1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нобелова награда за економија- за сузбивање на сиромаштијата

ЖА
14 октомври 2019

Како да се намали сиромаштијата во светот? По одговори на ова прашање истражувале Абиџит Банерџи, Естер Дифло и Мајкл Кремер, за што ја добија годенешната Нобелова награда за економија

Zeichnung Wirtschaftsnobelpreisträger 2019 | Abhijit Banerjee, Esther Duflo and Michael Kremer
Фотографија: Nobel Media/Niklas Elmehed

Нобеловата награда за економски науки годинава ја добија Абиџит Банерџи, Индиец по потекло, Французинката по потекло Естер Дифло и Американецот Мајкл Кремер, како што соопшти Шведската кралска научна академија денеска во Стокхолм. Престижното признание му се доделува на триото за експерименталниот пристап за ублажување на глобалната сиромаштија. „Истражувањата на годинешните лауреати значително ги подобрија нашите можности за борба против сиромаштијата во светот“, се вели во образложението. Во Франција родената Дуфло е втора жена, а истовремено и најмлада личност која досега ја добила Нобеловата награда за економија.

„Ова ја покажува можноста за успех и на жените, како и за добивање признание за нивниот успех. Се надевам дека ова ќе биде инспирација за многу други жени да продолжат со работа, како и за многу мажи да им укажат почит каква што заслужува секое човечко битие,“ изјави Дуфло.

Сите тројца научници се професори на американски универзитети.

Со ова, објавени се сите носители на Нобеловите награди за оваа година. Минатата недела во Стокхолм беа обелоденети носителите на наградите за медицина,  физика,  хемија и  литература,  а во петокот и на  Нобеловата награда за мир  во Осло. Сите признанија годинава се дотирани со девет милиони шведски куни, односно околу 830.000 евра, а ќе бидат врачени на 10 декември, денот на смртта на пронаоѓачот на динамитот Алфред Нобел.

Нобеловата награда за економија е единствената која не е содржана во тестаментот на Нобел. Таа се доделува од крајот на 1960-те години на иницијатива на шведската Рајхсбанка и со тоа, фактички не влегува во кругот на класичните Нобелови награди. Од првото нејзино доделување во 1969 година досега, меѓу добитниците е само еден Германец: научникот од Бон, Рајнхард Зелтен, пред 25 години ја доби наградата заедно со Џон Неш и Џон Харсањи .

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми