1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Никнуваат куќи од пластични шишиња

28 октомври 2011

Куќа од пластични шишиња? Звучи несекојдневно, но во Нигерија, такви куќи веќе се прават. Принципот е едноставен: празни шишиња се полнат со песок и шут, се редат едни врз други и тогаш се соsидуваат со глина и малтер.

Nigeria Haus aus PET-Flaschen in Afrika Plastikflaschen statt Ziegel
Во градбата на куќите во Нигерија наместо цигли се користат шишињаФотографија: DARE

Конструкцијата се зацврстува со жица-кабел од најлон. Градејќи куќи на тој начин, столарот Андреас Фрузе сака да ја штити животната средина и да им понуди перспектива на луѓето кои живеат во сиромаштија.

Андреас Фрузе затоа пред десет години ја основал фирмата ЕКО-ТЕК во централно-американската држава Хондурас. Фирмата оттогаш изградила преку 50 зданија ширум светот. Тие ги преживеале и земјотреси со јачина од 7,3 степени според Рихтеровата скала. Но, сепак реакциите на проектот на Фрузе се обично воздржани. Луѓето тешко дека можат да поверуваат дека тој проект функционира.

Но, Фузе вели дека недовербата често буди и љубопитност: „Тоа доведува до тоа многу луѓе да доаѓаат на градилиштето. Тука на лице место можеме да им покажеме како го работиме тоа и дека нашиот материјал- едно обично пластично шише, може да издржи многу повеќе од стандардната тула."

Фрузе пред пет години одлучил истиот проект да го започне во Африка. Во Уганда изградил цистерна за вода. Заедно со Здружението за развој на обновливите енергии ДАРЕ започнал нов проект во Нигерија. Во Кадуна е изградена за сега првата куќа од пластични шишиња во Африка. Шишињата за изградбата Фрузе ги добил од хотелите, рестораните и обичните домаќинства. Така направените куќи не и´ штетат на животната средина: струјата се црпи со помош на соларна енергија, а куќата ќе го добие и сопствениот канализациски систем и системот за преработка на водата за пиење.

Добри за животната средина и за отворање нови работни места

Пластичните шишиња како „градежен материјал" се многу ефтиниФотографија: DARE

Еден од најважните аспекти на овој проект е образованието на младите. Високата стапка на невработеност во Нигерија е голем проблем. „Тоа е буре барут", вели Јахаја Ахмед, раководител на Здружението. Младите се фрустрирани и се чувствуваат запоставено од страна на владата. Завршеното училиште не им е гаранција дека ќе најдат работа.

Тука на помош им приоѓаат ДАРЕ и ЕКО-ТЕК, вели Јахаја Ахмед: „Во најновите нереди по изборите не учествуваше ниту еден од нашите момчиња. Тоа бea само вандали. ДАРЕ од улица зеде 15 просјаци и ги вработи на проектот."

Под надзорот на Андреас Фрузе тие учеле како правилно да ги наполнат пластичните шишиња. Јахаја Ахмед смета дека продолжувањето на работата на проектот на изградба на куќи од пластични шишиња сигурно ќе помогне многу млади да се тргнат од улица и на тој начин да се намали потенцијалот на насилство.

Наскоро училиште од пластични шишиња

Пластиката е многу поотпорна од циглитеФотографија: DW

На долги патеки во план е да се изгради центар за образование во Нигерија. Во текот на изградбата на куќите од пластични шишиња, многу млади од регионот се стекнале со образование. До сега на проектот се вработени 90 лица кои порано немале ниту работа, ниту образование. Тие ќе ја водат изградбата на училиште од јануари следната година и ќе ги учат своите почетници како да прават тули од пластични шишиња. Едно од момчињата вработени на проектот вели дека не верувал дека може да работи со една ваква техника. Образованието му ја подигнало самодовербата: „Горд сум што сум еден од ретките во Африка кои знаат да владеат со оваа техника. И јас ова знаење ќе им го пренесам на другите."

Оној што гради куќа исто така штеди и пари. Конструкцијата од ПЕТ амбалажата е значително поефтина од стандардните материјали за градба. Во Нигерија една тула чини колку една третина од просечната дневна заработувачка.

Куќите од пластични шишиња - мост меѓу Европа и Африка

Неискористената пластика тешко ја загадува околинатаФотографија: Ruth Kirchner

Кај ваквите проекти финансирањето е секогаш проблем. Наспроти успешната приказна, фирмата ЕКО-ТЕК тешко наоѓа спонзори. Ваквите проекти главно ги финансираат приватни фирми или малите заедници. За куќата од пластични шишиња во Кадуна инвестиции дошле и од Германија: проектот го поддржале ГЛС банката и БИНГО фондацијата за животна средина од Долна Саксонија. Јахаја Ахмед се надева дека проектот ќе добие повеќе поддршка и од владата на Нигерија:„Бидејќи, такви проекти не се само добри за животната средина и затоа што нудат работни места, туку тие претставуваат и мост меѓу Африка и Европа”, вели Ахмед.

Автор: Меријам Лавал/ Светлана Брик

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми