1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нимиц повикува на нов приод за решавање на спорот за името

БГ/макфакс/миа7 мај 2014

Новонастанатата безбедносна состојба создава притисок врз преговарачкиот процес, индиректно укажа Нимиц. Грчкиот преговарач критичен кон Македонија.

Фотографија: MIA

Медијаторот во дводеценискиот грчко-македонски спор за името, Метју Нимиц, во вторникот ги повика владите во Скопје и Атина сериозно да размислат дали има простор за нов приод во решавањето на спорот за името, имајќи ја предвид новата ситуација во светот и интересот спорот за името да се реши.

Новонастанатата безбедносна состојба создава притисок врз преговарачкиот процес, индиректно укажа Нимиц, посочувајќи на актуелната состојба во светот и високото ниво на интерес за прашањето за безбедноста, при што побара владите на двете земји сериозно да размислат за решавање на спорот.

„Ова е добро време за лидерите во двете земји сериозно да размислат дали постојат нови начини за решавање на спорот“, изјави Нимиц и притоа најави можна посета на Скопје и Атина на почетокот од јули. На изјавата на американскиот олеснувач во преговорите им претстоеја одделни средби со Јолевски и Василакис.

По средбата со преговарачите Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис во Њујорк, втора за малку повеќе од еден месец, Нимиц изјави дека не биле дадени нови идеи, ниту бил констатиран конкретен прогрес, туку било разговарано само за веќе постојни идеи и за намерата во текот на уште ова лето интензивно да се работи на ова прашање.

„Ги разгледувавме позициите на двете страни за некои аспекти од разговорите, историски и актуелни, и имавме искрени разговори. Немав главна намера оваа средба да биде преговарачка сесија со нови содржински идеи и не би сакал да давам оцена дали е направен прогрес на средбата, бидејќи намерата не ми беше средбата да биде од таков вид“, изјави Нимиц.

Тој ги повика двете влади, по завршувањето на изборите во двете земји да посветат повеќе внимание на прашањето за името, за кое констатираше дека предолго трае, како и дека добро се познати позициите на двете страни. Нимиц се наврати на старите предлози за решение, велејќи дека во некои од нив имало прифатливи, но и неприфатливи моменти за двете влади, на кои треба да се работи за да се дојде до конечно решение.

Претходната средба на посредникот Метју Нимиц со преговарачите Јолевски и Василакис во Њујорк се одржа на 26-ти март, но како и многупати досега немаше позитивен епилог во однос на приближувањето до евентуалното заемно прифатливо решение, кое би ги одблокирало европските и евроатлантските интеграции на Македонија. Посредникот тогаш изјави дека на разговорите не бил постигнат напредок, но дека двете страни се согласиле околу интензивирањето на разговорите. Нимиц исто така најави дека неговата посета на регионот најверојатно ќе следи по завршувањето на европските и локалните избори во Грција, кои се закажани за 25-ти мај.

Преговарачот Нимиц со македонскиот државен врв во Охрид во 2012. годинаФотографија: picture-alliance/dpa

Василакис: Македонија е на позициите од 1995 година

Последната посета на двете земји Нимиц ја оствари во септември минатата година, кога порача дека меѓу Атина и Скопје се‘ уште постојат несогласувања околу тоа каде ќе стои географската одредница и опсегот на употреба на името. Нимиц тогаш објасни дека грчката страна инсистира на име за севкупна употреба и при тоа бара географската одредница да стои пред името Македонија, односно предложила името да биде „Република Горна Македонија“. Последниот предлог на посредникот пак, даден пред повеќе од една година, гласеше „Горна Република Македонија“, и беше експресно одбиен од грчката страна.

Грчкиот преговарач, амбасадорот Адамантиос Василакис, за агенцијата АНА-МПА изјавил дека нема разлика во позициите на Македонија во врска со името.

„Грција сака да се најде решение, но другата страна досега нема направено апсолутно ништо. Таа е на иста позиција како што беше во 1995 година“, рекол Василакис.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми