1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема криза за тендерите

ДТЗ
23 јуни 2021

Градот Скопје за јавни набавки троши колку 59 општини заедно. Оваа лидерска позиција ја зацврсти со набавки вредни над 10 милиони евра во 2020 година.

Bildergalerie Skopje
Фотографија: DW/A. Feilcke

И во екот на пандемијата општините не се откажуваат одјавните набавки. Тие не само што трошеле како пред кризата со Ковид-19, туку кај дел од нив има и пораст на јавните набавки, а лидер во тој поглед е Град Скопје. Главниот град за јавни набавки троши колку 59 општини заедно. Но, пораст е забележан и кај уште 20 други општини.

Па така, 80 општини и Градот Скопје во 2020 година склучиле договори за јавни набавки во вкупна вредност од 8 милијарди денари, односно 129 милиони евра. Ова е речиси идентична сума како и претходната година. Меѓу фирмите, трите со најголема вредност на договори за јавни набавки минатата година се градежната компанија Гранит АД Скопје, енергетската Енерџи Деливери Солушнс ЕДС од Скопје и градежната Пелагонија од Гостивар. Ова го покажува Базата на податоци за јавните набавки на општините во 2020 година изработена од Центарот за граѓански комуникации, а која ги содржи податоците за сите 3.454 договори за јавни набавки

Од седум до 401 евро 

Општина Новаци за јавни набавки троши дури 401 евро по жител, наспроти Шуто Оризари која за јавни набавки има да потроши само 7 евра по жител. Просечно, по жител, се трошат по 56 евра. Притоа, само 29 општини трошат за јавни набавки повеќе пари од овој просек, додека останатите 52 трошат помалку пари од просекот на земјата. Покрај Новаци, која со 401 евро е недостижна на врвот, со јавни набавки поголеми по 100 евра на жител се и Илинден, Карбинци, Македонска Каменица, Зелениково, Чучер-Сандево и Кавадарци, како единствена од поголемите општини која троши повеќе од 100 евра набавки по жител.

Од Центарот за граѓански комуникации анализираат дека скромен дел од буџетските пари се инвестирани во стоки, добра и услуги кои можеле да придонесат кон подобрување на условите за живот на граѓаните. 

-повеќе на темата: Мора да се најде лек за корупцијата во јавните набавки

„Мислам дека неколку аспекти се особено важни, а кои можат да се извлечат од базата на сите општински тендери. Прво, ако кога ќе го споредите износот на јавни набавки по жител – може да сфатите која општина може, сака и има пари да вложува во развој на заедницата, а која не го прави тоа. Пример, прва од овој аспект е Новаци која за јавни набавки троши по 401 евра по жител, за разлика од, на пример, Шуто Оризари која за оваа намена има само 7 евра по жител“, вели Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации за ДВ. 

Општина Новаци за јавни набавки троши дури 401 евро по жител, наспроти Шуто Оризари која за јавни набавки има да потроши само 7 евра по жител.Фотографија: Colourbox/M. Chab

Истото е и кога ќе се погледне процентот на јавните набавки од буџетот на општината. „Оние општини кои за јавни набавки трошат повеќе од својот буџет, пример – 30, 40 па и повеќе проценти значи дека вложуваат во своите заедници, додека оние кои трошат по 3,4,5 % од буџетите за јавни набавки значи дека не им остануваат доволно пари за вложување во заедницата“, вели Филков. 

Како трет аспект, тој наведува дека индикатор за ова е и уделот на предметите на набавка во вкупните набавки, односно за што се трошат парите преку јавни набавки. „Општините кои најголем дел од парите ги трошат на градежни работи значи дека поправаат или градат улици, патишта и слично, додека оние кои најголем дел трошат на стоки и услуги значи дека имаат пари само за нивно опстојување“, коментира нашиот соговорник. 

Раст на јавните набавки

Единиците на локална самоуправа лани склучиле вкупно 3.454 договори за јавни набавки со 1.164 фирми .Вредноста на јавните набавки бележи раст кај Градот Скопје и 20 општини, додека пак намалување е евидентирано кај 61 општина. Најголеми скокови во вредноста на јавните набавки во однос на претходната година се забележани кај Градот Скопје, од 10,3 милиони евра, кај Општина Гостивар од 5 милиони евра и кај скопски Аеродром за 2,7 милиони евра. Најголеми падови, пак, во вредносен износ се забележани кај Општина Липково за 2,8 милиони евра, Тетово за 2,4 милиони евра и Штип и Прилеп по околу два милиони евра.

Најголеми скокови и падови во вредноста на јавните набавки лани во однос на претходната година се забележани кај помалите општини. Притоа, со најголем процентуален скок се општините Арачиново и Сопиште чии набавки во 2020 пораснале за повеќе од 16 пати, додека пак со најголеми падови во вредноста на тендерите се Центар Жупа и Липково за по 83 %.

Општините Охрид и Тетово рекордери по задолженост

01:19

This browser does not support the video element.

-повеќе на темата: Сите ги бројат тендерите, никој контролите

Половина од вкупно потрошените пари на општините за јавни набавки во 2020 година ги потрошиле Градот Скопје и само седум други општини. Во Градот Скопје и 10-те скопски општини се трошат дури 45 % од сите пари за јавни набавки на општините. Градот Скопје склучил договори за јавни набавки во вредност од 31 милион евра – што е една четвртина од вредноста на јавните набавки на сите општини заедно. Втора според вредноста на набавките во 2020 година е Општина Гостивар со 7,5 милиони евра, додека со 5,6 милиони евра на третото место е скопски Аеродром. Од скопските општини, уште други три општини, покрај Градот Скопје и Аеродром, се во првите десет според вредноста на јавните набавки. Тоа се Центар, Кисела Вода и Гази Баба.

На дното на табелата се неколку мали општини. Последна е Центар Жупа која е единствена општина со набавки под 100.000 евра. Покрај неа, со ниски износи на набавки се Вевчани, Ранковце, Градско, Зрновци, Сопиште и Конче.

Малку пари за заштита од корона

Трошоците на единиците на локалната самоуправа поврзани со кризата со Ковид-19 вкупно изнесуваат 10 милиони и 578 илјади евра. Буџетски трошоци поврзани со кризата во 2020 година имале 73 општини и Градот Скопје, од вкупно 81 единица на локалната самоуправа. Овој износ претставува само 1,4 % од вкупните буџети на општините во кризната 2020 година.

„Но, и оваа вкупна бројка на потрошени пари од општинските буџети за заштита од Ковид-19 од 10,5 милиони евра не ја дава вистинската слика за потрошените пари на општините за заштита од коронавирусот, затоа што дури 10 од овие 10,5 милиони, односно 94 % од сите буџетски трошоци на општините во врска со короната се направени од Град Скопје. Тоа значи дека останатите 73 општини заедно потрошиле само 600 илјади евра што е помалку и од еден промил од нивните буџети“, анализираат од Центарот за граѓански комуникации. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми