1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Нечесна игра со Харири

Рајнер Золих
23 ноември 2017

Најавата на Харири да размисли околу повлекување од премиерската функција, ни оддалеку не ја решава кризата во Либан, земјата останува играчка во рацете на странските сили.

Libanon Premier Hariri zeigt sich in Öffentlichkeit
Фотографија: Reuters/M. Azakir

Моментно најдискутираното прашање на Блискиот Исток гласи: „зошто либанскиот премиер Сад Харири пред три недели, по драматичното „бегство“, целосно неочекувано и токму од Саудиска Арабија, најави свое повлекување? Беше ли одлуката резултат на грижата за својата земја или на страв од атентат, како што навести таинствено? Или на повлекување го принудија неговите саудиски „пријатели“, за да шират хаос во Либан и да го ограничат влијанието на шиитската милиција Хезболах, финансирана од Иран?

Што значи повлекувањето на Харири?

Можно е вистината никогаш да не се дознае, но многу нешта зборуваат во прилог на тоа дека зад кулиси беше успешно извршен дипломатски притисок на Саудиска Арабија и други актери. Земји како Египет и бившата колонијална сила Франција очигледно успешно се вмешаа како посредници, додекагерманскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел ги разлути Саудијците со јавни обвинувања.

Харири сега повторно е во Либан, но ситуацијата и натаму останува нејасна. По првичната изјава дека оставката ја става на мраз и ќе ги сочека натамошните консултации, подоцна на своите симпатизери им порача: „Останувам кај вас!“ Притоа, не прецизираше дали мисли на останување во земјата или на премирската позиција. Ниту што мисли околу тоа Саудиска Арабија и дали ќе бидат поставени одредени услови.

Рајнер Золих

Враќањето на Харири во Бејрут сепак претставува добра вест. Исто така, треба да се поздрави и тоа што Кипар, како уште една земја од ЕУ, се труди да посредува. Треба да се надеваме дека на овој начин ќе заврши нечесната игра со Харири, со оглед на впечатокот присутен во светската јавност дека со Либан се управува однадвор, но и поради латентната опасност од воена ескалација, ако сите страни не бидат подготвени на придржување кон највисок степен на дисциплина. Конфликтот уште не е решене. И не може да биде решен само во Либан.

Иран и Саудиска Арабија - клучни сили

Шиитски Иран и неговиот сојузник Хезболах тежат кон ширење на сферата на својата моќ во Либан и во регионот, тоа е најочигледно во Сирија, каде заедно со Русија, придонесуваат за воена победа на режимот на Башар ал-Асад против мнозински сунитските бунтовници. Водечката сунитска сила, Саудиска Арабија, во тоа гледа закана и од петни жили настојува да спречи натамошно ширење на иранското и шиитско влијание во регионот. Притоа, саудиското кралство е водено од младиот престолонаследник, за кого германската тајна служба БНД уште во 2015. година во еден свој извештај истакна дека во надворешно-политички смисол е „склон кон импулсивност и авантуризам“. Ваквата оценка наоѓа своја потврда во бруталната и неуспешна војна која Салман ја води во Јемен.

Судирот нема да биде решен доколку на преговарачката маса не седнат главните актери: Саудиска Арабија и Иран. Како што сунитот Харири и шиитскиот Хезболах тоа со години го правеа во заедничкиот кабинет, пред почетокот на актуеланата криза. Либан го прослави враќањето на Харири и 74-годишницата од националната независност, но уште е играчка во рацете на странските сили.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми