Дури и успешно да се имплементира Парискиот климатски договор, планетата сепак би можела да се загрее за дополнителни 5 степени, предупредуваат научниците. Делови од светот можат да станат невозможни за живеење.
Реклама
Заедничка студија на меѓународни климатски научници од Германија, Шведска, Данска и Австралија излезе со црни прогнози: дури и доколку се исполнат целите на Парискиот договор и глобалното затоплување се ограничи на максимум 2 степени Целзиусови во однос на пред-индустриските нивоа, климатскиот систем сепак би можел да доживее уништувачка пресвртна точка.
„Човековите емисии на стакленички гасови не се единствените детерминанти на температурата на Земјата“, вели Вил Штефен, водечки автор на студијата и истражувач на климатските промени.
„Нашата студија наведува дека глобалното затоплување од 2 степени предизвикано од човекот може да предизвика други процеси во Земјиниот систем, често наречени 'фидбекс' кои можат да водат кон натамошно затоплување- дури и доколку престанаме да емитуваме стакленички гасови“, вели тој.
Глобалните просечни температури во таков случај на долг рок ќе застанат меѓу 4-5 степени повисоко од пред-индустриското доба, открива студијата.
Нивото на морето би можело во таков случај да се покачи меѓу 10 и 60 метри, со што би биле поплавени бројни острови и приморски градови како Венеција, Њујорк, Токио и Сиднеј. Таквите големи населени места ќе мора да бидат напуштени.
Научниците го нарекуваат ова сценарио „оранжериска Земја“.
Домино ефекти
Иако Парискиот климатски договор од 2015 година, за кој се согласија 197 нации, ја наведува границата од 2 степени Целзиусови, научниците не се сигурни дека тоа ќе биде доволно за избегнување на климатска катастрофа, предупредува ко-авторот на студијата Јоахим Шелнхубер.
„Сѐ уште не знаеме дали климатскиот систем ќе биде зачуван на сигурно со 2 степени“, вели тој.
Но тоа не значи дека Парискиот договор е бескорисен и дека треба да се напушти, како што стори претседателот на САД Доналд Трамп во 2017 година.
„Целосната имплементација на договорот следејќи патека на брза декарбонизација преку социо-економска трансформација го минимизира ризикот од активирање на самозасилувачките климатски промени“, вели Џонатан Донгес, уште еден од ко-авторите.
И покрај апокалиптичните предупредувања кои произлегоа од студијата, ко-авторката Кетрин Ричардсон од Универзитетот во Копенхаген вели дека нивната цел не е да претстават безнадежно сценарио.
„Мислам дека нашата студија има многу позитивна порака“, вели таа додавајќи дека вистинската акција против климатските промени бара зголемена свест за потенцијалните ефекти.
„Се обидуваме подобро да ја разбереме нашата улога во Земјиниот систем, и да делуваме согласно. Ќе бидеме во многу тешка ситуација доколку не го разбереме фактот дека не правиме доволно“, вели Ричардсон.
Растечката пустина
Плодната почва исчезнува, огромни површини земјиште еродира. Преку својата конвенција за борба против опустошувањето (дезертификацијата), ОН се обидуваат да го запрат ваквиот развој.
Фотографија: DW/Stefan Dege
Суви пространства
Камен, песок и солени пустини- речиси една третина од површината на земјата е скудна, неплодна земја- површина која постојано се зголемува. Поголемиот дел се создал низ илјадници години, како на оваа фотографија на која е планините Хогар во Алжир. Но денес ширењето на пустините е резултат на односот на човекот.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Суво, и станува посуво
Со дезертификацијата се означува пресушената земја. Тоа особено се случува во региони кои веќе се жртви на суша, како делови на Африка, Америка и Азија. Ова житно поле во Тексас (САД) не ја преживеа големата суша која се случи во летото 2011.
Фотографија: Getty Images
Зависи од луѓето
Околу 70 илјади квадратни километри пустини се создаваат секоја година- регион со големина на Ирска. Освен климатските промени, во прв ред виновни се луѓето за ширењето на пустината. Земјоделците, како овие во Бразил, во иднина ќе мораат да се адаптираат на промените во климата и да засадуваат одржливи култури.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Прекумерното пасење води кон суша
И преголемиот број животни ја пресушува земјата. Тие ги преживаат последните мали растенија, па земјата повеќе нема заштита од ветер и вода. Кога ќе настапи суша, тоа набрзо води кон опустошување: земјата станува кревка и слаба и брзо пропаѓа.
Фотографија: DANIEL GARCIA/AFP/Getty Images
Премногу фарми
Веќе раширената суша им је отежнува работата и на фармерите- како на ова житно поле во Мексико. Не помага ни тоа што полињата често не се одржуваат добро. По жетвата, не и се дава време за опоравок што и е потребно пред следната сеидба. Резултатот е што земјата губи хранливост и помалку растенија растат- што пак води кон ерозија.
Фотографија: Ofelia Harms
Исчезнуваат и шумите
Бројот на дрвјата исто така драматично се намалува. Поради потрагата по горива, дрво, за проширување на обработливото земјиште или живеалишта, луѓето ги сечат дрвјата и ги уништуваат шумите. Дрвјата ја спречуваат ерозијата на земјиштето од водата или ветрот. Но, со нивното сечење земјата станува ранлива- и брзо пресушува.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Вода, вода насекаде...
Населението расте, а со тоа се зголемува и конзумацијата на водата. Последниве 50 години, тоа е двојно зголемено. Делумно, тоа е резултат и од интензивната земјоделска иригација, со што резервите на вода драматично се намалија.
Фотографија: AFP/Getty Images
Верижна реакција за екосистемот
Откако опустошувањето ќе започне, тоа предизвикува верижна реакција: бидејќи посевите се уништени, водата исчезнува а земјата се суши. Земјата станува солена и тешка, како тука во Индија. Тешко е потоа да се спаси вакво пресушено земјиште.
Фотографија: AP
Далекусежни последици
Опустошувањето не само што води кон уништување на екосистемот, туку последиците се уште подлабоки. Може да води кон уништување на животински видови, сиромаштија, глад и недостаток на вода- што сето води кон суша. Во западноафриканските земји, како тука во Буркина Фасо, ширењето на пустината има катастрофален ефект врз луѓето. Се работи за ѓаволски круг.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Повторно оплодување на сувата почва
Повторното оплодување на почвата е можно, но многу скапо. Најчесто, пошумувањето се смета за добар начин да се поврати вегетацијата. Новите дрвја, како тука во Доминиканската република се садат за да се заштитат планините од ерозија. Досега, успехот на ваквите проекти на светско ниво беше умерен.
Фотографија: DW / Sascha Quaiser
„Најголемиот еколошки предизвик на нашето време“
Конвенцијата на ОН за борба против опустошувањето стапи во сила во 1996 година. Оттогаш, целта е да се поврати сувата земјата и да се спречи ширењето на пустината. На 17 јуни секоја година се одбележува борбата против опустошувањето (дезертификацијата).