Нинисто е нов претседател на Финска
6 февруари 2012Проевропски oриентираниот Саули Нинисто, кој е поранешен министер за финансии и член на владејачката конзервативна Национална коалициска партија, освои 63 проценти од гласовите, додека неговиот противкандидат Пека Хависто од партијата на Зелените освои 37,3 отсто.
Хависто уште синоќа го призна поразот и му ја честиташе победата на Нинисто.
Исклучително студеното време негативно влијаеше на гласањето, излезноста изнесуваше 69 проценти, што е значително пониско од првиот круг од гласањето, кога гласаа 72,8 проценти од гласачите.
Според експертите, гласањето покажува дека Финците сакаат нивната земја да остане во еврозоната, наспроти сомнежите во ефикасноста на спасувачките планови на ЕУ.
Како претседател Нинисто ќе има мали овластувања, освен во областа на вооружените сили и надворешните работи, но потенцијално ќе може да влијае на јавното мислење. Според аналитичарите, еден евроскептичен претседател би можел да изврши притисок на владата да заземе поцврста позиција во однос на спасувачките мерки на ЕУ кон задолжените земји членки.
Инаугурацијата на новиот 12-ти претседател на Финска ќе се одржи на 1 март, кога Нинисто ќе се обрати пред парламентот.
Автор: Жана Ацеска/АМ/дв/миа
Редактор: Б. Георгиевски