„Никој не се грижи за нас“
4 август 2010Во најголемите поплави во историјата на Пакистан најмалку 1.500 луѓе ги загубија животите, а повеќе од 100.000 Пакистанци се под закана од ризик од ширење заразни болести, предупреди Црвениот крст.
Десетици илјади се заробени во поплавените области и не можат да добијат хуманитарна помош, затоа што улиците и мостовите се уништени од водените маси. Пакистанската армија се обидува да помогне со сите средства што и` стојат на располагање. Ангажирани се триесет илјади војници. Но тоа не е доволно. Многу од погодените се’ уште чекаат на прехранбени производи и медицинско згрижување.
Нови врнежи?
Проценките се дека е потребна храна за околу 1,8 милиони Пакистанци во следниот месец.
Поплавите кои разорија делови од планинскиот северозапад во државата се шират во внатрешноста на Пакистан, а метеоролозите предвидуваат нови врнежи.
Помошта доцни поради непроодни патишта,уништени мостови и прекинати линии за комуникации.
Незадоволството се шири
„Веќе пет дена сме во оваа ситуација. Никој од државата не дошол да не` праша дали ни` треба нешто. Преноќуваме на висорамнината, се’ загубивме, но никој не се грижи за нас“, велат луѓето погодени од елементарната непогода.
Недостасува пред се` чиста вода за пиење, а се зголемува и опасноста од зарази. Ники Бенет, портпаролка на ОН за Пакистан, истакнува:
„Навистина мораме да бидеме многу внимателни. Можно релативно брзо да се случи да избијат болести, како на пример колера и брзо да се прошират. Тоа во моментов, како и при други поплави, има највисок приоритет.“
Освен дијареата од која се болни многу луѓе, сериозен замав веќе зема и колерата, и тоа според меѓународните претставници, во моментов е најголемиот проблем.
Автор: Александер Розенберг / Александра Трајковска
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска