1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

'Не' значи 'не' - без исклучоци

Маркус Литике/БГ12 ноември 2014

Досега присилниот сексуален однос во германската судска пракса не се третираше секогаш како силување. Министрите за правда на покраинско и државно ниво сега сакаат да внесат промени по тоа прашање.

Symbolbild Menschenhandel Zwangsprostitution häusliche Gewalt
Фотографија: Fotolia/Artem Furman

Сторителот ноќе во парк демне некоја случајна жртва и потоа ја силува - овој стереотип е широко распространет. Но, статистички погледнато, повеќето случаи на силување се одвиваат во опкружувањето на жртвата, а сторителот често е колега од работа, познајник, роднина или дури и партнерот. Жените исклучително ретко ги пријавуваат таквите напади.

Во Германија, според член 177 од Кривичниот закон, при кривичното дело силување, врз жртвата мора да е извршено насилство или да имало закана по живот или мора да била беспомошно изложена на нападот на сторителот. Во спротивно, во правна смисла, не може да стане збор за силување. Според актуелните прописи, не е доволно доколку жртвата вербално се спротивстави.

Таквото правно стојалиште е неприфатливо за советувалиштата и институциите за укажување помош. Ета Халенга со години работи во советувалиштето за жени во Диселдорф и се грижи за жртвите на сексуално насилство. „Многу малку жени го познаваат актуелното правно толкување. Доколку кажат 'не', плачат или молат да престане, подоцна се шокираат кога ќе сфатат дека тоа дело не е признаено како силување“, вели Халенга. Според неа, врз основа на таквата правна состојба, во многубројни случаи на силување воопшто и не доаѓа до судска постапка. „Жената може да поднесе пријава, но државното обвинителство по правило го отфрла случајот“. Според истражувањето на Криминалистичкиот научен институт на Долна Саксонија, во 2012 година само во 8,4 отсто од случаите е изречена пресуда.

Дупки во законот

Сојузниот и покраинските министри одлучија да го реформираат членот 177 од Кривичниот закон. Но, се’ уште е нејасно како тие измени конкретно ќе изледаат. Промените веројатно ќе одат во насока на правилото „Не значи не“. Германија и во меѓународни рамки се наоѓа во ситуација да мора брзо да реагира, затоа што во август годинава стапи во сила таканаречената Истанбулска конвенција на Советот на Европа, според која сексуални дејствија без одобрување генерално треба да бидат казниви дела. Актуелното германско право не дава јасен одговор на прашањето „колку отпор треба да даде жената за да станува збор за силување“.

Протести во Бон против насилство во семејствотоФотографија: DW/Rosa Muñoz Lima

Од друга страна, критичарите стравуваат дека со заострувањето на законот може да дојде и до зголемување на лажните обвинувања. Тие предупредуваат дека сексуалниот чин на двајца луѓе е сложен, честопати противречен и понекогаш не е јасна границата меѓу доброволни односи и принуда. Некои критичари гледаат потешкоти и таму каде што сексуалното однесување отстапува од општествените конвенции, на пример кај садомазохизмот. Многу насилни дејствија, кои вообичаено претставуваат кривично дело, во такви случаи изрично се договараат и значат постигнување поголемо задоволство.

Законските измени не се доволни

Со промената на законот, пред судот, сепак нема да се поедностави докажувањето на обвинението за сторено силување. За тоа е свесна и Дагмар Фројденберг од Германското здружение на правнички. „Сосема е јасно дека законските измени нема ништо да променат, бидејќи и натаму ќе биде 'мојот збор против твојот'. Но, треба да се прави разлика меѓу правно добро кое се штити и прашањето дали може отпосле да се докаже“.

Тоа мислење го дели и Халенга. „Не ми е битно дали отпосле ќе има повеќе пријави или пресуди, туку ми е битен нашиот став во однос на сексуалното самоопределување. Членот 177 е своевидна шлаканица кога се во прашање основните човекови права“, вели Халенга. И таа и Фројденберг се надеваат дека со заострување на Кривичниот закон долгорочно ќе се предизвикаат и промени во главите на поединци. Правото на одлучување за сопственото тело не познава исклучоци, но засегнатите исто така мораат јасно да ги артикулираат своите желби или спротивставување.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми