1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ница: Ова не е борба „ние против нив“

Барбара Везел / превод: ЕМФ15 јули 2016

По главно мирниот тек на ЕП во фудбал, Франција воздивна со олеснување. Сега атентатот во Ница ги стави под знак прашалник сите безбедносни мерки и ја втурна владата во криза, оценува Барбара Везел.

Фотографија: Reuters/E. Gaillard

Атентатот од Ница има корени директно од упатството на Исламска држава: „Станете осамени волци и спроведувајте напади кај вас“, им препорача терористичката организација на своите приврзаници во Европа уште пред две години. За таа цел, како оружје би можеле да се користат и камиони или други средства за секојдневна употреба. Смртоносната ефикасност на овој метод сега е видлива во Ница. Со изнајмен камион да се влета во толпа луѓе кои слават е вид на масовно убиство кое тешко може да се спречи. Сепак, владата на Франсоа Оланд сега е под огромен притисок, затоа што не можела порано да го лоцира напаѓачот и поради тоа што и натаму ѝ недостига подлабок поглед во исламистичките кругови во земјата.

Оланд мора да одговара на прашања

Ова е трет напад во Франција за година и половина, покрај повеќето одделни убиства, меѓу нив и на полицајци. Французите досега на терористичките закани реагираа восхитувачки смирено и решително. Духот на отпор беше силен уште по серијата убиства во Батаклан и парискиот ресторан. „Нема да дозволиме уништување на нашиот животен стил“, гласи пораката на мнозинството во земјата. Но, колку долго може да трае оваа храбра опуштеност со оглед на најновото крвопролевање во Ница? Републиканскиот дух на Французите, нивната верност кон државата и нивното заедништво во услови на криза, се ставени на голем тест.

Барбара Везел

За претседателот Франсоа Оланд новиот атентат значи политички крај. Тој минатата зима реагираше остро, се обиде со заострување на законите и воведување вонредна состојба да ја ограничи опасноста. Меѓутоа, истовремено тој не успеа да го реформира метежот од различни безбедносни служби и да создаде единствена, способна за дејствување антитерористичка служба. Нападите во Париз покажаа дека и покрај сите предупредувања биле направени грешки, информации пропаѓале в земја, а сомнителни лица не биле апсени на време. Меѓу жандармеријата, полицијата, министерството за внатрешни работи и тајните служби очигледно постои црна дупка. Оланд мораше да стави крај на бирократската љубомора и сите сили да ги стави под една централна команда. Семејствата на жртвите од Батаклан имаат поднесено тужба против владата поради можни пропусти. Можеби претседателот Оланд би можел да ја искористи новата криза за да се направат промени. Но, ќе мора да се откаже од идејата за повторна кандидатура на изборите наредната година. Политичката опасност сега произлегува од деснорадикалниот Национален фронт. Стравот дека новиот атентат може да ги турне избирачите во овој табор, не е неоснован.

Неопходна е соработка од муслиманите

Што и да преземе сега француската влада, потребна ѝ е помош од муслиманските заедници. Не се работи за тоа да се покаже со прст кон нив и да им се префрли одговорноста, но и атентаторот од Ница имал семејство, пријатели, соседи. Никој ли ништо не забележал и немал ли никој некаков сомнеж? Во тој дел е итно неопходна промена на менталитетот, зашто и овој напаѓач бил Французин. Терористичката закана доаѓа одвнатре, не однадвор.

Крајно време е да се прекине секаква погрешна солидарност со „браќата по вера“. Теророт е закана за сите во Франција, тој нема врска со некаква борба „ние против нив“, зашто тој е закана и за иднината и безбедноста на муслиманите во западните општества. Најлошото што може да се случи е ако десницата сега ги подбуцне секуларните, христијаните против муслиманите во Франција. Портпаролите и имамите на муслиманските заедници меѓутоа ќе мора конечно со сите средства да расчистат со оние што проповедаат омраза во нивните џамии. Тие имаат обврска да дејствуваат, исто како и француската држава.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми