1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Не е случајно што Меркел ги изостави Скопје и Сараево

23 август 2011

Посетата на канцеларот Ангела Меркел на Хрватска и Србија е повод за написи во весниците на германски јазик во врска со проширувањето на ЕУ, дилемите со визната либерализација и условувањата на Србија во однос на Косово.

Merkel Besuch in Kroatien
Топол пречек во Загреб: Ангела Меркел и Јадранка КосорФотографија: picture alliance/dpa

„Многу зависи од Германија дали државите на Западен Балкан наскоро ќе бидат примени во ЕУ. А канцеларката сигнализира: Можете да успеете“, оценува „Франкфуртер Рундшау“ во текстот со наслов „Нема пауза за Европа“, во кој го анализира процесот на проширување на ЕУ. Во него, покрај другото, се вели:

„Кој долго живеел во комунизмот, има инстинкт за тоа, дека не се битни формалните изјави, туку процесите во заднината. И навистина е така. Македонија, на пример, веќе шест години е официјален кандидат за членство. Но, се’ уште не се најде термин за конечно започнување на преговорите. Земјата и натаму е во спор со соседот Грција околу своето име, а Атина наидува на неизречена подршка кај помоќните држави на ЕУ за својата блокада на Македонија.

Затоа не е чудо што на Балканот владеат стравувања: Не’ сакаат ли нас вистински? И, по која цена? Мораме ли да ги исполниме пропишаните услови или тоа и благодарно да го покажеме - на пример, со продавање на државни фирми на големите концерни од ЕУ? Вистински важното не е запишано ни со ситни букви.

Има ли двојна игра?

Германија насекаде на Балканот ја сметаат за најважен играч; нема прием (во ЕУ, н.з.) за некого, ако е Берлин скептичен. Посетите на вистински моќните се важни поради тоа што создаваат јасна ситуација. Веќе е несомнено дека Хрватска наскоро ќе припаѓа (кон Унијата, н.з.), па посетата на канцеларот не е повеќе од еден свечен момент. На Германија и’ се оддава признание, таа пак потсетува на својата улога како адвокат на Хрватска - но не и без за тоа да бара награда во форма на политичка и економска наклонетост. Србија, напротив, мора веродостојно да биде уверена дека Берлин не игра двојна игра и не бара признавање на Косово како прикриен предуслов за пристап. Стигнуваат и попрефинети сигнали. Не случајно, на пример, Меркел ги изостави Скопје и Сараево во својата балканска тура. Независно од нивниот формален статус, обете земји се блокирани на неодредено време во нивните стремежи за пристап (кон ЕУ -н.з.).

Меркел и српскиот премиер Мирко ЦветковиќФотографија: dapd

Има напредок, можете да успеете - тоа е пораката што Меркел му ја упатува на Балканот и таа се чини е сериозна. Политичките услови што им ги поставува Меркел на земјите се разумни и исполниви. (...) Со пораката канцеларката ја демантира својата изјава од последната предизборна кампања, дека по приемот на Хрватска прво мора да има ’подолга пауза‘. И Меркел досега пропушти на граѓаните на Германија и Западна Европа да им ги направи прифатливи чекорите за проширување, што е време да се направат. Зад тоа не се крие само политички кукавичлак.

Грешките од 1991 година

(...) Заблудата од 1991, дека сега прво може ’на мира да се продлабочува‘ (ЕУ, н.з.) а југоистокот да се прешалтува за неколку децении на ’стенд-бај‘, горко се одмазди. Дури и оној, кој не сака да слушне за речиси 200 илјади загинати од балканските војни што уследија, денес мора да признае дека безусловен прием на целата Југославија во 1991 година би бил значително поевтин за државите на ЕУ. Не ретко звучи празно кога за Европа се зборува како за ’мировен проект‘. Но, во овој случај, тоа секако би било на место“, заклучува „Франкфуртер Рундшау“.

„Шпигел онлајн“ се занимава со „Балканската дилема“ околу визната либерализација. Во коментарот со тој наслов се потсетува на реакции од неколку земји на нагло покачениот број на баратели на азил од Србија, Црна Гора и Македонија по укинувањето на визите за нивните граѓани на крајот на 2009 година. Значителното намалување на бројката на азиланти во меѓувреме, во текстот се објаснува со укинувањето на помошта и до 3 илјади евра, како поттик за враќање дома за некои ромски семејства, како и со построгите контроли во Србија и Македонија и поострените казни во тие земји за организаторите на патувањата за лажните азиланти. Пораката на коментарот е дека враќање на времиња како до 2009 и ограничување на слободата на патувања би била „фатална грешка“:

Погрешна политика на изолација

Можеше ли да биде поинаку во 1991? Тенкови на ЈНА во близина на ЉубљанаФотографија: AP

„Таа политика на изолирање и тогаш беше погрешна, а денес би била уште повеќе. Разочарувањето од наводно непријателскиот Запад би морало да им даде поттик на оние конзервативни и националистички сили во белградскиот политички естаблишмент, кои отсекогаш се залагаат за посебен пат на Србија, најдобро на страната на големиот православен брат Русија. Во секој случај, ни оддалеку не е сигурно дека демократите на прозападниот шеф на државата Борис Тадиќ ќе ја задржат превласта, ако исчезнува надежта за скорешно приближување кон ЕУ и со тоа отпадне принудата за далекусежни реформи.

Привремениот мир во тој нестабилен регион, како што не поучува историското искуство, најчесто значи само пауза да се земе здив. Се’ уште не се исчезнати националистичките демони, кои ги трујат душите и ги обземаат како во треска народите. Се’ уште важи сознанието дека безбедност и стабилност на Балканот не можат да се добијат против, туку само со Белград.

Да се надеваме дека експертите за Балканот во Министерството за надворешни работи ќе ги уверат нивниот шеф Гидо Вестервеле, како и сојузната канцеларка, дека чекор назад на ЕУ кај безвизниот режим би била политичка бесмислица и оти Германија нема да се согласи“, пишува „Шпигел онлајн“.

Што сака Берлин од Белград?

„Ное цирхер цајтунг“ известува дека „Меркел ја посетува чекалницата на ЕУ“. Акцент во прилогот е ставен врз условувањето на Србија во однос на Косово, при што се вели:

„Германија, навистина, е доволно реална, за да не бара од Србија директно признавање на независноста на Косово. Но, останува нејасно што се подразбира под бараното нормализирање на односите. Оттука останува отворено и прашањето колку многу мора Белград да и’ излезе во пресрет на Приштина, за да не си ја загрози интеграцијата во ЕУ. Некои српски медиуми се уверени дека една од целите на патувањето на Меркел се состои во тоа, на српската влада јасно да и’ стави на знаење дека е незамислива иднина во ЕУ без откажување од вршење влијание во северот на Косово. Тоа би било еднакво на барање, на пример со отстапки кај прашањата за царините, за полицијата или за судовите да се прифати некое барем индиректно признавање на Косово како цена за приближување кон ЕУ“, се вели во „Ное цирхер цајтунг“.

Во Белград, Меркел се сретна и со сопругата на убиениот српски премиер Зоран Ѓинѓиќ, РужицаФотографија: dapd

Автор: Зоран Јордановски

Редактор: Борис Георгиевски

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми