1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ниш: Прв голем собир на српски и албански стопанственици

ЕМФ /агенции
14 октомври 2016

Србија и Албанија ја зајакнуваат економската соработка. Во Ниш денеска се одржува бизнис форум, на кој учествуваат околу 300 стопанственици од двете земји.

Albanien Premierminister Rama trifft serbischem Amtskollegen Vucic
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Babani

Довербата меѓу двата народа е изградена, сега е на ред јакнење на економската соработка и зголемување на трговската размена меѓу Србија и Албанија, рече денеска на отворањето на бизнис-форумот во Ниш, српскиот премиер Александар Вучиќ.

Тоа е прв голем собир на српски и албански претприемачи. На форумот, кој покрај Вучиќ беше отворен и од албанскиот премиер Еди Рама, треба да биде потпишан Меморандум за основање српско-албанска трговска комора, која на стопанствениците ќе им пружи логистичка поддршка. Нејзиното седиште ќе биде во Тирана.

По пленарниот дел на форумот, предвидени се и билатерални средби на стопанствениците, на кои ќе се разговара за конкретни зделки и деловни проекти. Во Ниш се стигнати претставнци на компании од секторот на прехранбената индустрија, трговијата, електро и машинската индустрија, градежништвото, хемиската, металопреработувачката и дрвната индустрија, како и од сферата на туризмот и хотелиерството, и телекомуникациите.

Вкупната стокова размена на Србија и Албанија во 2015 година изнесуваше 109,8 милиони евра. Извозот на Србија во Албанија изнесуваше 91,8 милиони, а увозот од Албанија - 18 милиони евра. Годинава, за само осум месеци размената достигна 77,8 милиони евра, од што 60,5 милиони евра се српски извоз во Албанија, а 17,3 милиони евра - увоз.

Еди Рама тврди дека со Александар Вучиќ има „прекрасен однос“Фотографија: picture-alliance/dpa/Koca Sulejmanovic

Рама: Србија треба да го признае Косово како независна држава

Албанскиот премиер Еди Рама вчера, за време на посетата на Белград, изјави дека Србија треба да признае дека Косово е независна држава. Во интервју за агенцијата Франс прес тој рече: „Тоа е завршена работа. Косово е држава која ја признаа најмоќните земји во светот, косовскиот народ го избра тоа.“

Пред две години, за време на првата посета на Белград на еден албанскиот премиер во последните 68 години, Рама имаше несогласувања со Вучиќ околу Косово. Ставот на Рама српскиот премиер го оцени како „провокација“ и намера „да ја понижи Србија во Белград“.

Сега Рама вели дека „реакцијата од пред две години беше неверојатна, а денес има отворена дебата“. Тој исто така наведе дека со Вучиќ има „прекрасен однос“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми