1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Никој во власта не помислува на оставка

Катерина Блажевска11 март 2015

Формирањето на преодна влада засега се чини невозможно, бидејќи за власта тaа би значелa комплетен пораз и признавање на вина за процесите посочени во аудио-материјалите, сметаат аналитичари

Фотографија: MIA

Ни осмата опозициска „бомба“ исполнета со неколку десетици индиции за изборен грабеж не ги разниша позициите на власта. Груевски суверено останува во премиерската фотелја и по барањето за оставка на неговата влада што синоќа го испорача здружената опозиција. Државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски, уште пред два дена за Дојче веле изјави дека нема никаква причина за недоверба и сомневање во неговата работа. Директорот на МРТВ, Марјан Цветковски, кој од први март годинава доби нов мандат во траење од три години, вели дека нема да го коментира барањето за оставка.

„Во првиот мандат од три години бев фокусиран на реализацијата на програмата. И за среќа програмата се реализираше во целост. Во тие три години воопшто не се впуштав во коментирање на ставови и барања на политички партии. Истото ќе продолжам да го правам и во овој нов мандат. Нема да дозволам МРТВ да влезе во дневно-политички битки“, вели Цветковски.

Дека е извесно оти нема да паднат оставки, беше јасно уште по синоќешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ, во кое целосно беше оспорена автентичноста на презентираните аудио-снимки. „Заев и неговата врхушка покажаа дека сакаат да ја држат целата држава во уцена со креирани, монтирани, сечени, лепени и прелепувани, кратени и менувани разговори по телефон без никаква автентичност“, соопшти партијата.

Според ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ е прислужник на сценарио кое има цел да предизвика конфликти меѓу граѓаните, да ја дестабилизира Македонија и да и го урне угледот пред барањата на странски центри кои не и мислат добро на Македонија.
„Апелираме да продолжат со вакви естрадни и квази-фестивалски настани, а ние ќе продолжиме да работиме, да привлекуваме инвеститори, да градиме патишта, да реконструираме болници и училишта, да продолжиме со зголемување на плати, пензии и социјални трансфери, да помагаме на земјоделците, да набавуваме автобуси и нови возови, да градиме булевари. Нема да дозволиме Заев да си поигрува со иднината, стабилноста, економскиот развој и перспективите на Македонија,“ соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Ни брзо, ни лесно!

Ваквиот одговор не им дава надеж на очекувањата што во вчерашното обраќање ги искажа минатогодишниот претседателски кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски.

Стево ПендаровскиФотографија: Petr Stojanovski

„Времето што е пред нас е критично. Режимот е на колена, но не е победен. Наша задача е тоа да го направиме, а ќе го направиме само ако сме сплотени, единствени, со една мисла. Мораме да направиме општомакедонска, сенародна коалиција, со сите слободарски граѓани и на таков начин, за најмногу еден до два месеца, да му кажеме збогум на овој режим којшто ја малтретира Македонија“, порача Пендаровски.

Лидерот на СДСМ, кој вчера побара оставки од Владата, обвинителот, раководството на МРТВ и формирање преодна влада, не соопшти низ какви чекори и активности може да се реализира таа цел, доколку не паднат оставки.

Во аналитичките кругови владее уверувањето дека ништо нема да се случи ни брзо, ни лесно. Аналитичарот Љуљзим Хазири, извршен директор на Асоцијацијата за демократски иницијативи, смета дека агонијата ќе продолжи помеѓу настојувањето на опозицијата да ги изнесе на виделина злоупотребите на власта, и од друга страна, непризнавањето од власта на каква било одговорност, користејќи го притоа парламентарното мнозинство, контролата и притисокот врз судството, полицијата и институциите.

„Се додека власта редовно администрира со обврските за плати на администрацијата и со пензиите, ќе ја одржува ваквата агонија. Албанските партии и понатаму ќе стојат настрана од случувањата, без капацитет да преземат чекор во разрешување на ситуацијата. Помалите партии на Албанците се без некое посериозно влијание. Позитивно е тоа што надвор од партиите, обичниот албански граѓанин искажува голем интерес и грижа за изнесените материјали од опозицијата. Тука ја истакнувам и значајната улога на дел од албанските медиуми кои редовно информираат за случувањата“, вели Хазири.

Тој смета дека постојат неколку можни излезни стратегии: слабеење на коалицијата на власт и можно заминување на дел од коалициските партнери; внатрепартиско слабеење и раслојување на партијата на власт; поголем и засилен ангажман на меѓународната заедница, пред се со притисок од САД и јакнење на граѓанскиот активизам и притисок врз власта. Но, смета дека меѓународната заедница засега нема доволно влијание и дека не претставува „фактор“ за власта.

На вчерашната трибина на СДСМ беше видливо бројно присуство на лица од дипломатските претставништва во Македонија, од различен ранг: од аташеа за прес до заменик-амбасадор. Дел од нив беа придружувани од службеници во амбасадите, кои симултано им ги преведуваа содржините на аудио-снимките и партиските обраќања. Тие со големо внимание ги бележеа бурните реакции на присутните во салата што ги предизвикаа повеќето аудио-снимки.

Тактика на игнорирање

И според политологот Ненад Марковиќ, сценариото за формирање преодна влада и организирање фер и демократски избори, во моментот се чини како невозможно.

„Иако е легитимно барањето на опозицијата, во светло на се што беше објавено досега, прифаќањето на преодна влада за власта би било еднакво на комплетен пораз и прифаќање на вина за процесите посочени во аудио-материјалите. Токму затоа, сметам дека ќе се продолжи со тактиката на игнорирање на тие материјали и обиди да се зададат контра-удари, од типот да се инкриминира Заев за примање поткуп, објавување на видео-снимки како „контра-бомби“... Ова е ризична стратегија, но во моментот единствено можна за власта. Сепак, до формирање преодна влада може да дојде, но исклучиво под огромен притисок на меѓународната заедница, кој иако се зголемува, се уште не е од такви димензии за Груевски да прифати преодна влада“, оценува Марковиќ. Тој смета дека и опозицијата мора прецизно да премери дали објавувањето на бомбите го надоместија јазот во рејтинзите на двете партии и дали мирно може да оди на избори на кои евентуално ќе победи.

„Во таа смисла, сметам дека ефектот на бомбите е преценет во овој момент, со оглед на фактот дека политичката лојалност во Македонија е евидентно оперирана од фундаментален морал и се сведува на штитење на персоналните економски интереси и привилегии кои се добиваат од определена политичка елита преку клиентелистички и патронажни мрежи“, дециден е Марковиќ. Во однос на содржината на објавените материјали, тој нема дилема дека тие само уште еднаш ја зацврстија позицијата на комплетно дерогирање на изборниот систем.

„Иако обемот на овие нерегуларности не може прецизно да се утврди, па тешко е да се каже дали имаме комплетно или делумно нелегитимен изборен процес, квантитетот се чини небитен со оглед на чуеното. Стана јасно дека најголемата забелешка во извештаите на ЕУ, за фузијата на партијата и државата, е повеќе од точна и добива загрижувачки димензии. На ова се надополнува и крајно негативната карактеризација на личностите инкриминирани со аудио-материјалите, што во политиката е важна варијабла во донесувањето на политички преференци“, укажува тој.

Злосторничко здружување

Токму содржините на аудио-снимките, според Жарко Трајаноски, експерт за човекови права, укажуваат на индиции за злосторничко здружување од повеќе лица во извршната власт, за вршење на сериозни кривични дела во врска со изборите: противзаконско овозможување на голема група лица да користат избирачко право (фалсификување лични исправи и запишување на десетици лица на иста адреса), индиции за спречување на гласање, („ќе ги исклучиме лифтовите“, спречување на граѓани и полицајци да гласаат), организирана злоупотреба на избирачко право (гласање за починати лица и повеќекратно гласање), поткуп при избори, уништување на изборен материјал, повреда на тајноста на гласањето (кражба на гласачки списоци), изборна измама, злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања (тајно донирање на авионски билети)...

Раководството на СДСМФотографија: Petr Stojanovski

„Севкупноста од сите споменати индиции, сериозно ги доведува под прашање не само легитимноста на изборите, туку и капацитетот на МВР да ги заштитува граѓаните од изборен и секаков друг вид криминал. Оттаму, најлогично е да се побара оставка од министерката за внатрешни работи, од директорот на УБК и од премиерот, поради нарушената безбедност на државата, поради масовното кршење на човековите права на граѓаните и поради злоупотребата на државните ресурси за партиски цели од страна на државни и партиски функционери, за кои постојат основани сомненија дека злосторнички се здружиле за да вршат кривични дела во врска со изборите“, вели Трајаноски.

Но, она што за едни е логично, за други не е. Јавноста и натаму е длабоко поделена. Едни го подржуваат Заев во објавувањето на вистината „за демаскирање на власта“, други бараат „да запре со лагите“. Аспектот има и трета страна. Еден од дипломатските претставници во неформален разговор признава дека првиот совет што им го дава на своите нови колега, гласи: „Некои работи можеби ќе ви изгледаат нелогични, но навикнете се да не барате логика. Тоа овде не важи“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми