Неуспех на Македонија поради себеси - се заканува изолација
Обработка: Е.М. Фиданоска
1 октомври 2018
Германските весници интензивно ја следат ситуацијата во Македонија околу референдумот. По гласањето, покрај информациите за исходот, има и репортажи и анализи за тоа што ја чека Македонија.
Реклама
Недоволно храброст, поради што на земјата сега ѝ се заканува изолација, оценува денеска весникот „Зиддојче цајтунг“ во коментарот под наслов „Неуспех поради себеси“. Коментаторот Петер Минх пишува:
„Македонците требаше да кажат 'да' или 'не', но повеќето едноставно - молчеа. Референдумот за промена на официјалното име на државата во Северна Македонија, кој беше проследен со голема тензија, не успеа поради тоа што на гласање излегоа многу помалку од половината граѓани со право на глас. Ветениот полет на балканската држава во насока на Западот со тоа засега завршува во длабок јаз. Резултатот е болен пораз за владата на социјалдемократот Зоран Заев. Но, таа барем имаше храброст да постигне договор со Грција за ноторниот проблем за името, кој би го трасирал патот на малата балканска држава кон членство во НАТО и ЕУ. Сепак, ова е во најдобар случај само пирова победа за национално-конзервативната опозиција, која договорот го оцени како 'капитулација' и работеше на пропаѓање на референдумот. Досега грчката ароганција го спречуваше развојот на Македонија, а сега земјата не успеа поради себеси - поради внатрешната поделеност, кусогледите опозициски политичари и недоволно храброст. По овој несреќен референдум, на земјата ѝ се закануваат долги години изолација.“
„Неуспешниот референдум ја турка Македонија во криза и го става Ципрас под притисок“, гласи насловот на текстот посветен на Македонија во весникот „Ханделсблат“. Во анализата, која ги објаснува ставовите на власта во Македонија, на опозицијата, како и на Грција околу договорот за името, а цитира и функционери од европските земји, на крајот се вели:
„Македонскиот премиер Зоран Заев сега може да се обиде сепак да го спаси договорот... на пример, со нови избори. Доколку сега во Скопје дојде до внатрешнополитички турбуленции, тоа може да го втурне целиот регион во нов немир. А, тоа би било последното што на Грција, која е на пат за излез од кризата, сега ѝ е неопходно.“
Весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ во своето викенд-издание прави споредба на ситуацијата во Македонија и ситуацијата во Кипар со референдумот и констатира:
„Ситуацијата потсетува на референдумот во Кипар во 2004 година. Во погрешно очекување дека може да се издејствува подобар договор, грчките Кипарци тогаш гласаа против надминување на поделбата на островот, која постои од 1974 година. Референдумот не успеа, а во меѓународната заедница во меѓувреме речиси никој веќе не е на мислење дека кипарската поделба е надминлива. Она што беше Кипар во 2004 година, Македонија може да биде во 2018-та. Зашто, левичарскиот сојуз Сириза, кој е на власт во Грција, најверојатно ќе загуби на изборите во 2019-та. А ако во Атина веќе не е на власт Алексис Ципрас, кој докажа државничка далекугледост по прашањето на Македонија, туку дојде конзервативно-националистичката Нова Демократија, изгледите за решение на 'спорот за името' се мрачни“, оценува ФАЦ.
Скопје - историја за (ре)откривање
Македонците гласаат за идното име на земјата. Се дискутира за идентитетот, митовите и националното наследство. Спорот околу овие прашања радикално го промени изгледот на главниот град Скопје.
Фотографија: DW/A. Feilcke
Скопје - град кој чека да биде откриен
Градот денес брои околу 540.000 жители. Неговото постоење датира од пред околу две илјади години. Скопје беше, меѓу другото, дел и од Османлиското Царство, дел од Југославија и од 1991 година е главен град на независна Република Македонија. Поранешната влада, во периодот од 2009 до 2015 година, правеше обиди да му даде на градот антички лик - понекогаш со чудни резултати.
Фотографија: DW/A. Feilcke
Потомци на антички јунаци
На 30 септември ќе се гласа за името на државата, но името на градот е неспорно - Скопје. Тој е основан во римско доба. Новите статуи и градби би требало да докажат: Ние сме Македонци, потомци на Александар Велики. Оваа фонтана ги прикажува првите животни станици на античкот крал од Македонија и неговата мајка. Во позадина поздравува татко му Филип Втори.
Фотографија: DW/A. Feilcke
Безимен коњаник
Спорот за името и за наследството на Александар трае 27 години. Во меѓувреме, 23 метри висока статуа го зазема централното место на плоштадот во Скопје. Договорот за решавање на спорот предвидува преиспитување на статусот на спомениците, јавните згради и инфраструктурата и ако истите на кој било начин упатуваат на античката елинска историја и цивилизација, ќе бидат преземени корективни дејствија.
Фотографија: DW/A. Feilcke
Чист историзам - Археолошки музеј
Во градот со 540.000 жители, околу 20 проценти се Албанци. Тие живеат главно на страната на Вардар која и денес има лик на балкански град, со тесни улички и малечки дуќанчиња. Средновековен мост ги поврзува двата брега и двата културни света. Овој споменик делува некако мал и скромен во споредба со новоантичкиот храм на Археолошкиот музеј.
Фотографија: DW/A. Feilcke
Јустинијан конечно дома
Јустинијан Први е роден во 482 година во Тауресиум (денешно Скопје). Римскиот цар ја поттикнувал изградбата и обновата на многу балкански градови. Сега се врати во Скопје - како мермерна статуа. Но и ваквите украси не можат да ги скријат проблемите на земјата. Македонија е една од најсиромашните земји во Европа.
Фотографија: DW/A. Feilcke
Од ново направи старо
Скопје беше разурнат од катастрофален земјотрес во 1963 година. Славниот јапонски архитект Кензо Танге потоа му даде нов лик на градот - модерно Скопје, објекти со јасни линии, бетон. Но од тоа сега ретко што може да се види. Наместо тоа, античка илузија - објектите се опшиени со столбови и имитации на статуи.
Фотографија: DW/A. Feilcke
И Скендберг има статуа
Скопје било и е раскрсница, место каде се вршела трговска размена и место каде се испреплетуваат различни култури и јазици. Градот има видливи траги од византиското доба, од османлиското време, како и од социјализмот. Она што за едните е Александар, за другите е Скендербег: за Албанците тој е национален херој кој исто така има своја статуа во Скопје.
Фотографија: DW/A. Bajrami
Брод на бетон
Апсурден врв на инсценираниот историски лик на градот се трите средновековни бродови, излеани во бетон, на брегот на Вардар. Овие големи бродови никогаш не би стигнале до овде по воден пат. Тие набрзо треба да исчезнат, и тоа не само поради естетски причини. Бетонските основи го попречуваат течението на реката.
Фотографија: DW/A. Feilcke
Голата вистина на итриот Прометеј
Статуата на Прометеј предизвика скандал уште пред да биде поставена. Причина: јунакот беше гол! Некои организации на жени сметаа дека тоа е недозволиво и дека таква статуа не може да биде поставена во парк, каде доаѓаат и жени и деца. Прагматичниот скулптор смисли брзо решение - античкиот јунак доби покривка. Сега смее да позира во паркот.
Фотографија: DW/A. Salihbegovic
Кавга и за Самоил
Спор околу историското наследство нема само со Грција. Царот Самоил е предмет на расправии меѓу Бугарија и Македонија. Тој го префрлил главниот град на царството од Софија во Охрид. Полемика се води дали државата останала Бугарија или настанала првата држава на македонските Словени. За деескалација сега статуата од Скопје треба прво да се префрли во Охрид.
Фотографија: DW/A. Salihbegovic
Триумфална порта и сообраќајна пречка
„Порта Македонија“ е еден од најсимболичните споменици на мегаломанијата од последните години. Триумфалната порта е висока 22 метри и чинеше 4,4, милиони евра. Сега на врвот е поставен часовник кој треба да покажува колку пари од оние што ги проневерила претходната влада се вратиле во буџетот.
Фотографија: DW/A. Salihbegovic
Скокање на глава
Оп... Немојте во никој случај да се обидувате! Кој на ова место сака да скокне на глава во Вардар, сигурно ќе се раскрвари, затоа што реката нема доволно вода. За среќа, двете дами се од бронза. „Двете пливачки“ пливаат во реката , која преку Грција (таму се вика Аксиос), се влева во Егејското Море. Кога и соседите би можеле малку поспортски и поопуштено да се однесуваат кон другиот...