој случај, во најмала рака, разнишана им е сигурноста. Не знаат како натаму. Несигурни се како треба да се постапува со еден милион бегалци. Прво беа исклучително подготвени за помош, сега се искажуваат бес и отфрлање. Политичката, општествена дискусија понекогаш е исполнета со омраза. Во секој случај, таа ретко, речиси воопшто, не се води стручно, со факти. Ретко се дава одговор на прашањето како да се примат еден милион луѓе во Германија, како да се згрижат и долгорочно да се интегрираат. Дури ретко се прават и обиди да се даде одговор. Оној кој е „за“ бегалците, важи за луд и за сонувач. Кој е против бегалците брзо се нарекува десен радикал или нацист. Политичкиот дискурс излезе од колосек. Што е уште полошо: речиси секојдневно се случуваат напади врз сместувалишта за бегалци. Во меѓувреме има над 1000 напади. Застрашувачка бројка.

Од Нова година се‘ е поинаку

За бегалците речиси ретко кој зборува откако една хорда - главно Северноафриканци - во текот на новогодишната ноќ во Келн ограбуваше жени, ги вознемируваше сексуално, а во еден случај дури и силуваше. Полицијата потфрли страшно многу, зашто не можеше да го заштити достоинството на жените. Не можеше да ја заштити ниту Келнската катедрала, која со часови беше гаѓана со ракети и други огнометни тела. Не можеше да ја принуди масата на почит кон еден од најубавите божји домови во Европа, ниту на почит кон богослужбата што внатре се одвиваше. Почит, што впрочем се очекува од секој бегалец. Оттогаш вербата на Германците е разнишана, вербата во себе и во бегалците.

Александер Кудашеф, главен уредник на ДВ

И, оттогаш драматично се зголеми критиката на сметка на канцеларката Ангела Меркел. Таа - со човечко образложение, поддржано од мнозинството Германци - ги отвори границите во моментот кога се чинеше дека бегалците ќе бидат заглавени во Унгарија. Но, за се‘ останато таа немаше концепт. Бранот бегалци не запираше, а Меркел само ја повторуваше својата мантра: да се осигураат и заштитат надворешните граници на ЕУ, бегалците да се распоредат на територија на цела ЕУ, да се одбрани Шенген, односно отворените граници, да се почне борба против причините за бегство, да се соработува со Турција. Накусо - да се најде европско решение, рационално и морално. Проблемот е што ова го нема до ден-денес. А одобрувањето на нејзините ставови во Германија и во нејзината партија се топи како снег во пролет. Ангела Меркел е сама на политичката бина. Таа е оставена сама. Една шефица на влада може да израсне до историски големини, а сепак да - падне.

Никој не знае како натаму

Тоа има два непријатни политички споредни ефекти: Европа е неединствена како никогаш досега, или поинаку кажано - против Германија и Меркел е поединствена како никогаш досега. И во Германија, на маргините, во политички фактор се претвора една десничарска, ултарадесничарска сила.Тоа би можело да се реши ако се излезе на крај со бегалската криза. Но, ЕУ е доведена до работ на своите сили, нејзиното единство е на работ на пукање. Излезот е неизвесен, па некои веќе се прашуваат: дали ЕУ беше само убава идеја? Во секој случај, насекаде триумфира националниот егоизам или подготвеноста на преземање самостојни национални мерки и чекори.

Тоа е висока цена за хуманиот гест на Меркел. А, цената ќе стане уште поголема ако се покаже дека идејата за брза интеграција е илузија, ако се создадат паралелни општества, ако судирот на културите - во случајов со исламот, со традициите на исламскиот свет - стане пожесток од она што сите го посакуваат. Тоа многу од Германците го насетуваат, од тоа стравуваат. Тоа ги возбудува, тоа ја прави политичката дискусија жестока и агресивна. И, тоа ги прави несигурни, затоа што им снемува сила за рационална, ладна анализа и за трезвено дејствување. Како што реков: Германците често се романтичари.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми