Нетанјаху и‘ се извини на Турција
22 март 2013Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска телефонски разговарал со турскиот колега Реџеп Таип Ердоган и се извинил за нападот врз флотилата која носеше хуманитарна помош за Појасот Газа во 2010 година. Извинувањето значи и нормализирање на односите меѓу двете земји кои беа сериозно нарушени по нападот врз хуманитарниот конвој.
„Двајцата премиери се согласија на нормализација на односите меѓу земјите, вклучително и враќање на амбасадорите и прекин на правните дејства против израелските војници“, се наведува во соопштение од кабинетот на Нетанјаху.
Хуманитарниот конвој кој го предводеше турската флотила се обиде да ја мине израелската блокада на Појасот Газа. Во напад на израелските воени командоси загинаа девет турски активисти.
Инцидентот драматично ги наруши односите меѓу двете земји кои дотогаш важеа за блиски сојузници. Турција го повлече својот амбасадор од Израел, а дипломатските односи и воената соработка беа речиси во целосен прекин.
Освен што се извинил за инцидентот, во телефонскиот разговор Нетанјаху ветил и компензација за жртвите.
Според информации на агенцијата Асошиејтед прес, телефонскиот разговор меѓу двајцата премиери го договорил американскиот претседател Барак Обама кој изминативе денови беше во посета на Израел.