1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Наука

Нобеловата награда за медицина за Јапонецот Охсуми

СН/ агенции
3 октомври 2016

Јапонскиот молекуларен биолог Јошинори Охсуми е годинешен добитник на Нобеловата награда за медицина, за истражување на аутофагијата, клучен механизам за обнова на клетките и реакцијата на организмите на глад и инфекции.

Секретарот на Нобеловиот комитет на шведскиот Каролинска-Институт, Томас Перлман го објавува добитникот на наградатаФотографија: Getty Images/AFP/J. Nackstrand

Во образложението за доделувањето на оваа престижна награда на Јошинори Охсуми, жирито на Каролинска-институтот во шведскиот главен град Стокхолм меѓу останатото наведе: „Генетските мутации можат да предизвикаат заболувања, а процесот на аутофагија е содржан во многу болести, како ракот и невролошките состојби“.

Концептот на аутофагија е откриен во 60-тите години од минатиот век, кога научниците проучувале спојување на клеточни компоненти со органелот лизозом и рециклирање на создадената содржина, наведе Нобеловиот комитет од Институтот Каролинска кој ја додели наградата. Феноменот на аутофагијата главно беше непознат до почетокот на истражувањата на Охсуми во 90-тите години и неговите „брилијантни достигнувања“ во идентификација на аутофагиените гени и докази дека слични механизми делуваат и во човековото тело, се додава во образложението на Комитетот. 

Јошинори ОхсумиФотографија: picture-alliance/dpa/Inamori Foundation

Охсуми е роден во Фукуока во 1945. година, а докторирал на Универзитетот во Токио во 1964. година и работел 3 години на Универзитетот Рокфелер во Њујорк, по што се вратил во Токио и основал сопствена лабораторија.

Од 2009. година работи како професор на Технолошкиот институт во Токио.

Нобеловата награда за медицина минатата година ја добија Американецот со ирско потекло, Вилијам Кембел, и Јапонецот Сатоши Омура за откритието во областа на лекувањето на паразитски болести, и Кинезот Ту Јују за откривање на нова терапија за маларија.

Нобеловата награда се состои од плакета и медал со ликот на Алфред Нобел и паричен износ од 8 милиони шведски круни (околу 834.000 евра).

Наградата за медицина се доделува прва во низата признанија, а до понеделник ќе бидат соопштени и имињата на добитниците на наградите за физика, хемија, мир и економија. Добитникот на наградата за книжевност ќе биде познат на 13. октомври.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми