1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Не се сакаат, но едни без други не можат

3 август 2010

Нетрпеливоста меѓу oхриѓани и скопјани не е од вчера. Немилите случки од 70-тите години од минатиот век, се минато. Сега зачестија шегите и зајадливите пораки, на пример преку фејсбук. До кога ќе трае примирјето?

Фотографија: Bilderbox

Со децении во лето, идиличната слика во Охрид ја нарушуваат непримерните пцости и тепачки меѓу завојувани тајфи од Скопје и Охрид. И не е важна причината и кој прв почнал. Охриѓани често велат :„Дошол од Скопје и ќе ми се прајт петел на наше буниште. Е, не може!“

Новинарката Јасминка Јанева од Охрид живее во Скопје:

„Се сеќавам, бевме многу млади имаше едно единствено диско во хотелот Палас. И бевме големо друштво, меѓу кои беше уште еден другар кој за разлика од нас кои учевме во гимназија, учеше во Пробиштип. И тргна една група охриѓани ќе се тепаат. Веројатно бевме повеќе атрактивни девојчиња . И на мојот другар му велат: „Ќе ве тепаме вас скопјани.“ Тој им вели: ’Ама јас не сум скопјанец, учам во Пробиштип.’’Ако пак ќе те тепаме.’ Го кажувам како шега, ама не ми било пријатно.“

„Охрид е убав, ама вие охриѓани сте лоши“

Вадењето само скопски регистерски таблички некогаш било хит, како и прскањето со спрејови во боја по автомобилите. На охриѓани често им се случува и денеска скопјани да им плеснат во лице: „ Абе многу е убав Охрид, ама вие охриѓани сте многу лоши. “ Позната е и онаа: „скопјани нека не доаѓаат, само нека ни‘ пратат пари по пошта.“

Охриѓани велат: Дошол од Скопје и ќе се прајт петел? Е, не може!Фотографија: Petr Stojanovski

Охриѓани отворено ќе ви речат и скопјани не се цвеќе за мирисање. Чест на исклучоците. Радио и тв-водителот Жанко З‘ш, кусо коментира:

„Мора да покажеме гостопримство. Штом дошол мора да го пречекаш. А не - јас сум газда ќе правам што сакам, а човекот ги остава парите тука. Кога нема луѓе плачеме ’леле нема гости’. Кога ќе има, сме малку безобразни. Но, и тие малку се креваат. Два-три слатки збора и се средува се‘.“

Скопјанката Александра на охридскиот туризам шеговито му забележува:

„А мора ли чаша? Ќе пиете од шише или...? И нешто од типот : Вилушка ќе треба ? Ако може со раце....“

„Мислам дека се‘ е произлезено од субкултурата на охриѓани, начинот на изразување и животот во еден велеград каков што бил Скопје во едно минато време. Тоа урбано живеење придонесло охриѓани да измислуваат вицови за скопјани и скопјанки. Мислам дека тој ривалитет веќе го нема“, смета Љупчо кој често е во центарот на летните скопски шеми.

„Не се мери плажата крај Вардар со Охридско езеро“

Скопјани ја добија плажата крај Вардар. Охриѓани на социјалната мрежа Фејсбук зајадливо им пишуваат: „Можете да се сончате, а за капење само под туш. А скопјани пожестоко одвраќаат : „По 500 денари лежалка за охриѓани на градска плажа.“ Или: „Пронајди охриѓанец на градска плажа и добиваш цела година гратис престој во Охрид.“

Скопјани велат: Абе Охрид е многу убав, ама охриѓани се лоши!Фотографија: DW

И не е виц или шега. Чиста вистина, слушната во Трпејца.

„Бабата одела, а некаде некое куче лаело, не се ни гледало. А таа на глас му вели: Не лај ми море биро, не лај ми, уш малу ќе си одет овие скопјанчишчава ќе се смириш“

Значи дури и кучето е вознемирено од нас Скопјаните, вели Јасминка Јанева. А во Охрид „Мирното лето“ задоцнето, почна . Најбројни се повторно Скопјани.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми