Нобеловата награда за економија за двајца американски научници
12 октомври 2009Двајца американски научници, Елинор Остром и Оливер Вилијамсон ја добија годинешната Нобелова награда за економија, соопшти Шведската академија на науки. Остром, која е родена во 1933, стана првата жена која ја добила наградата за економија од нејзиното востановување во 1968 година. Претходните 62 добитници беа мажи.
Академијата соопшти дека нивното истражување покажало како „економската анализа може да ги расветли различните форми на социјална организација“. Остром, наградата ја добила за нејзините анализи на економското владеење, додека Вилијамсон е награден за неговите анализи на економското работење од аспект на границите на компаниите. Обајцата ќе ја поделат наградата вредна 1 милион евра.
Американските граѓани во изминатите децении доминираа во оваа категорија од Нобеловите награди, која не е една од оригиналните востановени од шведскиот индустријалец Алфред Нобел.
Наградата за економија, заедно со оние за медицина, физика, хемија и литература ќе им бидат врачени на лауреатите на 10 декември во Стокхолм, додека церемонијата за наградата за мир, која ја доби американскиот претседател Барак Обама ќе се одржи во Осло, истиот ден.
Автор: БГ/ЖА/дпа
Редактор: Александра Трајковска