1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ни „бомбата“ на Заев не може да ја наруши идилата меѓу Груевски и Ахмети

Катерина Блажевска4 декември 2014

„Бомбата“ на Заев не само што не може да го претвори Ахмети во негов партнер, туку само ќе му помогне да издејствува некои етнички барања полесно да поминат кај Груевски, велат извори во ДУИ

Не е можно прегрупирање на политичкита сцена, а уште помалку создавање некакво ново парламентарно мнозинство, тврдат политичари и аналитичари, по двете политички изјави што создадоа впечаток за можно рекомпонирање на власта. Прво, лидерот на опозициската НСДП, Тито Петковски, објаснувајќи ги можните ефекти од најавената опозициска „бомба“, изјави дека „ако Ахмети дојде во сознание за можноста Владата да падне, а тој да остане на власт, веројатно дека кај него ќе предизвика чувство на потреба да биде со силите кои доаѓаат, кои ќе ја преземат одговорноста да ја водат државата“.

Потоа беше пренесена изјавата на Али Ахмети дадена пред пред тетовскиот огранок на ДУИ, дека партијата би можела „да преземе решенија кои можат да бидат неочекувани и надвор од партиската политичка програма, бидејќи доволно е сите граѓани да знаат дека земјата се соочува со низа проблеми кои барат решенија и храброст.“

Нема математика

Сето тоа, ставено во контекст на податокот што го соопшти Петковски, дека опозицијата разговара со ДУИ и со претставници на движењето „Беса“, ги разгоре шпекулациите за тектонски поместувања на политичката сцена. Но, за кратко. Таквиот можен развој на настаните го демантираше шефот на кабинетот на Али Ахмети, Артан Груби.

„Од 2002 година, па се’ до денес и едната и другата македонска партија се обидуваат да дојдат на власт преку Али Ахмети и ДУИ. Ова го гледаме и од 2008 како стратегија на македонската опозиција и на луѓе блиски до опозицијата. Навистина е за жалење сиот напор на индиректен начин да се дојде до власта. На власт се доаѓа само со конкурентска понуда. Не може да се дојде на власт со поттикнување и вжештување на меѓуетничките односи и со удари врз парламентарното мнозинство. На власт се доаѓа само преку искрен однос со граѓаните, но не и преку Али Ахмети и ДУИ“, изјави Груби при комисиската расправа за мандатите на опозициските пратеници.

Тој за ДВ тврди дека досега немало никакви, ни официјални ни неоформални, средби меѓу претставници на опозицијата со врвот на ДУИ.

Али Ахмети ќе се договори со Груевски, убедени се пратиски функционери на ДУИФотографија: DW/S.Padori-Klenke

„Опозицијата ќе најде партнер во ДУИ за сите позитивни предлози и активности, тогаш кога ќе се врати во Собранието. Нема изјава, нема соопштение, во кое досега не сме ги повикувале да го сторат тоа, бидејќи таму е местото за презентирање на партиските ставови и политики и обезбедување поддршка од граѓаните“, вели Груби.

Притоа ги отфрла шпекулациите за создавање ново парламентарно мнозинство со образложение дека за тоа „нема математика“, односно нема доволен број пратеници, и не сака да коментира дали некои сознанија содржани во „бомбата“ би можеле да ја принудат ДУИ да ја напушти владејачката колалиција.

Има контакти со ДУИ

Спротивно од него, Тито Петковски тврди дека има контакти меѓу опозицијата и ДУИ и објаснува за кои прашања се воделе разговори.

„Има средби со ДУИ. Тие не се на ниво на официјални делегации, туку поединечни. Со ДУИ разговаравме за тоа како оваа партија гледа на одредени актуелни проблеми, како што се спорот за името, корупција, криминал... Исто така, разговаравме и за некои случаи објавени во јавноста, како на пример, сомневањата за фалсификување пасоши. Од ДУИ рекоа дека немаат ниту информации ниту улога во такво нешто. Фактот дека ДУИ, на пример, побара ФБИ да се вклучи во истрагата за случајот „Монструм“, покажува дека тие имаат сомнеж во истрагата и во основаноста на судскиот епилог. Мојот оптимизам за дистанцирање на ДУИ од владејачката политика го градев токму врз фактот дека тие нема да можат да ја проголтаат аферата со пасошите која автоматски ќе оди и на нивна адреса и дека не би сакале да бидат доживеани како соучесници и во други афери кои ќе се отворат, ако немале учество во тоа“, вели Петковски.

Опозицијата контактира со ДУИ, тврди ПетковскиФотографија: DW/V.Kalinski

Според аналитичарите, во СДСМ се наивни ако сметаат дека каква било афера, па дури и под претпоставка таа да се докаже институционално, би можела да им обезбеди партнер во ДУИ, бидејќи оваа партија досега многу пати своето учество во Владата го врзуваше со откочување на процесот на евроатлантстките интеграции, а потоа истиот став го ревидираше и релативизираше, со цел да го оправда нејзиното натамошно останување во власта.

Удар и противдар

И во други партии на Албанците се сомневаат во можност од каква било соработка меѓу СДСМ и ДУИ. Шенаси Адили, Генерален секретар на ПДП, смета дека ни евентуални ефекти од „бомбата“ нема да поттикнат такво нешто.

„Каква било да е таа 'бомба', власта секогаш има начин да ја амортизира, бидејќи МВР и судството треба да ја процесуираат. Но, со вакво судство, и институции кои се подготвени да кријат траги, тешко дека опозицијата нешто ќе докаже. Власта на секоја 'бомба' ќе одговори со противудар и противреакција. Не само што опозицијата тешко ќе може да докаже нешто, туку може да и‘ биде приреден и контраудар - да биде обвинета за изнесување фалсификати“, вели Адили. Тој не верува дека ДУИ заради некакви сознанија од „бомбата“ ќе го преиспита своето учество во Владата, бидејќи и таа е во истиот кош.

Како ќе се наместат коцките?Фотографија: imago/CHROMORANGE

„Па, Ахмети сам призна дека во ДУИ не се сите ангели и дека има злоупотреби. Ако 'бомбата' открие некакви сознанија кои укажуваат на девијантни активности на власта, таа нема да има еднострано дејство. Од неа нема да биде засегната само ВМРО-ДПМНЕ, туку и ДУИ. Тие заедно ја делат власта, па дури и едната од нив да не била директно вмешана во нешто, фактот дека знаела и молчела, ја прави соучесник“, потенцира Адили.

ПДП досега не остварила контакти со некоја од партиите од опозицискиот блок. Не затоа што не сакале, туку затоа што биле зафатени со организациски активности. Партијата која со 20-тина денови стаж влезе во изборната трка, по Конгресот на 17 јануари ќе започне поинтензивни активности за соработка со други партии.

ДУИ останува со ДПМНЕ

Нови партнери треба да бара и СДСМ. Освен партиите кои се неговата коалиција, нема соработка ниту со опозициската ДПА поради политичкото конвертитство на лидерот Мендух Тачи, а во можна подоцнежна соработка меѓу СДСМ и ДУИ, засега никој не верува.

Таквиот сомнеж го дели и аналитичарот Мерсел Биљали.

„ДУИ се однесува така што секој би помислил дека Груевски ги држи во неков залог, дека му се плашат. Толерирањето на ваква општа хаварија во сите сегменти на општеството, па и понижувачкото влегување во Владата, само по себе говори за проблемот што го има ДУИ. Така што, тука соработка не може да има. Треба двата коалициски партнери да се доведат до мат позиција, прикажувајќи ги нивните недела, а потоа треба да се победат. Опозицијата треба при секое фрлање на 'бомба' да извади десетици илјади луѓе на протест. Но, ако на површина излезат чувствителни меѓуетнички теми, тогаш самите граѓани Албанци на клоци ќе ја исфрлат ДУИ од власта“, вели Биљали.

Партиски функционери од ДУИ веруваат дека политичката криза ќе заврши со договор меѓу Груевски и Ахмети и дека пратениците на опозицијата ќе се вратат во Собранието. Сепак, не ја исклучуваат и можноста од предвремени парламентарни избори, ако кризата се продлабочи и се радикализира состојбата. Но, и во таков случај предвидуваат победа на партиите од сегашната владејачка коалиција. Во партијата се уверени дека „бомбата“ на Заев може само да му помогне на Ахмети да издејствува некои етнички барања полесно да поминат кај коалицискиот партнер.

Аналитичарите, пак, стравуваат дека напнатоста и очекувањата се толку големи, што состојбата може да експлодира и пред Заев да ја објави „бомбата“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми