1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Никој нема монопол врз парламентот

Кај-Александер Шолц
22 септември 2017

Дали изолацијата на Алтернативата за Германија (АфД) e најдобар начин за соочување со таа десничарска партија? Политичарите на етаблираните партии треба да бидат повеќе самокритични, смета Кај-Александер Шолц.

Deutschland Symbolbild Alternative für Deutschland - AfD
Фотографија: picture-alliance/dpa/K.-D. Gabbert

За време на последната дебата на претходниот состав на Бундестагот, една од темите на трибината за новинари беше и распоредот на пратеничките групи: како во салата да се сместат претставници на шест партии (колку што најверојатно ќе влезат по изборите?) Пленарната сала и онака е доста тесна. Притоа, мора да се направи место за два нови премини кои ги одвојуваат партиите во парламентот. Дали Либералите ќе мораат да бидат во средина? А Алтернативата за Германија сосема десно? Некој тогаш на шега предложи сите партии освен АфД да се соберат во една група, а да постои само еден премин - оној кој таа група ќе ја одвојува од АфД. Така би била нагласена дистанцата кон таа партија.

Тој предлог доста добро го отсликува она што во моментов може да се слушне во партиите - тие предупредуваат на опасноста од распад на политичката култура која може да ја предизвика присуството на десните екстремисти во парламентот. Едни гласови бараат на пратениците на АфД да им се забрани да учествуваат во работата на парламентарните комисии. Нешто слично веќе беше сторено: за да се спречи еден политичар на АфД како најстар во Бундестагот да претседава со првата седница на парламентот, беше сменет деловникот. За АфД тоа беше добредојдена муниција во предизборната стрелба- партијата доби повод да се жали на картелот стари партии и сопствената улога на жртва.

Крајно време е да се потсети дека сите партии и пратеници се претставници на гласачите. Ниту една партија не го презеде парламентот и никој нема право да се издигнува себеси над останатите партии. Партиите можат да бидат избрани во Бундестагот, но и и исфрлени од него - на избори. Никој не е трајно претплатен на мандати во парламентот. Доколку беше така, ќе постоеше диктатура на древните партии, или некој вид политичка олигархија.

Кај-Александер Шолц

Погрешна стратегија

Стратегијата која етаблираните партии ја применуваат во борбата против АфД е содржински слаба и се сведува на начелото: напад е најдобра одбрана. А всушност би требало да се прашаат: што згрешивме ние, а што воопшто не сторивме- зошто АфД стана силна, можеби и трета по јачина? Но, партиите ја огфрлаат сопствената одговорност и повеќе сакаат да делат удари. Притоа, гласачите на АфД не се заблудени души кои треба да се вратат на патеките на политичката пристојност; нивните гласови се сведоштво за промашената политика. Онаа која превиде многу проблеми и грижи на граѓаните.
АфД влегува во Бундестагот и таму мора да ги ужива сите права кои ги имаат и останатите партии. Но, мора да ги исполни и своите обврски: ќе мора да научи колку е политиката макотрпна работа која бара компромиси. Доколку не успее во тоа, гласачите ќе ја казнат. Некои покраински парламенти имаат искуство со екстремно десните партии или со популистите. Сите тие партии одамна исчезнаа.

Но би можело да се случи и спротивното - АфД да се етаблира. Како што тоа своевремено им успеа на „хаотичните долгокоси“ (Зелените) или „комунистите“ (партијата на Левицата). А доколку АфД и натаму се радикализира, на сцена ќе мора да стапат заштитниците на уставниот поредок.

Крајно време е нешто да се научи од грешките од минатото. Тивката поларизација, која е главна задача на популистите, мора да биде запрена. Но тука не помага смешното претерување со реакции и беспомошно претање. Наместо тоа, пратениците треба со гордост, достоинствено и мирно, заедно со граѓаните да ја припремат земјата за иднината. Бидејќи, и покрај сите потешкотии и предизвици, ова е и сега најдобрата Германија која досега сме ја имале.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми