1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ние и тие - за новата политика кон соседите

31 јули 2017

И Бугарија и Грција, како и Србија, се држави коишто немаат капацитет за агресивна политика со реални последици по Македонија.

Mazedonien Professor Aleksandar Spasov
Фотографија: privat

Пишувањето колумни, покрај т.н. телевизиски експертизи, е најдеградираната форма на изразување во нашето општество. Оваа состојба се должи, делумно, на непостоењето на внатрешни критериуми кај дел од медиумите за квалитетот на текстовите и релевантноста на авторите (макар и стоело оградувањето на редакцијата дека се работи за „лични ставови и мислења на авторот“), но, уште поважно, во целосното деградирање на дебатата во јавната сфера од страна на водството и пропагандата на поранешната владејачка структура. Деградацијата беше резултат на две страсти кај врвот на поранешната власт. Првата страст беше да се уништи и банализира дебатата за во „морето“ на колумнисти да се изгуби критиката кон власта. Втората страст беше производ на длабокиот антиинтелектуализам и циничното потценување на стручната и аргументирана расправа, веројатно резултат на некои длабоки фрустрации и незадоволство од сопствената интелектуална вредност.

Опишаната состојба значително го зголемува предизвикот да се биде „нов“ колумнист. Сепак, идејата да се пишуваат текстови за медиум, особено за медиум од класата на Дојче Веле, не дојде случајно. Изминатава деценија имав ретка можност да работам за политиката и со политичарите и да имам непосреден увид во драматичните политички процеси низ коишто поминуваше нашата држава и коишто многу го променија нашето општество и начинот на којшто размислуваме и делуваме. Можноста да се има увид во „драмата“ низ којашто поминувавме од другата страна на партиско-политичката пропаганда е обврска да се запише „преживеаното“ и да се сподели искуството со јавноста.

Токму затоа, заедничкиот наслов на оваа серија на колумни е - скици. Текстовите немаат претензија да бидат трактати или животни дела на авторот, туку да скицираат тези и аргументи во прилог на обновената „нормална“ јавна дискусија.

Нормализација на односите со соседите

Еден од клучните столбови на политиката на  новата влада е нормализацијата на односите со соседите. Во пресрет на најавеното потпишување на билатералниот договор за добрососедство и соработка со Бугарија, важно е да се насочи дискусијата кон она што е суштински важно во овој процес и да се раздвои од она што за конкретниот процес е од второстепено значење. Најважната цел на новата политика е деблокадата на нашето членство во НАТО и придвижувањето на преговорите за членство во ЕУ. Се разбира, добрососедските односи носат различни придобивки во многу сфери, но ниту една од нив не е пресудна за радикалното менување на пристапот. Економската соработка и меѓусебните односи на Македонија со нејзините соседи се релативно пристојни и се одвиваат независно од блокадите. Дури и со најпроблематичниот сосед Грција, економската соработка функционира повеќе од добро, со особена корист за Македонија.

Менаџирањето на проблемот со различното читање на историјата има единствено историско значење, а многу малку актуелно влијание. И Бугарија и Грција, како и Србија, се држави коишто немаат капацитет за агресивна политика со реални последици по Македонија. Доколку се погледне само демографијата на овие држави, лесно може да се дојде до определени заклучоци. Трите држави, како и Македонија, се во демографска рецесија односно губат население. Пред се, губат младо и работоспособно население и во рамките на работоспособното население се соочуват со одлив на најспособните. Механичкото иселување кон развиените економии, дополнително, ја притиска надолу стапката на раѓање, а единствено се зголемува стапката на смртност. Со таква демографска структура овие држави имаат сериозно ограничени можности за иден економски развој, а уште помалку шанси за економска експанзија кон кој било од своите соседи. Дополнително, тие стануваат тешко способни да ја обезбедат дури и својата внатрешна безбедност, а да не зборуваме за некаква територијална агресија. Најважно, членството на Бугарија и Грција во НАТО е најсигурната гаранција за независноста и територијалниот интегритет на Македонија. Единствен проблем за политичката стабилност на Македонија, во рамките на оваа тројка, е Србија, но не поради својата релативна сила, туку поради својата марионетска улога во однос на актуелните руски напори за преуредување на рамнотежата на силите во Европа и на Блискиот Исток и длабоката пенетрација на бившите структури на тајните служби во најважните аспекти на функционирањето на оваа држава.

Фотографија: DW/P. Stojanovski

Односите со Албанија и Косово имаат поинаква димензија. И Албанија и, донекаде, Косово се соочуваат со слични проблеми како и другите споменати држави, но етничката структура на Македонија ја поместува границата на односите од класични меѓусоседски односи во внатрешнополитички предизвици. За разлика од етничките Албанци, коишто се самоперцепираат, меѓу другото, и како дел од поширок албански етнички простор, Македонците во Македонија со бугарско државјанство, во најголем дел, се државјани на Бугарија од прагматични причини за искористување на придобивките од членството во ЕУ, а нивниот „блгарски произход“ е повеќе цинизам отколку производ на личното самосознание. Впрочем, фактот дека многу од овие граѓани се пријавени во фиктивни живеалишта во крајграничните градови е доволен доказ за прагматичниот карактер на одлуката да се земе бугарски пасош (овој феномен е многу интересен и во Србија, кадешто голем број на Срби од источна Србија, одненадеж, декларираа бугарско потекло и станаа државјани на Бугарија).

Затоа, опозицијата на актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ кон овој договор е трагична, ако не и смешна. Прво, во третата изборна единица кадешто оваа партија, во повеќе изборни циклуси, постигнува најголем успех на изборите, живеат најголем број од двојните државјани, па веројатно е дека голем дел од нив гласаат и политички се идентификуваат со оваа партија. Второ, дел од функционерите на оваа партија и самите се бугарски државјани, а дел од нив, во минатото, беа јавни заговорници на идејата за „истиот народ во две држави“ (улогата на Милошоски во оваа „антибугарска“ политичка кампања е врвен политички цинизам „достоен“ на политичкото рацио на Груевски). Конечно, токму историјата на ВМРО, како антиката со Грција, е срцевината на спорот со Бугарија и, веројатно, главниот дел од т.н. заедничка историја со Бугарија.

Опасноста од глобално „размешување на картите“

Во таа насока, новата политика кон соседите е нужност, а не нечија политичка желба или наивен идеализам. Глобалното „размешување на картите“ е најголемата опасност за безбедноста на малите држави, како Македонија, на коишто и онака, често, им се оспорува капацитетот да опстанат како држави. Во таква ситуација, изборот е помеѓу „чадорот“ или да се биде „монета за поткусурување“.

Националниот интерес, дефиниран во духот на новото време и противречностите на глобализацијата, е вистинскиот одговор за критичарите на новата политика. Но, за тоа треба искрено да се разговара. По помината декада во градење нереална претстава за себе си и својата големина и начинот на којшто функционира светот, време е за ладен туш и тврдо приземјување. За наше добро!

Д-р Александар Љ. Спасов, доцент на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ во Скопје и програмски менаџер во Институтот за социјална демократија „Прогрес“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми