1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Не е време за публика на стадионите

Тобијас Оелмајер
16 септември 2020

Германските покраини се изјаснија за повторно пуштање публика на стадионите за натпреварите од фудбалската Бундеслига. Тоа е фатално, оценува Тобијас Оелмајер.

DFB-Pokal Hansa Rostock vs. VfB Stuttgart
7.500 навивачи на Росток на натпреварот против Штутгарт - кој внимава на хигиена и дистанца?Фотографија: picture-alliance/Pressefoto Baumann/C. Müller

Во неделата на телевизија се прикажуваше мечот од првата рунда на Германскиот куп, помеѓу третолигашот Ханза Росток и повратникот во првата лига Штутгарт. Натпреварот беше возбудлив и речиси и не се гледаше дека помеѓу двата тима има  цели две лиги. Тоа е можеби заслуга и на фановите на Росток. 7.500 гледачи го следеа во живо натпреварот, креваа врева на стадионот како тој да е полн со публика. Тоа е можно, затоа што покраината Мекленбург Предна Померанија укина дел од мерките за сузбивање на пандемијата на корона поради малиот број на инфицирани.

Понеделник вечер во Дрезден: третолигашот Динамо го елиминираше од Купот фаворизираниот второлигаш Хамбургер СВ со 4:1. По натпреварот, одбранбениот играч на ХСВ, Тони Лајстнер, дојде до новинарите да даде изјава пред камерите, но притоа веројатно бил навредуван од некого од навивачите на Дрезден. Лајстнер изгуби контрола, се качи на трибината и собори на земја еден од навивачите. Редарите сепак успеаја да го задржат. Таа непромислена акција на Лајстнер покажува во која мерка и трибините во Дрезден беа делумно густо пополнети.

Тобијас Оелмајер

Претставниците на фудбалските навивачи во текот на изминатите месеци упорно бараа да им се пружи поголема доверба. И, сериозно се налутија кога Германската фудбалска лига (ДФЛ) го претстави концептот, според кој навивачите би можеле да се вратат на стадионите - забрана за секаков вид алкохол, без навивачи на гостинскиот тип, само делумна пополнетост на стадионите, без влезници за стоење... Фудбалските навивачи тоа го нарекоа туторство, па дури и предвремена осуда.

Но, призорот од Росток и Дрезден јасно покажуваат дека навивачите, дури и кога знаат дека се внимателно посматрани, не се придржуваат ни до најосновните правила. Многу луѓе на трибините немаат маска на лицето, некои ги носат погрешно, а речиси никој не се придржува до прописите за меѓусебна дистанца. Се вика и се пее, луѓето се прегрнуваат.

Сето тоа е разбирливо, зашто фудбалот предизвикува емоции. Причината да се отиде на стадион лежи токму во тоа - во блиска социјална размена со истомисленици, во пеење, навивање, славје - за многумина и во алкохол. Па, кој може да ги задржи своите чувства кога неговиот тим од дното на табелата го победува фаворитот?

Затоа одлуката на надлежните органи во тие покраини на почетокот на сезоната да се дозволи делумно посета на фудбалските натпревари е фатално погрешна! А, не дека не сакаме тоа да им го дозволиме на навивачите. На секој љубител на фудбалот му недостасуваат вообичаените кулиси на навивачи на стадионите, но со оглед на повторно зголемениот број за новозаразени, за такво нешто едноставно се’ уште не е време.

Пред се’ - ако навивачите смеат повторно да одат на стадионите, политиката ќе мора да ја објасни својата одлука. Зашто, ако е дозволено славје и песна на стадионите, тогаш тоа мора да биде дозволено и на прославите, концертите, фестивалите, дискотеките, хоровите, карневалите...

Но, дека се’ уште не е дојдено време за такво нешто, покажува и најновиот случај на една 26-годишна Американка вработена во еден хотел во Гармиш Партенкирхен. Таа таму не се придржувала до одредбата за самоизолација по враќањето од одмор и, и покрај тоа што имала симптоми, тргнала во обиколка на кафеаните. Резултат - целото место стана жариште на корона. Зашто, една црна овце е доволна за да расипе се’.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми