1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неубедливи аргументи за бугарската блокада

СН/ печат
18 ноември 2020

Според дипломати во Брисел, амбасадорите на другите членки на ЕУ вкочането гледаат во масите или во своите телефони кога претставници на Софија земаат збор за ова прашање, пишува германскиот весник „Зиддојче цајтунг“.

Bulgarien Nordmazedonien  Boyko Borissov Zoran Zaev
Фотографија: Regierung Nordmazedonien

„Во спорот со Северна Македонија, Софија го заострува тонот“, под овој наслов германскиот весник Зиддојче Цајтунг се осврнува на бугарската блокада на почетокот на македонските пристапни преговори со ЕУ:

„Михаел Рот не можеше да ја сокрие својата фрустрација. Долго време државниот министер во германското Министерство за надворешни работи се надеваше дека ќе го објави почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија по ноемврискиот состанок на министри за европски прашања на земјите од ЕУ. Со тоа ќе беше исполнет еден приоритет на германското претседателство со Советот на ЕУ. Пролетоска, Франција, Данска и Холандија се откажаа од својот отпор откако беше ревидирана методологијата за повеќегодишните пристани преговори .

По начелниот договор, изгледаше дека токму Северна Македонија, која се приклучи на НАТО во март, може да ги ожнее придобивките за длабинските реформи. Со цел да ја омекне Грција, земјата дури и стави ’Северна’ пред своето име во 2018 година.

Од  ’сопствен интерес на ЕУ’ е да започнат разговори со двете соседни земји што е можно побргу со меѓувладина конференција’, рече Рот пред видео-конференцијата. Процесот на пристапување не треба да биде ’заложник на билатералните барања на одделни земји членки’. Апелите не вродија со плод: Сега Бугарија се попречува на патот и за тоа наведува историски причини“, пишува Зиддојче Цајтунг.

Повеќе:

-Од ветото до приказната за судот на цар Соломон

-Кој ќе го сопре бугарскиот мобинг врз Северна Македонија?

-Рот: Нема да ги пренесуваме билатералните спорови на европско ниво

Весникот наведува дека спорот околу заедничката, а сепак разделувачка историја меѓу Бугарија и Северна Македонија, се однесува само површно за јазикот, националните херои и соочување со минатото.

„Постоењето на македонски идентитет е оспорувано од страна на Бугарија уште од основањето на државата во 1944 година; во документот од шест страници што Софија им го испрати на 26-те партнери во ЕУ пред неколку недели се зборува за ’етнички и јазични конструкти’ кои на македонското население им биле наметнати од претходните авторитарни режими. Луѓето со словенско потекло кои живееле во Северна Македонија биле Бугари кои биле изманипулирани во ерата на  шефот на југословенската држава Тито, да веруваат во сопствениот идентитет и јазик.

Регионот, кој од Отоманската империја до крајот на Втората светска војна, се карактеризираше со заедничко владеење, окупација и востанија, во Софија се сфаќа како бугарска земја; Скопје, пак, зборува за ’фашистичка окупација’ со поглед на окупацијата на северна Македонија од силата на Оската - Бугарија. Комисија на историчари требаше барем формално да го реши спорот по склучувањето на договорот за пријателство во 2017 година, но не стигна далеку“, пишува германскиот весник опишувајќи ги натаму реакциите во Брисел на бугарските ставови:

„Дипломати на ЕУ едногласно известуваат дека аргументите на Бугарија во Брисел не се убедливи и оти амбасадорите на другите земји членки вкочането гледаат во масите или во своите телефони кога претставници на Софија земаат збор за ова прашање.

Бугарија сега речиси од час во час го заострува тонот. Не дозволуваме да се ставиме под притисок, рече министерката за надворешни работи Екатерина Захариева пред видео-конференцијата. Сè додека Северна Македонија има за цел да влезе во ЕУ врз основа на ’омраза, кражба на историја и негирање на Бугарија’, според Захариева, Софија ќе остане на тврдиот став. Според неа, можно е Скопје во одреден момент да го доведе во прашање правото на постоење на бугарската нација...“ 

Фотографија: Uwe Scholz/teamwork/imago images

Зиддојче цајтунг наведува дека ваквото заострување на ситуацијата од страна на бугарската влада е многу поврзано со внатрешната политика:

„Премиерот Бојко Борисов и неговата партија ГЕРБ се под голем притисок по повеќемесечните демонстрации во земјата против неговата политика. Со популистички тонови за прашање за кое знае дека зад себе го има мнозинството свои сонародници, тој се обидува да ги поправи  работите пред изборите во март 2021 година.

Владата, исто така, е загрижена дека во областите населени претежно со македонско население на границата со соседната земја, би можеле да се зајакнат тенденциите за отцепување. Спорот околу двојните државјанства и малцинските права траеја речиси онолку колку спорот за тоа дали Македонија воопшто постои како нација“, читаме во весникот, кој потсетува дека само пред една недела германската канцеларка Ангела Меркел упати директен апел до Борисов и Заев да се помират.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми