1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ни брак, ни сватови, а можеби ни веридба

19 март 2022

Посетата на Жозеп Борел на Скопје и Тирана беше неуспех. Тој дојде да понуди само „волја“ на ЕУ за почеток на преговори за двете земји кои целосно застанаа зад европските санкции на Русија. Пишува Љупчо Поповски

Nordmazedonien - Premierminister Dimitar Kovacevski trifft Josep Borrell
Македонскиот премиер Димитар Ковачевски и Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел во Скопје, 14.03.2022Фотографија: Petr Stojanovski

Еди Рама, албанскиот премиер, е специфично колоритен политичар не само за балканските простори, туку и за пошироки европски пространства. Кога неделава шефот на европската дипломатија (надлежен и за безбедноста) Жозеп Борел во Тирана ги повторуваше истите зборови кои ги кажа во Скопје – дека Албанија и Македонија одамна го заслужија отворањето на преговорите со ЕУ и дека ќе продолжи да поддржува да се случи тоа за време на француското претседателство – тоа не предизвика никаква специфична реакција кај Еди Рама. Повеќе резигнираност отколку и минимално задоволство.

Неговиот одговор беше во рамките на неговата колоритност: „Добивме и ќе добиваме изјави за љубов и заслужуваме да бидеме сакани, но нема да ги правиме подготовките за брак како порано. Овие не се појавуваат, не затоа што не сакаат, туку немаат време да се венчаат. Кога ќе бидат готови, нема да има огномет, тоа ќе биде истрошен брак“.

Репликата на Борел беше амбивалентна: „Кога зборуваме за брак, има повеќе видови бракови“.

Различни бракови

Навистина, има повеќе видови бракови. Еден од нив е посветен на Македонија и Албанија кога треба да се дели „заедничката постела“ околу санкциите против Русија поради инвазијата на Украина. Борел беше преполн со пофалби дека двете земји во овој кризен момент покажале дека се едни од најсигурните партнери на ЕУ, дека нивната надворешна политика е 100 отсто усогласена со европската, дека тие се одговорни членки на меѓународната заедница затоа што „ова е морален избор, а не избор заради калкулации“. Но во таа „заедничка постела“, барем засега ќе нема некаква помош за штетите што двете земји ќе ги претрпат од воведувањето на санкциите против Русија.

Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Тоа е еден од тие бракови. Другиот брак Борел во Скопје го опиша со зборовите: „Не можам да ви ветам датум, но можам да ви ветам волја, а таму каде што има волја има и начин да се најде решение“. Можеби Борел ги знае, а можеби и не, зборовите на прочуениот американски генерал од Втората светска војна, кој подоцна стана претседател на САД, Двајт Ајзенхауер: „Песимизмот никогаш не добива ниедна битка“, па волјата ја поврза со оптимизмот.

Но споменувањето на оптимизмот некогаш може да биде трауматично. Херојот на прочуениот роман „Шега“ на Милан Кундера од 1967 година за да предзвика некаков восхит кај девојката во која се заљубува ѝ праќа разгледница со шеговита содржина: „Оптимизмот е опиум за народ. Здравата атмосфера смрди на глупост. Да живее Троцки“. Тоа за комунистичките власти беше закана, а не шега, и таа разгледница му го загорчи животот.

Борел во Скопје влезе во јазол на објаснувања кој не се ни обиде малку да го расплетка. „Билатералните прашања веќе не смеат да загрозуваат никаков процес на пристапување, дури и кога се засновани на етничко-лингвистички разидувања“, рече тој. Но го кажа и ова: „Се обидуваме да го решиме ова со сите наши капацитети за наговарање и уверување. Еврокомесарот Оливер Вархеи е целосно вклучен во овој процес и разговараме со Бугарија сѐ додека не се се разреши ова прашање“. Па дополни: „Знам дека имате одредени очекувања, со право, и јас се надевам дека тоа ќе биде можно“ и потоа упатуваше охрабрувачки зборови да најдеме заемно прифатливи решенија со Бугарија за отворените билатерални прашања.

Наизглед нема логика – да тврди дека билатералните прашања не треба веќе да бидат пречка на простапувањето, а од друга страна да најдеме прифатливо решение со Бугарија. Но има логика кога се знае основната премиса – Европската унија секогаш прво ќе ги штити интересите на нејзина земја-членка во каков било спор, а потоа ќе мисли на оние со кои во некоја догледна иднина можеби ќе дели „заедничка постела“. Сурово е, но така е. Јавноста е иритирана и незадоволна (како што рече лидерот на опозицијата – „Борел зборуваше како да врти стара плоча“).

Велејќи дека сосема го разбирал разочарувањето во Македонија, Борел направи споредба со Шпанија (од каде што доаѓа), која исто така морала „долго да чека“. Можеби од погледот на еден Шпанец тоа било долго чекање, но од погледот на еден Македонец нашето чекање е цела една ера. Шпанскиот диктатор Франко умре во 1975 година, новата демократска влада на Адолфо Суарез поднесе барање за членство во тогашната Европска заедница во 1977 година. Преговорите беа отворени во 1979 година, а беа завршени во декември 1984. Шпанија заедно со Португалија (која стана демократска земја по „Револуцијата на каранфилите“ од 1974) официјално станаа дел од Европската заедница на 1 јануари 1986 година. Најголемиот проблем во преговорите беше договорот за риболовните квоти и земјоделството. Македонија стана кандидат за член на ЕУ во 2005 година – пред цели 17 години и изгледа малку непристојно завршените преговори меѓу ЕУ и Шпанија за пет години да се споредуваат со бескрајната кандидатската чекалница. Но, секогаш се во прашање географијата и историското наследство: Шпанија и Португалија отсекогаш се дел од западниот свет, поранешни колонијални сили, а Македонија е само мала балканска земја на која ѝ се погоди несреќата да има проблеми со своите поголеми и помоќни соседи.

Борел: С. Македонија може да почне преговори со ЕУ до јуни

01:55

This browser does not support the video element.

Во кругот на бесконечноста

Во основа, ова беше пропадната турнеја на Жозеп Борел. Тој како да дојде во Скопје и Тирана ( а потоа и во Сараево) само да се осигура деке двете земји нема да скршнат од патот на европските санкции за Путин, да каже колку војната во Украина е опасна за безбедноста на Европа и вкупната геополитичка ситуација, да биде уверен дека двете земји му припаѓаат на европското демократско семејство, но дека не знае дали и официјално ќе станат негови членови. Грубо кажано, Македонија и Албанија да ги извршат обврските посветено и со сите ресурси, а ЕУ и натаму ќе вага и превагува. Можеби до бесконечност. А во исто време, двете земји кои веќе преговараат со ЕУ, Србија и Црна Гора, не се приклучија на европските санкции.

Бујар Османи утредента се обиде да го оправда Борел, велејќи дека шефот на европската дипломатија во својот опис на работата го немал проширувањето. Без оглед на мотивот на тоа што го кажа Османи, ние, а и ЕУ, паметиме други луѓе кои беа на неговото место. Еден друг Шпанец, Хавиер Солана, со својата политичка моќ покриваше половина Европска комисија, па дури и Федерика Могерини изгледаше поагилна, попосветена и работеше со поголема жар на европската перспектива на Македонија и другите земји од регионот.

Стево Пендаровски и Димитар Ковачевски беа многу поостри од Османи. Македонскиот претседател денеска му рече на Борел дека ЕУ не може уште да ја држи настрана земјава која е докажан европски партнер. Особено во новите геополитички прилики и руската инвазија на Украина и дека отпочнувањето на пристапни преговори за земјава е тест за кредибилитетот на Европската унија. Ковачевски ги повика ЕУ и сите земји членки треба да делуваат стратешки околу интеграцијата на земјите од Западен Балкан. Состојбата на статус-кво никому не му оди во прилог, рече тој.

Веројатно разбирајќи дека пораките што ги испрати во Скопје и Тирана беа песимистички, Борел во интервју за Дојче веле се обиде да даде една оптимистичка црта: „Војната во Украина е повик за будење за цела Европа. Војната во Украина ја истакна потребата од поголемо единство. Таа ја покажува потребата да не се остави Западниот Балкан да заостанува зад европскиот развој. Затоа мислам дека е добра прилика, дека е историски момент, и би сакал да им испратам порака на сите инволвирани во овој процес да ги зголемат напорите да се надминат проблемите и пред крајот на француското претседателство, двете земји да ги започнат преговорите“.

- повеќе од авторотКолкав животен простор ѝ треба на Русија

Двете земји се заглавени во чекалницата поради блокадата на Бугарија. Ако војната во Украина е повик за будење за цела Европа“, тогаш главната порака треба да биде испратена до Софија, а не до Скопје.

Единственото опипливо нешто што му успеа на Борел е – да го зголеми евроскептицизмот во Македонија. Тоа не е мал успех – од негативната страна. Оваа земја навистина е проевропски посветена, какви што не се барем половина од општества во самата ЕУ. И сега, токму за време на оваа ужасна војна и поткопувањето на целата безбедносна и економска архитектура во Европа, да ја подјадеш таа супстанца не е мала работа. Се разбира, никој не тврди дека Борел тоа го прави намерно, но по 17 години кандидатура да се каже дека „нема датум на хоризонтот, но има волја“ не е во согласност со постојаната реторика од Брисел дека регионот мора да стане дел од ЕУ.

- повеќе од авторотИмперијални и други сништа

А дали некој воопшто забележа барем еден збор во последниов месец и пол за оние француски најави дека во јуни ќе се одржи нова конференција на лидерите на ЕУ за Западен Балкан? Можеби Македонија и Албанија ќе треба уште да чекаат, а овде да почне драматично да се ситни довербата во ЕУ. А ако Путин се појави како некаков победник во војната во Украина – дури тогаш ќе биде целосно нејасно каква порака би можеле да испратат европските лидери која би можела да ја слушне овдешната јавност, а да не ја прими со целосно потсмевање. Жално е за државава и за нејзините граѓани – но времето на ЕУ како да почна да истекува слично на песочен часовник.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми