1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нечистото наследство на Хрватска

8 октомври 2008

Убиството на Ивана Ходак го отвори прашањето што прави полицијата во Хрватска. Земјата ќе мора да се потруди на планот на правосудството, бидејќи Брисел овојпат нема да прогледа низ прсти. Што друго коментира печатот?

Убиство среде бел ден - жителите на Загреб се` повознемирениФотографија: dpa

Во коментарот под наслов „Нечистото наследство на Хрватска“, Зидојче цајтунг пишува:

„Убиството на Ивана Ходак најверојатно треба да се сфати како порака до државата да не го отвора темното поглавје од поновата хрватска историја“ – смета весникот. „На почетокот од 90-те години, Хрватска се бореше против српската агресија. Меѓутоа во текот на оваа војна некои луѓе, глумејќи патриотизам, безобразно се збогатија. Правосудството на земјата-кандидат за ЕУ мора конечно да расчисти со ова нечисто наследство. (…)

Властите во Загреб се надеваат дека Брисел ќе им прогледа низ прсти. На крајот на краиштата, и Романија и Бугарија влегоа во ЕУ, а ниту ден-денешен не ги исполнуваат потребните услови. Но, очигледно е дека Унијата нема да ги повтори истите грешки. Нема правна држава – нема членство, гласи паролата од Брисел. А тоа важи и за Хрватска“ – констатира Зидојче цајтунг.

Со слично мислење е и весникот Ди пресе. Правосудството во Хрватска мора да биде поефикасно, во спротивно Брисел нема да испрати позитивни сигнали.

„Со убиството на Ивана Ходак, сторителите најверојатно сакале да му се заканат на нејзиниот татко, Звонимир Ходак, адвокат на пензионираниот хрватски генерал Владимир Загорац – посочува Ди пресе. “Загорац е обвинет за кражба на дијаманти вредни пет милиони долари, наменети за нелегално купување на оружје за време на војната во Хрватска. Притисокот од домашната јавност, но и загриженоста околу амбициите за европската интеграција на Хрватска, го наведоа премиерот Иво Санадер на одлучни кадровски промени. По лошото искуство со неодамна примените Бугарија и Романија, што Европската комисија ги казни со замрзнување на фондовите за развој поради недостатокот од борба против организираниот криминал и корупција, Хрватска тешко може да очекува разбирање од Брисел“ – смета Ди пресе.

На случувањата во Загреб реагира и Ноје цирише цајтунг.

„Како реакција на спектакуларното убиство во Загреб, премиерот Санадер го смени раководството на полицијата и судството. Со ова, тој сака да му покаже на Брисел, но и на домашната јавност, дека неговата партија веќе нема намера да ги прикрива ’матните бизниси’ на еден од нејзините поранешни штитеници“ – коментира Ноје цирише цајтунг. „Опозицијата му аплаудира што го согледал ова. Нерегуларни приватизации, организиран криминал, продолжување на усташката идеологија – сите виреат во едно мочуриште. Токму затоа замената на кадарот во клучниот сектор - правосудството, со способни луѓе е од огромно значење. Да не заборавиме дека во изминативе месеци неколку хрватски новинари и бизнисмени добиваа закани, а потоа беа и крвнички претепани, најверојатно од фигури од подземјето, кои се` уште не се уапсени. Сето ова во јавноста остава впечаток дека казните не се исти за секого“ – заклучува весникот од Цирих.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми