1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Несомнен напредок, но и прашања кои чекаат на одговор

13 август 2011

Оружениот конфликт меѓу Албанците и Македонците беше завршен со договорот во 2001 година. Политичките односи денес се стабилни, меѓуетничките односи подобрени. Сепак, има и уште отворени прашања.

Во Охрид пред десет години се договараше Рамковкиот договорФотографија: Petr Stojanovski

Во почетокот на 2001 година Македонија се најде на работ на граѓанска војна. Бунтовници од редовите на македонските Албанци се кренаа против државата. Тие бараа поголеми права за големото албанско малцинство, кое сочинува околу една четвртина од населението. Македонските безбедносни сили на силата возвратија со сила. Решение беше изнајдено во повеќедневните преговори во Охрид, со помош и од претставници на САД и ЕУ. Во кризата, што траеше околу половина година, имаше 100-ина жртви (точниот број не е недвосмислено утврден) и голема материјална штета, а таа посеа и меѓусебна недоверба меѓу етничките Албанци и Македонците.

Договорот, склучен на 13 август 2001, претставува база на денешниот мултикултурен соживот во Македонија. Тој го одразува мултиетничкиот карактер на земјата, ги нагласува принципите на недискриминација и праведна застапеност на малцинствата, а со децентрализацијата ја јакне самоуправата на општините. За прашањата што ги засегаат малцинствата, во донесувањето на законите неопходна е и нивна согласност. Охридскиот рамковен договор го гарантира и територијалниот интегритет и унитарниот карактер на земјата, и не остава простор за употреба на сила за остварување политички цели.

Претседателот ИвановФотографија: DW

Одлука за иднината, која ја движи земјата напред

„Без разлика какво е нашето лично мислење, нашето убедување, се покажа дека во тој момент е донесена одлука која се однесува на индината на земјата и таа дејствува позитивно и обединувачки“, оцени за значењето на Охридскиот договор претседателот на Македонија Ѓорге Иванов во една поранешна пригода.

Меѓународните олеснувачи во конфликтотФотографија: AP

„Тоа беше извонреден успех на ЕУ, за првпат дојде до израз вистинска европска дипломатија“, вели за Дојче веле од денешна дистанца Франсоа Леотар, тогашен претставник на ЕУ и „олеснувач“ во преговорите. Неговиот американски пандан во Охрид 2001 Џејмс Пердју, за ДВ изјави: „Основните начела на охридскиот документ - демократијата, еднаквите права на граѓаните и признавањето на културниот идентитет на различните граѓани на земјата - се реализирани во голема мера. Тоа ја движи Македонија напред“.

Актуелниот потпретседател на македонската влада, надлежен за спроведување на Охридскиот рамковен договор, Муса Џафери, го нагласува значењето на Договорот повикувајќи се на максимата „Ако двете страни се жалат, или ако се незадоволни, тогаш тој договор ја постигнал целта“.

Што се промени?

Општата положба на Албанците во македонското општество се подобри. До 2001 година тие беа застапени во државните институции со само 2 процента, сега се околу 16 насто. Друга страна на медалот е дека многумина од нововработените во тие институции воопшто немаат фактичка работа, некои дури ни своја работна маса, некои не се соодветно квалификувани за задачите што им се доделени. Таканаречената „позитивна дискриминација“, во бројки изразено, донесе напредок; во практиката, меѓутоа, тоа уште не е вистински прогрес.

Денес има повеќе Албанци во државните институцииФотографија: Petr Stojanovski

Албанскиот јазик сега е официјален во општините, во кои повеќе од 20 проценти од населението се Албанци. Но, Охридскиот договор се однесува и на другите малцинства во државата. Во парламентот пратениците и министрите можат да зборуваат и на мајчиниот јазик, а само на седниците на владата се зборува исклучиво на македонски. Во меѓувреме има и два од државата финансирани универзитета со повеќе катедри и настава на албански јазик. Пред 2001 имаше само една Педагошка академија со настава на албански, но затоа пак основни и средни училишта, весници, театар и повеќечасовни програми на радио и на телевизија на албански јазик (уште пред да има телевизија во Република Абанија).

Македонските Албанци сега смеат сосем легално да го истакнуваат знамето на Република Албанија (!), со кое се идентификуваат. Притоа, се’ до денес надлежните во локалната самоуправа во некои општини со доминантно албанско население „забораваат“ дека, покрај албанското, мора да биде истакнато и државното знаме на Република Македонија.

Функционира ли навистина соживотот денес?

Најголемата придобивка од Охридскиот договор е стабилизацијата на политичките односи, што се отсликува и во секојдневието на луѓето. Најновата студија на НВО „Македонски центар за меѓународна соработка“ од Скопје покажува дека за две третини од населението најважни заеднички настани за сите се независноста на Маккедонија, настапите на македонската фудбалска репрезентација и токму Охридскиот договор. Најважни заеднички личности, пак, се поранешниот претседател Борис Трајковски (кој настрада во авионска несреќа) и Мајка Тереза. Речиси половина од испитаниците се искажаа за нови заеднички вредности.

Младите во Македонија градат пријателстваФотографија: DW

Младите луѓе од обата етникума повторно се среќаваат, излегуваат на исти места, се запознаваат - од што може да расте доверба. Еден трагичен случај од Скопје покажува дека младата генерација лесно ќе си се здружи и поврзе, да не манипулираат со неа (понекогаш не-)одговорни политичари: еден млад Албанец го загуби животот при обидот да го заштити својот македонски другар во една тепачка во училишен двор. Има многу примери на македонско-албански пријателства или на добрососедски живот. Можат да се најдат исто толку контра-примери, во зависност од гледиштето од кое поаѓа намерникот. Сево ова е реалност во Македонија, 10 години по 13 август 2001 и Охридскиот рамковен договор.

Незавршена приказна, недорасчистени дилеми и прашања за одговорноста

Историската дистанца е премногу кратка за целосно да се состави мозаикот на настаните, нивните тогашни актери денес се на власт. Беа ли судирите револуција увезена од Косово, како што и натаму веруваат многумина Македонци, или беше востание на македонските Албанци? Беше ли тоа борба за поголеми права, како што тврдат Албанците, или за територии, како што веруваат некои Македонци? Кој е виновен за веројатно трагичната, се’ уште недоразјаснета судбина на вкупно 18-мина исчезнати од обете страни во судирот?

Драматичните настани од 2001 и натаму чекаат на вистинска обработка и соочување секој со сопствената вина. Амнестијата за сторителите на 4-те случаи, што Хашкиот трибунал за воени злосторства во поранешна Југославија и’ ги препушти на Македонија на судска постапка, значи крај на кривичниот прогон. Но, со тоа тие луѓе не се ослободени од моралната вина, и тоа исто така мора да биде дел од обработката на минатото. Дури кога ќе биде можно отворено да се зборува за ова, за да се дојде до вистината, ќе нема веќе тема за која Македонците и македонските Албанци не ќе можат да разговараат и да се договорат.

Автор: Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми